Како 79 фирми на функционери и медиуми добија државна помош?

АКЦИЈА
loading...

Петок тринаесетти овој месец беше среќен за 79 македонски компании. Во салата на новата филхармонија на свеченост на која присуствуваше највисокиот државен врв ги добија парите помош од државата за нивните бизниси.

Но токму една од фирмите која доби 160 илјади евра од буџетот е Каст инвест за проект Ја лееме нашата иднина. Како трет сопственик на Каст инвест се јавува Брако во која сопствеништво пак има токму вицепремиерот Анѓушев.

„Брако“ мора понатаму да се развива и работи. Јас во леарницата сум 16 проценти сопственик, останато сопственици се други луѓе. Како да им кажам тие да не работат за тоа што нивниот партнер е вицепремиер? Нема да го сторам тоа. Јас не се кријам преку други фирми, кажувам како што е и понатаму нема да се кријам“, вели Анѓушев.

За разлика од Анѓушев во салата не беше пратеникот на СДСМ Хари Локвенец. Не како преставник на власта туку и тој како косопственик на една од фирмите кои добија пари. Неговата прилепска Печатница Гинис државата ја помага исто така со 160 илјади евра за проект наречен Гинис принт 2018.

„Во фирмата немам никаква управувачка функција ниту некогаш сум имал. Битно е тоа што сретствата се безусловни, за инвестиции, учествува и фирмата со свои сретства а се е во насока на отворање на нови работни места“, вели Локвенец.

Уште една печатница која доби владина помош деновиве ги разгоре страстите. Слободен печат исто така влезе во листата на фирми кои помогнати со 160 илјади евра од државата и три пати повеќе свои пари ќе гради хала и ќе купува печатарски машини. Од весникот Слободен печат велат дека ова нема да има влијание врз уредувачката политика на медиумот бидејќи менаџментот не се меша во уредувањето и обратно. И директорот на фондот за иновации не очекува да биде спасен од критички текстови во весникот и покрај државната помош.

Инаку владата веќе разговара со здружението на печатени медиуми за субвенционирање поради катастрофалната состојба со весниците, но ова велат не е поврзано со преговорите. На листата добитници пак има микро мали и средни но и поголеми фирми. До сега од фондот не размислувале како дел од критериумите да биде вметнат донаторите на политички партии да не смеат да добиваат државна помош или пак оние компании кои како сопственици имаат функционери.

Оценката на проектите првично ги правела комисија формирана од 80 тина надворешни соработници а крајниот избор бил оставен на петмина стручњаци 4 ца од америка и еден од грција. Овој месец повторно ќе има оглас за нова помош.

loading...