На Миленко му се заканува казна затвор до 5 години

АКЦИЈА

Секторот за компјутерски криминал во МВР од денеска собира докази од социјалните мрежи за говор на омраза. Наредбата до МВР ја испратиле со напомена да им биде одговорено веднаш, а прв под лупа им е фејсбук профилот на Миленко Неделковски, велат извори од обвинителството за тв24.

Но, не само објавите од Неделковски, се анализираат и коментарите во кои се повикува на омраза кон грчките граѓани, по катастрофалните пожари.

„Се обезбедуваат докази во законска форма, секторот за компјутерски криминал и форензика треба тие материјали да ги собере во електронска и писмена форма и да ни ги достави, за да продолжиме со предистражната постапка.“ – вели анонимен извор од обвинителството.

Нашите извори брифираат дека овој предмет е во рацете на обвинител, кој докторирал на тема говор на омраза. Водителот Неделковски на својот фејсбук профил продолжи со објави во кои ги правда своите ставови кон грчкиот народ, но во телефонски разговор не сакаше да ја коментира предистрагата на обвинителството. Иако јавноста е поделена каде е границата меѓу говорот на омраза и слободата на изразување, правниците порачуваат дека првото дело има строго определени елементи кои го разликуваат од правото на слободно изразување.

„Прво треба да се анализира целта и намерата на оној кој што ја пишува пораката, а целта е да поттикне насилство. Не треба да се гледа само целината, туку целиот контекст што бил напишан и да се следат последиците од ваквото ширење на говор на омраза“ – вели Павлина Зефиќ, адвокат.

Говорот на омраза е опфатен во членот 319 од кривичниот законик, според кој затворската казна се движи од 1 до 5 години, а ако говорот предизвикал и насилства може казната се движи и до 10 години. Но, казнувањето на повиците на омраза во кои има и закани дека ќе се изврши некое кривично дело поради различна припадност, е опфатено и во членот 144- односно загрозување на сигурноста. И тука казната е од 1 до 5 години.

Пожарите во Грција поттикнаа низа апели за поддршка и помош во Македонија, но и расистички и ксенофобични коментари.

loading...