Рочиштето за „Монструм“ одложено поради болест на судијата Осман Шабани

АКЦИЈА
loading...

Поради болест на судијата Осман Шабани, судијата Огнен Ставрев судењето за случајот „Монструм“ го одложи за 22, 24 и 31 август.

„Во последен момент добив известување дека мојот колега од вчера попладне е на боледување и не може да присуствува на денешното рочиште. Се надевам дека за следното закажано рочиште во август ќе се создадат услови за да работиме“, рече судијата Ставрев.

Откако им беше соопштено дека денешното рочиште во случајот Монструм се одложува поради боледување на судијата, родителите на убиените деца жестоко реагираа во судница, обвинувајќи дека се играат матни игри, дека намерно се одложува сведочењето, и дека ова е нарачно од ДУИ и од премиерот Заев.

Родителите прашуваат како може да се разболуваат судиите само во летен период. Велат дека пред икона на Богородица на мајките им била ветувана вистината, а сега центрите на моќ управуваат со Судот да се избегне вистината.

-Претходно се разболе судијата Ивица Стефановски и го легнавте во кревет, кога требаше да се соопшти пресудата, но прво се чекаше ВМРО- ДПМНЕ да направи влада со ДУИ, а сега се разболе судијата Шабани. Продолжувате со истите игри од преходно, револтирано реагираа родителите.

Родителите ги побараа транскриптите од разговорите меѓу функцинерите на ДУИ кои и Заев ги ветил, а Горан Наќевски повторно прстот го впери кон премиерот Зоран Заев, кој како што потсети, им ја ветил вистината.

-Вие ни ја ветивте вистината ама тука има еден центар на моќ кој управува со судот. Предлагам да ги сослушате мајките за да ви кажат што им ветувал Заев. Ние веруваме дека ова е контролирано од тој центар и шесте функционери на ДУИ, кои се кријат како државна тајна, реагираше Наќевски.

Судијата Ставрев ги убедуваше дека тие не се под никаква контрола.

-Нема никакви игри. Мислите мене ми е лесно, но виша сила е што се разболел колегата, истакна судијата Ставрев…

На минатото рочиште за „Монструм“ се гледаа аудио и видео снимка од испрашувањето на заштитениот сведок Хаки Азири од 7 мај 2012 година од страна на истражен судија и обвинител во Кривичниот суд.

Според обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, од видеоматеријалот се гледа дека Азири во целост го признава делото за кое се товарел и подробно опишува како се случил настанот и каде со неговото возило ги чекал обвинетите за убиството на петте лица кај Смилковско езеро.

Пред Судот исказ даваше и сведокот Сашо Лазаревски, сосед на едно од убиените момчиња, кој рече дека дента кога биле убиени момчињата бил по риба кај езерото. Првично отишол без чамец околу 10 часот, но кога тројца рибари кои цела ноќ биле на езерото му рекле дека рибата не гризе се вратил и повторно дошол и го донел неговиот чамец „маестрал“. Кога доаѓал го видел паркирано возилото на неговиот сосед, кој подоцна бил убиен.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

loading...