Манастирот Трескавец – место за мир и одмор

АКЦИЈА
loading...

Македонија изобилува со многу убавини. Некои датираат од многу одамна, некои се нови, а сите се вредни за посета. Македонија е богата со цркви и манастири. Нивната убавина, мирот и спокојот кој го даваат, привлекуваат многу туристи, како од дома, така и од страна. 

За убавините на манастирот Трескавец, пишува порталот игеографија.мк.

Манастирот Трескавец се наоѓа на 10 km од градот Прилеп. Се наоѓа на надморска височина од 1280 m, меѓу карпите под Златоврв (1422 m). Манастирот Трескавец е еден од најубавите манастири во Македонија и значаен монашки и духовен центар на Охридската архиепископија.

Во рамките на манастирот се наоѓа и црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Манастирот има свои конаци и трпезарија. Издигнат високо над карпите во планината, дава прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, на рамнината Пелагонија, како и на градовите Прилеп, Битола и Крушево.

За манастирот Трескавец може да се каже дека до неодамна претставуваше најнепристапното и најскриеното светилиште во Македонија, затоа што до него можеше да се стигне само со пешачење по тесна, кривулеста патека која поминува покрај неверојатни карпи и различни карстни форми. До манастирот сега има и асфалтиран пат, со што зголемена е пристапноста до истиот.

Манастирот Трескавец се смета дека е подигнат во XIII  век, за време на владеењето на византиските цареви Андроник II и Михајло III  кои, според фреско-натписот поставен кај влезниот портал, се први донатори на овој манастир. Неговата сложена и разнообразна архитектоника укажува на фактот дека манастирот подлегнал на уривање. Најверојатно, манастирот бил обновен во XIV век, за време на српскиот крал Милутин.

Поседува вредни уметнички предмети како двокрилна врата со плитка резба од 16 век, врвен дострел на македонското средновековно резбарство и припаѓа на познатата Слепчанска резбарска школа. Од 16 век се и царските двери, голем иконостасен крст – космитос од 17 век, работен во резба, и певница работена во инкрустација.

Во манастирот имаат избиено 3 катастрофални пожари, во 1867 година, потоа во 1990 година и последниот во февруари 2013 година, кога целосно изгореле конаците и веќе е започнато нивно обновување. Заканувачка опасност за манастирот Трескавец претставуваа и пожарите кои настанаа во близина на манастирот, во летниот период на 2017 година.

loading...