Pray for Grease

АКЦИЈА

СЕВЕРНО ОД УМОТ со АЛЕКСАНДАР РУСЈАКОВ
БУКЕФАЛ

Гори Грција. Гори и Македонија. Грција од вистински, а Македонија од политички пожар. Грчкиот пожар, и покрај трагично загинатите, ќе биде згаснат, штетата ќе биде санирана и животот ќе продолжи. Како со секоја елементарна непогода, трагедија, несреќа. Македонскиот политички пожар е контролиран, има намера да ја согори Македонија до последниот Македонец, последната Македонка. Грчкиот пожар е заради небрежност или е намерно подметнат, а и во двата случаи помогнале временските услови за да дојде до катастрофата. Македонскиот пожар е со намера подметнат и постојано потпалуван. Пиромани се меѓународната заедница, грчката нацистичка политика, македонските политички предавници и тукашните платеници.

Нема да се занимавам со грчкиот пожар. Бог да ги прости несреќно загинатите! Го избирам тоа свесно, потребни ми се сили за гаснење на македонскиот пожар. Македонија е во војна со изопачената моќ и тукашниве лудаци кои сакаат да ни го сменат името, убијат идентитетот, да ни ги изгорат постоењето, историјата, културата и традицијата. Затоа, одбивам да си губам сили и нерви околу грчката трагедија. Особено кога гледам дека со ова се занимава лажната авангарда, интелектуалната бижутерија, самобендисаната и самопрогласена елита Фејсбук хистерици.

Е не ги можам. Навистина не ги можам. Дежурни Фејсбук некрофили кои чекаат несреќа, трагедија, тероризам за да акнат слика со која ни покажуваат како тие страдаат и сочуствуваат со настраданите. Тие се Шарли Ебдо, па се молат за Палестина, запаѓаат во хистерија за поплавите во Србија, потоа се Батаклан, паѓаат во несвест за Бостонскиот маратон, па се молат за Грција и така со секоја трагедија. Е ама селектираат. Терористички напад во Русија со стотина убиени ништо не им значи. Земјотрес во Турција не ги допира. За поплави со катастрофални последици во Кина баш ги заболе. Они лелекаат на трагедии во меинстрим држави. Тоа им е првата фаза. Како на копче, започнуваат со своите исфолирани „тажачки“ спрема настраданите и како некои зомби редачки мантраат, за сите да видат, колку се потресени и скршени од болка. А нема врска. Додека јавно глумат скршеност и тага, во нивните камени срца има само хистерична омраза спрема оние кои не мислат и дејствуваат како нив. Убеден сум. А тоа се гледа во нивните следни чекори.

Откако ќе се изналелекаат, следи промена на профилната слика или со знамето на државата каде се случила несреќата или со фразата „Моли се за Франција, Грција, Белгија“. И повторно лажен траор и папагалски повторувана загриженост. Потоа следи прозивка на оние кои не реагириаат и не запаѓаат во нивната хорска тага. Па доаѓа ловот на вештерки. Чекаат да уловат некој што фатил сеир, се сител на туѓа несреќа, напишал статус полн црн хумор. Глупо е да се ситиш на туѓа несреќа, зашто не знаеш од каде ќе стигне твојата лична несреќа, ама интелектуалнава бижутерија е последна која има право да прозива. Изгледа перверзно и бизарно кога тие ловат говор на омраза. Затоа што самите се полни со омраза и тоа до пукање. Ај што ги знаеме колку се себични и самобендисани, какви материјалисти и егоисти се, ај што знаеме дека немаат никаква сомилост за никого, освен онаа лажна и лицемерна за на Фејсбук, ама знаете ли како тие препознаваат говор на омраза и што прават потоа? Запаѓаат во хорска хистерија на неконтролирана омраза спрема оној што го обвинуваат за говор на омраза. Па го колнат, го вреѓаат, бараат да биде убиен, обесен, расчеречен и стотици други гнасотии полни омраза. Е како бе тоа, од нечија омраза нè бранат со својата, илјадапати поголема омраза? Затоа не ги можам.

А најмногу не ги можам заради нивните двојни стандарди. Додека глумат траор заради бомба во Брисел или пожар во Грција ги заболе таквото за грчкиот геноцид врз Македонците или за милионите убиени деца прогласени за колатерална штета во психопатските НАТО инвазии и спремни се да потпишат договор во кој ќе потврдат дека немало ѕверства и терор во Егејска Македонија само за да станат дел од НАТО кое ќе продолжи да масакрира невини цивили ширум светот кревајќи пекол од воени пожари. Затоа, кога гледам како интелектуалната бижутерија става профилна фотографија со натписот PRAY FOR GREECE, ми иде да акнам слика со Џон Траволта и Оливија Њутн Џон со натпис PRAY FOR GREASE.

loading...