Каракамишева: Божемниот почеток на скринингот е само уште една голема лага (од многуте)

АКЦИЈА
loading...

Кога лагите немаат нозе да бегаат!

Еуфоријата на Заев и тие околу него дека еве само што не сме влегле во НАТО и во ЕУ станува неподнослива! И не е проблемот во потребата на владиниот кружок да се чувствува селебрити на нашата мака и што имаат ниет да ни ја пренесат нивната екстаза. Не е во тоа проблемот. Проблемот е во неподносливата леснотија на Владата и сите нејзини членови да кажуваат лаги на тон!

Еве земете го за пример денешниот твит на Заев дека „скринингот бил последната фаза од преговорите за членство на Македонија со ЕУ“! Што да се каже понатаму? Човеков, или тие што твитаат во негово име, нема тронка свест и совест за тежината на искажаните лаги! А премиер на држава е!

Исто како за организацијата на прославите во 15. града, исто како за „поканата“ за членство во НАТО во форма на писма на намери, исто како за фалењето со нови странски инвестиции договорени од владата на ВМРО-ДПМНЕ, исто како за се друго што секојдневно излегува од устата на премиерот!
Знам дека мора да се возат на филмот НАТО, ЕУ, само тој филм им остана како сламка за спас на давеникот, ама народот мора да ја знае вистината за НАТО и за ЕУ!
А вистината е дека ниту НАТО ни врачил покана, ниту ЕУ отпочнал официјален скрининг со државата. Тоа што Хан и другите решиле да си прават прошетки по горештините до Скопје, тоа не го прави официјално отворен скринингот.
Впрочем, сите овие години од 2005 година наваму, Европската комисија длабински го скенира нашето законодавство и условите во кој функционираат правно-политичкиот и економскиот систем на државата. Секоја година Комисијата дава извештај за напредокот, или за заостанувањето на државата во исполнувањето на критериумите. Така беше и оваа година!

Денешната фешта што се приредува во Скопје за божемно некаков почеток на скрининг е една од многуте големи лаги и прикривање на неспособноста на странскава инсталација Заев-Шеќеринска да испорача конкретни успеси во интерес на Македонските граѓани. Па еве ако тие не сакаат да им ја објаснат вистината на граѓаните за фазите во пристапувањето кон членството во ЕУ, иако имаат уставна должност тоа да го прават, ја користам оваа прилика да им објасниме на граѓаните кога и како се започнува со официјален скрининг.

Самиот процес на преговори за пристапување во ЕУ може да се подели во три фази:
1) аналитички преглед на правната рамка – скрининг;
2) содржинска фаза на преговорите (отворање, привремено затворање на поглавја);
3) склучување на договор за пристапување.

По добивањето на позитивно мислење и препорака од ЕК, како и ЗАКЛУЧОК и ПРЕПОРАКА од Советот на ЕУ (што го немаме!), Европскиот совет потврдува и донесува политичка одлука за отпочнување на пристапните преговори со државата кандидат (што го немаме!).

Македонија освен препорака на Европската комисија за почеток на преговорите, нема добиено ништо друго официјално! Почеток на преговорите на Македонија со ЕУ ќе започнат тогаш кога Европскиот совет едногласно ќе се согласи истите да започнат! Официјалниот скрининг ќе почне тогаш кога Европскиот совет ќе ја извести Европската комисија дека едногласна одлука за почеток на преговорите е донесена!

Се друго, надвор од оваа рамка е неофицијално и подготвително, на ниво на досегашните разговори што Хан и останатите претставници од Комисијата ги имаше со Владата на дневна основа! Разговори заради убедување на народот во големите лаги!

Дудинка.мк

loading...