Ова нивното не е паника, нивното е ПАРАНОЈА

АКЦИЈА
loading...

Пишува Арслан Арсланов за Свест.мк

Мислеа дека ќе владеат со децении, овој пат нема да ја направат грешката што ја направија нивните партиски претходници кои едвај успеваа да ја избуткаат не повеќе од еден мандат. А види ги опонентите, си владееја цели единаесет години и уште ќе си владееја да не ги симнеше меѓународната.

Е затоа сега ќе се ресетираме, ќе се вратиме на титоизмот, ќе ги поапсиме нив и нивните блиски и ќе ги држиме сите под контрола. Од време на време ќе ги честиме со прослави, музика, пиво, скара… и така партијата на власт ја разработи својата стратегија – ред тортура, ред турбо фолк, пиво и скара. Идиотизмот беше нивната стратегиска цел, да се создадат што повеќе идиоти кои ќе ја осигуруваат власта со својата тапост.

Но ете, оваа тактика веќе тешко проаѓа. Денес луѓето брзо ги дознаваат заткулисните интриги, светот е хаотичен, луѓето се множат, ѓубрето се зголемува. Денес ќе им биде тешко да ги контролираат масите како што тоа го правеле во времето на едноумието. Денес луѓето имаат силни нервози и амбиции. Светот влегува во еден хипер анархичен период во кој секој е крал во својот универзум и петел на своето буниште, плус тероризмот кој полека но сигурно станува мода. Еееј терористички чин сфатен како уметнички акт. Тоа е сеопштото лудило на нашето време. И во такво милје нема време за долго и спокојно владеење. Посебно ако мислите својата некомпетентност да ја замените со итрост и закани, да ја заташкате со терор и малтретирање.

Луѓето манифестираа граѓанска непослушност и презир. Пораката беше доставена таа саботна вечер. Сега народот ги напушти, останаа сами со шака свои подржувачи. Соништата за долго и благополучно владеење полека но сигурно испаруваат, се губат во хоророт на небиднината. Наскоро ќе падне ноќта… најмрачната ноќ, најцрната ноќ настапува, а во неа талка ѕверот. Бара крв и месо, го демне својот плен.

Во овие времиња сигурноста е најскапоцениот фактор на егзистенцијата. Но, кога народот го напуштил, властодржецот веќе ја насетува својата морничава судбина. Власта во својата параноја прави се повеќе и повеќе прекршувања на законите и Уставот што опасно ги разгневува граѓаните. Кога веќе не можете на легалистички начин да ја контролирате перманентната злоупотреба на власта, тогаш најразгневените создаваат нови стратегии од кој властодршците треперат.

Тие знаат дека тие дејствија можат да бидат ужасни по нив самите и по нивните блиски, но таква е цената кога го мамите сопствениот народ со глупави флоскули и лажни ветувања, а притоа постојано терате тежок криминал. На владеачите напуштени од народот судбината им е страшна. Сами во лавиринтот со ѕверот кој доаѓа по нив.

loading...