Дефинирано е референдумското прашање: Ќе има четири во едно

АКЦИЈА
loading...

Одлуката за распишување на референдум стигна до Собранието на Република Македонија. Според истата, референдумот ќе се одржи на 30 септември и ќе има консултативен карактер.

Референдумското прашање ќе гласи како што најави премиерот Заев:

„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?”

Собранието ќе го распише референдумот за промена на името денеска попладне. Сé уште нема информација со каков став ќе настапи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но од партијата велат дека својата позиција ќе ја соопштат на прес конференција.

Неофицијално, Алсат дознава дека седницата ќе се одржи во 15:00 часот, а во меѓувреме собранискиот спикер Талат Џафери би требало да има средба со претставник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Референдумот може да биде распишан и без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. На парламентарното мнозинство му се потребни 61 глас.

Да потсетиме, еден од многуте кои го разобличија апсурдот на вака поставеното прашање беше и професорот Љубомир Цуцуловски. Како што појасни тој, во ваквото прашње всушност се кријат 4 прашања:

„Зад навидум едното референдумско прашање, се кријат најмалку четири прашања, кои според логиката и здравиот разум (патем, логиката и задравиот разум секогаш одат заедно) мора да се издвојат и за секое од нив одделно да се изјаснува. Зошто тврдам дека се кријат најмалку четири прашања? Затоа што:

(1) Некој може да биде за ЕУ, но да не биде за НАТО и Договорот.
(2) Некој може да биде за НАТО, но да не биде за ЕУ и Договорот.
(3) Некој може да биде и за ЕУ и за НАТО, но да не биде за Договорот.
(4) Некој може да биде за Договорот, но да не биде за ЕУ и НАТО, што е малку веројатно, но што е во ова лудило можно. “

Тогаш професорот даде и свој предлог:

„Следејќи го начинот на кој функционира Зоран Заев, предлагам референдумското прашање (ако дојде до него) да биде:

„Дали сте за Европската унија и НАТО, и за поддршка Вашето семејство да биде растурено?“

Само така на граѓаните ќе им се „олесни“ изборот. Ќе треба да бираат помеѓу тоа дали се за ЕУ и НАТО, или се евентуално и за своето семејство. Ако го одберат второто (семејство), ќе „покажат“ невиден егоизам, идентичен со патриотизам, што никогаш не му „прилегало“ на Македонецот. Затоа, таквиот резултат од референдумот однапред треба да биде осуден и отфрлен од сите (без исклучок!), вклучувајќи ги и оние кои така гласале.“

loading...