И по Тито, НАТО

АКЦИЈА
loading...

СЕВЕРНО ОД УМОТ со АЛЕКСАНДАР РУСЈАКОВ

Луѓенца мои, шарени, секогаш избањати, најубави и најумни, па што не кажавте колку е сето ова прекрасно! Откако нивните височества, нашите богови и спасители, Зоран и Заев, нè црпнаа од смрдливата, ем сељачка македонска нива и нè однесоа северно од умот, во прегратките на НАТО алијансата, јас не знам што попрво да направам. Па што не кажавте досега дека една воена алијанса може така волшебно да ми го промени животот. До вчера бев крајно глуп за математика, на пример, а утринава, откако НАТО ми влезе, везам Фибоначиеви низи како да се муртнски пиперки.

За ваква добробит, не во Република Северна Македонија, во Република Север Северноатлантска Македонија би се прекрстил.

– Никогаш не си бил волку добар во кревет – ми вели девојката која до вчера вечер ја немав. Ама еве, НАТО ми донесе и девојка во постела, фантазијата на Габриел Гарсија Маркес може вода да им носи. Она што НАТО може да ми го направи реалност, ни Маркес не може да го смисли. Има злобници кои тврдат дека не сме станале членка на алијансата.

Е ако е така, ако не сме во НАТО, како тогаш јас вчера припаѓав на едно назадно македонско племе, се шетав со коска во носот и испуштав неразбирливи „уга уга“ крикови, а еве ме сега, како горд северноцрпнат граѓанин на Република Северна Македонија, дишам свеж цивилизиран воздух. Толку се чувствувам цивилизирано што ми доаѓа да измислам тркало.

Ако не сме влезени во НАТО како што тврдат некои небањати злобници, како тогаш среде распуст образованието ни стана едно од најдобрите во светот? Па до вчера професори мораа да уценуваат студентки со секс за преодна оценка, а сега веќе нема уцени, студентките со радост им даваат на професорите, затоа што знаењето сега паѓа од небо како осиромашен ураниум. Иако, со НАТО веќе ни ураниумот не е сиромашен, сите сме богати, затоа што алијансата отвори нови работни места за младите. Ај што овие млади луѓе ќе се вработат, ама и работејќи за НАТО ќе го прошетаат светот. Кој млад човек не сака да го доживее светот како минско поле за вооружен натпревар меѓу народите?

Луѓенца мои, прогресивни и најубаво облечени, откако денес станавме членка на НАТО, веќе не ми е страв од Русите и груевизмот, двете најстрашни работи што ни се случија. НАТО ќе ја исфрли руската пропаганда и окупација од лектирите, нема веќе терор со книги како „Тихиот Дон Кихот“, НАТО ќе ни ги врати старите прозападни вредности во имињата на улиците што ни ги промени груевизмот, па „Аминта Трети“, пак ќе стане „Ленинова“. Затоа радувајте се. Нема веќе „Тга за југ“, туку „Радост за север“. Марширам значи постојам. До вчера бев нецивилизиран Македонец, од денес сум НАТОрализиран коса црта граѓанин на Република Северна Македонија.

loading...