Окно: Новите „бранители“ на името Македонија и „егејското прашање“

АКЦИЈА
loading...

Луѓето на фотографијата се мојот бегалски егејски род.

Тие се моите баби, дедовци, тетки, моите родители, брачеди и роднини, чие бегалско страдање го паметам. Тие беа бегалци од Граѓанската војна во Грција. Тие ме научија дека војната и омразата меѓу народите не се победува со уште поголема омраза, туку само со мирољубивост. И со простување на неправдата. Оти овие за мене скапоцени луѓе живееја според заповедите на нивната христијанска вера. Моите роднини не беа агитатори во Граѓанската војна во Грција. Тие не беа ниту членови на некоја партија. Тие беа обични селани и сточари, трговци, чесни и трудољубиви луѓе. Нив војната ги погоди како што обичните луѓе ги погодува секоја војна, секоја катастрофа. Уверена сум дека најголемиот број на егејските бегалци беа такви луѓе, луѓе што до крајот на животот не сфатија што се случи со нив. Ним партизаните им рекоа да ги напуштат куќите само за два-три дена, дури не помине офанзивата. Не им кажаа дека, можеби, никогаш не ќе се вратат дома. Во своите куќи, кои ги оставија суредени, изметени – за да чекаат на нив. На сите што се прашуваат како можам да се застапувам за помирување меѓу Грците и Македонците, како можам да им простам на Грците за тоа што им го сториле на моите предци, можам само да им кажам да ги погледнат лицата на вдовиците во целосна црнина. Од нив научив колкава е силата на прошката. Од нив научив колкава е силата на љубовта. Не само кон своите, туку кон сите луѓе. Од мојата прабаба научив дека омразата прво го труе и го окаменува срцето на тој што мрази.

Тие ми го оставија заветот на мирољубивоста. Во нивен спомен верувам дека токму потомците на егејските бегалци можат да станат мост за помирување на Македонците и Грците. Заради оваа моја визија, многумина од луѓето со егејско потекло ме нарекуваат „предавник“. Само тие самите знаат зошто го чинат тоа. Јас, пак, мислам дека тие се самите „жртва“ на несреќната констелација наречена „егејско прашање“. Таа е рецидив од една трагична историја која се одигра пред седумдесет години. Таа долго беше табуизирана во Југославија. Секако, таа уште подолго беше табуизирана во Грција, државата чии државјани беа нашите егејски предци и родители.

Трагично е што во клучните историски моменти Македонците се длабоко разединети. Сега се создаде расцеп дури и помеѓу потомците на егејските бегалци. Секако, ова тажно сознание само потврдува дека историјата на македонскиот „расцеп“ во однос на темелните национални интереси не е мит. Таа е реалност. Но, погубно е кога таа реалност ќе почне да се култивира во националистичка, пропагандистичка или партиска смисла.

Но, што се крие зад тој симптом кај противниците на Договорот, кои, небаре, преку ноќ станаа ревносни „бранители“ на „егејското прашање“? Фанатичните противници на Договорот се чинат длабоко загрижени за судбината на Македонците во Грција, за тоа дека Егејците со Договорот ќе биле избришани од историјата, дека неправдата сторена кон егејските бегалци ќе се заборавела. Ако нивната национална свест и сочувството со страдањето на Егејците е навистина искрена, тогаш морам да се прашам кој во југословенското минато ги создаде сите негативни слики за „Егејците”? Кој бегалците ги нарекуваше погрдно „Егејчишта”? Кој им велеше, во секој миг на криза во односите со јужниот сосед, дека заради нив им се нарушуваат добрите односи со Грција? Зошто во овие долги години на преговори за името никој од нив не направи силен аргумент од „егејското шрашање“, доколку овие луѓе отсекогаш знаеле дека тоа била суштината на проблемот со Грција?

Целиот текст прочитајте го тука

loading...