76 години по Никола Вапцаров: Дневникот што го чува внука му открива скапоцени податоци за Македонија

АКЦИЈА
loading...

Превземено од Денешен.мк

Утре, 23 јули, се навршуваат 76 години од стрелањето на Никола Јонков Вапцаров. Ова се дел од спомените на внуката на Никола, Маја Вапцарова, запишани од Блаже Миневски, во едно друго, минато време за Македонија:

До крајот на оваа година треба да излезе од печат ексклузивна книга на Никола Јонков Вапцаров. Станува збор за негов непознат дневник, воден до Воено-поморското училиште во Варна од 1926 до 1930 година. Дневникот пред извесно време ми го даде чичко Ѓорѓи, кој умре на 96 години. Тој и чичко ми Никола учеле заедно во Варна. Старецот тој дневник го чувал кај себе речиси седумдесет година. Пред да умре, ме викна дома кај него, и со солзи во очите ми го предаде:

”Ова е ваше, иако цел век е дел од мојот живот”, ми рече.

Во дневникот има многу скапоцени податоци за Вапцарови, но и за Македонија – вели Маја Вапцарова, внука од братот Борис на поетот и македонски револуционер Никола Јонков Вапцаров.

Во својата семејна архива, таа, како што ни рече, го чува и македонското знаме на четата на нејзиниот дедо Јонко, војвода во Пиринска Македонија, но и една уникатна фотографија на Никола. Таа фотографија тој му ја испратил на својот помлад брат Борис, а Борис пред смртта и ја оставил на својата ќерка Маја.

– Татко ми постојано си ја носеше оваа фотографија во новчаникот. Сега ја носам јас – вели таа вадејќи ја фотографијата од својот паричник.

– Оваа фотографија досега не е публикувана нигде. Можеби за првпат ќе биде објавена во дневникот што треба да се печати. Фотографијата е напаравена на 4 март 1942 година, значи непосредно пред да го затворат. На неа, одзади, пишува:

”На брат ми, Борис, за да не се пресече споменот на Вапцарови и за да не биде бунтот претворен во лажни тиради”.

Посебна приказна е часовникот на дедо Јонко, кој во нашето семејство се чувал со голема љубов и внимание. Татко ми Борис кажуваше дека на војводите, кои имале свои чети по планините, ВМРО во тоа време им давала лично оружје и опрема. Секој војвода добивал пиштол, лебел или нагант, потоа бинокол и часовник. Како славен војвода, во 1902 година тоа го добил и дедо ми Јонко Вапцаров. Според татко ми, тоа бил стар часовник „Омега”, со црн капак и со стари римски бројки. Тоа е истиот оној часовник што Пејо Јаворов го спомнува во своите “Ајдучки копнежи”, напишани додека престојувал во четата на дедо ми. Тој пишува дека војводата никогаш не се делел од часовникот; дури и во најжестоките битки проверувал дали работи. Со него подоцна бил и во Еди-куле, на заточение, а во 1928 година му го спасил и животот. Дедо ми Јонко, како што ми кажуваше татко ми, тогаш бил во судир со Ванчо Михајлов, и, како што било вообичаено, му бил испратен човек да го убие. Платениот убиец пукал во него во една темна уличка близу плоштадот во Банско. Дедо ми Јонко, како и секогаш, го носел својот часовник “Омега” во горниот xаб на елекот. На часовникот, прикачено на алката, висело сребрено медаљонче. Кога атентаторот пукнал, првиот куршум удрил токму во тоа медаљонче. Вториот куршyм го погодува во левото рамо, му го пронижува градниот кош и запира во десната плешка. Дедо Јонко успеал некако да земе камен и да го фрли кон човекот испратен од Ванчо Михајлов. Атентаторот побегнува, а војводата сепак останува жив. Се разбира, благодарејќи на часовникот. Подоцна, по смртта на дедо ми, часовникот од болницата каде што починал го зел татко ми и му го дал на својот постар брат, Никола- се сеќава Маја Вапцарова.

Според спомените на Борис Вапцаров, тој часовник Никола го носел буквално до последните мигови од својот живот, односно до стрелањето. Кога ги носат пред стрелачкиот вод, и кога се разделува од својата сопруга Бојка и од блиските на другите осуденици, тој успева да и го даде на Росица, сопругата на неговиот пријател Антон Попов. Предавајќи и го часовникот, како што подоцна ќе изјави самата, Никола и рекол дека тој часовник некогаш го спасил животот на татко му, но неговиот, ете, не може да го спаси.

“Предај и го, те молам, рекол, на мајка ми. Тој е наша семејна реликвија.”

Заедно со часовникот, на Росица Попова, чиј сопруг исто така тој ден бил стрелан, Никола и го предал и својот паричник. Подоцна, кога бил организиран Музеј во Банско, Борис го предал часовникот и тој станал еден од највредните експонати.

