Додека чекаме да нѐ нападне Русија!

АКЦИЈА
loading...

Додека чекаме да не нападне Русија …
Стратегијата за заплашување како мотивација за излезност на референдумот и прашањето „или сте за името или сте со Русите” е најрискантната можна опција одбрана од власта.

Годините на зрелата младост со себе го носат бремето на бивање сведок за пародиите на искуствата од минатото репризирани во денешницата. Седмицава зад нас, можевме да ги видиме на тацна нашите мината за кои ние од балканите најдобро знаеме кон што водат. Во понеделникот, очекувајќи историјски Самит на судбоносците големи, завршивме со реприза на Финско Караѓорѓево. Додуша, сеуште немаме информации за цртања карти по салвети, но останува надежта дека барем еден од преведувачите ќе достигне длабока старост и храброст да каже тоа што имал прилика да го слушне. И заборави, ако може.

Се што уследи по Финското Караѓорѓево беше трка на галама и шепот на факти. Искрено, односот и изјавите на Трамп не беа ниту приближно на ниво на обичен Државник, камо ли на предводник на сеуште најголемата светска сила по моќ, влијание и углед. Настрана изјавите со кои ја понижи сопствената администрација, неговиот говор на тело и лице укажуваа на чудна, тешко објаснлива збунетост на раб на понизност. Што дополнително ја подвлекуваше студената и пресметана стоичност на неговиот соговорник. Тежок ден и тешко искуство за американската демократија која со право – и независно од идеолошката поделба – едногласно згрми со гнев, осуда и барање за одговорност. Со таа констатација на ум и целосно разбирање за огорченоста на американците и нивните сојузници, чинам дека судот за Финското Караѓорџево не може да се изнесе низ еднострани хистерии и забошотување на фактите, пренесени во продолжение.

Галама – Трамп ја подрива европската солидарност се покори пред Путин.
Факт – Европа, поточно Источна Европа, беше напуштена од администрацијата на Обама и неговата одлука за повлекување на одбранбените ракетни системи од Полска и Чешка, како “подарок за Русија”, како што беше оптужен од Мит Ромни. Трамп ги врати американските воени сили и оружје во земјите во близина на Руската Федерација.

Галама – Трамп го ослабна НАТО.
Факт – Можеби непристојно, но сосема ефективно Трамп ги натера Европејците да си ги покачат воените буџети и со тоја ја засилат борбената способност кон Русија.

Галама – Трамп не се спротистави на Руското вмешателство во изборите 2016.
Факт – Обама знаеше за руската инфилтрација година дена пред изборите и не стори ништо до неколку месеци пред истите да се одржат.

Галама – Трамп флертува со Путин.
Факт – Точно, но не повеќе од Обама кој пред изборите 2012 беше фатен како бара од Медведев да му пренесе на Путин дека “ќе биде пофлексибилен” штом завршат изборите.

Овие неколку примери, кои можат да се надополнат со дузина други, се потсетник за деликатноста на состојбата во кој се наоѓа светот ставен помеѓу теретот на бивање слободна демократија и неоптеретеноста на автократите од полагање сметки пред сопствената јавност. Едноставно е да потезите на Трамп денес или Обама вчера се третираат со потсмев, презир или лутина, без притоа да се замислиме за толку неподносливата леснотија на амнестирање на Путин од неговата улога на циничен манипулатор. И олицетворение на неговата, нам добро позната ментална матрица дека “не умееме да работиме, ама знаеме да се тепаме”. Обама на свој елегантен и медијски протежиран начин се обидуваше да допре до Путин и најде заеднички јазик. На неговиот претходник Буш помладиот му беше доволно да погледне во очите на Путин и констатира дека бил “директен и достоен на доверба”. Без најмала желба и намера да се пренебрегне снисходливоста на Трамп, сепак мора да се запрашаме – дали проблемот навистина лежи во какво-таквите желби на западните лидери да најдат заеднички јазик со Путин во решавање на горливите светски проблеми? Или пак во бескраната јама исполнета со жолч за освета, жед за ситење и мелем за лечење на фрустрациите на човекот од Кремљ чија економија не умее да склепи еден обичен мобилен телефон, па утеха бара во парадирања со ракети низ Црвениот плоштад? Утешение јадним е пизмата на Путин кој можеби со своите замешателства успеал на тронот на Америка да постави човек кој сака да биде како него, но Путин ниту умее, ниту ќе може од Русија да направи Ирска – камоли Америка.

Целата статија прочитајте ја на ДојчеВеле

loading...