СДСМ: Владата ниже економски успеси

АКЦИЈА
loading...

Планот за економски раст и мерките што ги презема Владата предводена од СДСМ продолжуваат да нижат успеси, а за тоа говорат и бројките што се движат во нагорна линија, велат во соопштение од владејачката партија.

Оттаму додаваат дека според официјалните податоци, индустрискиот раст во месец јуни бележи пораст од 12,1 отсто во однос на истиот месец минатата година, што истовремено е рекорден индустриски раст забележан досега. Истовремено, велат од СДСМ, вкупниот индустриски раст за првата половина од 2018 година е за 5 отсто повисок споредено со истиот период од 2017 година.

„Порастот во енергетиката од 12,3 отсто, во капиталните производи од 34,2 отсто, во производите за широка потрошувачка од 20,1 отсто и во производството на текстил од 13,8 отсто, се показател дека Владата спроведува ефикасно мерки, стабилни на долг рок и со нив се опфатени сите индустриски гранки“, се наведува во партиското соопштение.

Според владејачката партија, ваквите позитивни резултати на растот во индустријата овозможуваат позитивен економски тренд, што истовремено е проследен и со раст на другите економски параметри, како што е порастот на просечната плата на 24 509 денари, како и порастот на извозот од 14,1 отсто за првата половина од годинава.

„Преку добро осмислена економска стратегија, без непродуктивни трошења, со добро искреирани проекти, преку Законот за финансиска поддршка вклучително со сите мерки од трите столба, преку намалувањето на јавниот и државниот долг, Владата предводена од СДСМ ја стабилизираше и ја врати довербата во македонската економија“, додаваат од партијата.

Истакнуваат дека Владата предводена од СДСМ продолжува со зацртаната економска стратегија што обезбедува економски стабилна и развиена држава со подобар животен стандард. Таквиот процес, се наведува во соопштението, освен со успешните економски мерки, уште повеќе ќе се интензивира со влезот на Македонија во НАТО и со почнувањето преговори за членство во ЕУ.

loading...