ВМРО-ДПМНЕ се пазари за амнестија во замена за формирање на ДИК

АКЦИЈА
loading...

Марија Митевска, за Радио слободна Европа

ВМРО-ДПМНЕ повторно бара амнестија за инволвираните во насилството во Собранието на 27 април во исто време кога треба да се избираат членовите на ДИК со цел спроведување на референдумот за името. Тоа за упатените, е обид на опозицијата да ја протурка аменстијата во замена за откочување на процесите во Собранието.

Повторното актуелизирање на барањето за амнестија на инволвираните во насилството во Собранието на 27 април од страна на ВМРО-ДПМНЕ е обид за пазарење за време на важни процеси кои и претстојат на Македонија, како изборот на членови на ДИК од кој зависи спроведување на референдумот за името, велат упатените.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршувањето на протестниот марш во Струмица, апелираше дека е потребна амнестија со цел земјата да се движи напред, а не да живее во минатото и да се стави крај на политичкиот реваншизам. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговори дека никој не треба да се надева на амнестија за сторениот криминал.

„Апсолутно се работи тука за политичко пазарење од страна на ВМРО-ДПМНЕ и поставување во позиција каде што за одредена отстапка би добиле нешто. Така што барањето на ВМРО-ДПМНЕ е легитимно, но останува да видиме дали од другата страна ќе наидат на разбирање за тоа барање. Вчера во текот на денот бевме сведоци на изјави од страна на министерот за внатрешни работи дека нема пазарење во врска со настаните од 27 април. Мислам дека тоа што го бара ВМРО-ДПМНЕ ќе биде тешко остварливо и реализирано затоа што ако не се казнат виновниците за тоа што се случи ќе се остави лош пример за понатамошно дејствување на било кој поединец или група во општеството“ вели вели Митко Гаџовски, политикологот од Факултетот за општествени науки.

Изборот на новите членови на ДИК, е неизвесен бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекува работата на Комисијата за избори и именувања која е надлежна да расправа по прашањето. Претседателот на комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски изјави дека нема да закаже седница се додека не се договорат сите партии. ВМРО-ДПМНЕ бара претходно да бидат донесени Законот за финансирање на партии и Законот за Влада.

Универзитетскиот професор Арсим Синани смета дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ е очекувано, бидејќи поранешното раководство се обидува да изнаоѓа начини да биде амнестирано.

„Ова е еден обид да се трампа едно нешто со друго. Ова покажува дека ВМРО-ДПМНЕ под идејата за патриотизам сака да ја протурка идејата за амнестијата за сите дела кои ги направија во минатото“, вели Синани.

Гаџовски не ја исклучува можноста ВМРО-ДПМНЕ да бојкотира, но не очекува интересите на партијата да победат.

„Мислам дека притисокот од домашната и меѓународната јавност ќе се зголемува се повеќе затоа што ова е многу важен процес за интересите на Македонија и е многу поважен од интересите на ВМРО-ДПМНЕ“, додава Гаџовски.

Мицкоски по средбата со премиерот Зоран Заев во март изјави дека се согласиле оти ДИК треба да се комплетира и се договориле оти ќе функционира по стариот модел. Собранието има рок до 17 јули да го избере новиот состав на ДИК. За изборот на комисијата е потребно двотретинско мнозинство, односно согласност и од опозицијата.

loading...