– Спомените на татко ми за својот брат Никола Вапцаров беа напишани во една тетратка на 120 листа; се сеќавам дека пишуваше секој ден и веројатно ќе напишеше многу повеќе, ако смртта му дадеше уште малку време. Во болницата често ми велеше дека се сетил за некој нов момент, и, иако сосема изнемоштен, бараше молив и хартија за да запише уште нешто. Се сеќаваше, на пример, и за револверот на дедо Јонко, но и за едно сино тевтерче на Никола што му го донеле во логорот каде што бил затворен. Велеше дека тоа тевтерче тогаш за него било зрак од неговиот брат Никола; негов последен здив. Во него, велеше, беа скриени толку многу искрени чувства, вистини и мисли. Си спомнуваше, исто така, како со својот шест години постар брат седеле на балконот во Банско и со часови зборувале за Пирин. Велеше дека Никола за таа планина зборувал како за живо суштество. Како за орел кој лета во вечноста. Заедно, како деца, ги слушале и приказните на баба ми Марија и мајка ми Елена. Татко ми се сеќаваше и за стариот нагант на дедо Јонко, кој како илегалец извесно време со себе го носел и Никола. Револверот бил произведен 1888 година во Белгија. За време на бугарскиот фашизам, Никола секогаш кога излегувал го носел со себе, за секој случај, иако за него тешко се наоѓале куршуми. Од дедо Јонко останале само четири патрони. Подоцна тој ист нагант-револвер му бил даден на Крум Радонов, близок другар на Никола, и командир на Пиринскиот партизански одред. Тој го носел извесно време, а потоа му го предал на некој партизан, со задолжение да го чува како очите. По падот на фашизмот во Бугарија, Радонов нагантот им го вратил на Вапцарови. Татко ми го чуваше како скапоцено нешто; прав не даваше да падне на него. И денес тој револвер е наша семејна реликвија. Го чувам сега јас – вели Маја Вапцарова.

Со госпоѓа Вапцарова разговараме за време на нејзината пауза меѓу две деловни средби. Таа работи во една грчка консултантска компанија, но има и своја фондација за културна презентација. Таа е и автор на поголем број документарни филмови. Нејзиниот сопруг е заменик -директор на Националниот дворец за култура. За неа денот, како што вели, трае 25 часа. Во меѓувреме, паралелно со сите свои ангажмани, ги подготвува и редактира книгите на Никола Вапцаров – неговиот дневник и еден том негови писма испраќани до неговиот брат Борис.

“Тоа се лични писма – вели Маја – но сепак се многу битни за нас, Македонците”.

Кога има време, вели, заедно со својот сопруг оди на неколку дена во Охрид, каде што се наполнува со духовна енергија, која ја облагородува и обновува.

” Таму, вели таа, буквално на секој чекор го чувствувам биењето на македонското милениумско срце. За мене, вели, Македонците се делат само на патриоти и не патриоти. Сите други поделби се лажни; нив ги наметнуваат оние што имаат комплекс од Македонија и Македонците”, вели Вапцарова, и, извинувајќи се што мора да замине на некаква средба со грчките деловни партнери, не поканува на промоцијата на дневникот и писмата на Никола Јонков Вапцаров, која би требало да се одржи до крајот на годината, можеби за време на меѓународниот саем на книгата во Софија. Пред да замине, за крај на нашиот разговор, цитира една реченица од дневникот на Вапцаров:

”Нас ќе не спаси само надежта!”

“БРАТ МИ НЕ МОЖЕШЕ ДА ЈА ПРЕБОЛИ СОРАБОТКАТА НА ТАТКО МИ СО ВАНЧО МИХАЈЛОВ“

Татко ми Јонко Вапцаров до своите четириесет година бил активен учесник во Македонското ослободително движење. Имал голем број борби со Турците, и како комита и како војвода. Бил следбеник на Гоце Делчев и близок пријател со Пејо Јаворов. Секогаш го поддржувал прогресивното крило на револуционерната организација.

Меѓутоа, во периодот од 1923 до 1927 година, кога со Организацијата раководи десното крило, тој, којзнае зошто, се согласува да работи со нив. За тој период – иако ми е татко и, можеби, треба да му простам – тој ја носи целата вина, и лична и колективна, за зулумите и убиствата што во тоа време ги врши ВМРО во име на Македонија. Тој негов период трае до 1927 година. Делата , поточно неделата на татко ми од тој период, паѓаа како голем грев врз целото наше семејство. Особено Никола многу тешко ги преживуваше тие грешки на Јонко, па, затоа, тој, во негово име, се чувствуваше виновен пред народот. Подоцна татко ми се тргна од Михајловистичката организација; влезе во судир со неа, поради што преживеа големи тортури, обид за атентат и многубројни закани и малтретирања. Се сеќавам дека две година се криеше по разни села и колиби на Пирин. Сите го знаеја за убиен, дури и во општинските книги го водеа како мртов. Брат ми Никола се срамуваше од темниот период на нашиот татко, но,сепак, понекогаш, раскажуваше за неговите борби и за дружбата со Јаворов. Грешките на татко ми, и неговата соработка со Ванчо Михајлов од 1923 до 1927 година, беше и остана голема рана во душата на брат ми Никола.

(Борис Вапцаров, брат на Никола Јонков Вапцаров)

loading...