Целта не била членство во ЕУ, туку Македонија да стане вистинска европска земја?

АКЦИЈА
loading...

Првото големо ветување на актуелната македонска Влада минатата година беше дека ќе ја воведат Македонија во Европа. Меѓутоа, крајната цел за Македонија не е формално членство кон ЕУ, туку таа да стане вистинска европска земја со вредности како што се слобода на медиуми, независно судство, активно граѓанско општество, одговорни политичари.

Ова денеска го изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на панел сесијата „Иднината на Берлинскиот процес“, во рамки на петтата Kонференција на високо ниво за Западен Балкан, што се одржува во Лондон под покровителство на британската премиерка Тереза Меј.

– Треба да се фокусираме и подготвено да работиме на тоа. Во првата недела на нашата Влада одлучивме парите од даночните обврзници да не ги користиме во маркетиншки цели, по што медиумскиот пазар целосно се промени – рече Димитров.

Тој оцени дека за владеење на правото треба повеќе време и оти тоа не зависи исклучиво од Владата, туку оти е неопходно да се имаат судии од интегритет, независно судство, Парламент…

– За некои од тие работи ќе биде потребно време, но клучна е политичката волја и ние ја имаме – порача шефот на македонската дипломатија.

Димитров истакна дека без успешен регион, нема ниту успешна Македонија.

Компромисното решение за името го оцени како голема можност за регионот и додаде дека треба да се поддржуваат добрите вести.

Земјите од Западен Балкан мора да се приближат кон стандардите на ЕУ и во целост да ги усвојат европските вредности, бидејќи од тоа зависи успешниот развој на регионот, беше пораката на шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан на Самитот во Лондон.

Извор: Нова Македонија

loading...