„Комитите“ се собраа пред Собрание во чест на Саздо (галерија + линк во живо)

АКЦИЈА

Пред Собранието се одржува мирен собир во чест на загинатиот член на навивачката група Комити, 20-годишниот Никола Саздовски, кој на 29 јуни беше нападнат и брутално претепан од три лица, а вчера им подлегна на повредите.

На собирот присуствува и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се појави во дрес на Вардар и пред сликата на младиот навивач, поставена непосредно пред Собранието, запали свеќа. Потоа Мицкоски го соблече дресот и го остави во чест на Саздо.

Собирот се одржува без пароли, без извици, во чест на предвреме починатиот Саздовски. Меѓу присутните на собирот е и Солза Грчева, лидерка на партијата „Глас за Македонија“.

Претходно денеска, членови на навивачката група Комити, пред Собранието исто така запалија свеќи за Никола. На групата млади луѓе им се приклучија и неколку случајни минувачи, како и граѓаните што со денови ја блокираат улицата пред Собранието во знак на протест против промената на името. Тие во рацете држеа фотографии од починатото момче.

Собирот се организира откако претходно беше најавен на социјалните мрежи, со цел да му се изрази последна почит на починатото момче, чиј погреб се одржа денеска на гробиштата во селото Ракотинци.

ВИДЕО ВО ЖИВО:

https://www.facebook.com/iNFOMAX.mk/videos/1629412503848260/

Навивачката група Комити ги повика граѓаните да се придружат на вечерашниот мирен протест организиран преку социјалните мрежи, а за утре најавија дека тие ќе организираат и „официјален“ протест:

-Малку доцниме, но мора да не разберете, скршени сме од тага.

Денес, во 20.00 дојдете пред Собранието на Република Македонија, заедно со вашите фамилии да го поддржиме мирниот народен собир. Нашиот протестен марш ќе се одржи во утрешниот ден и ќе бидете дополнително известени во тек на денов!!!, се вели во објавата на Комити.

loading...