Ниту го прашаа, ниту ја спомнаа: Заев ѝ се умилкува на Русија

АКЦИЈА
loading...

Иако со ништо непредизвикан, ниту некој го праша, македонскиот премиер Зоран Заев го искористи интервјуто за босанскиот весник „Дневни аваз“ да ѝ испрати додворувачка порака на Русија.

Најголемата земја на светот не е дел од регионот на кој му припаѓа Македонија, но тоа не му пречеше на претседателот на македонската влада да ѝ посвети најголем дел во одговорот на прашањето „зошто договорот со Грција е добар за регионот“.

„Сите добронамерни пријатели, соседи, сите припадници на демократската светска заедница го поздравуваат овој договор. Не беа малку ни оние што потврдија дека тоа е модел за решавање на сите отворени прашања. Верувам во искрените честитки што ги добивме од министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Руска Федерација е голем пријател на Македонија. Економската, културната соработка, во областа на земјоделството, се на високо ниво и очекуваме да се развива.

Евроатлантската иднина на Македонија нема да ја наруши таа соработка. Напротив, Русија во Македонија ќе добие посилен, постабилен партнер на полињата на кои се допираат интересите на граѓаните на двете земји“, одговори Заев.

Во ноември минатата година во интервју за Прва ТВ тој изјави дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе се приближи моментот за влез на Македонија во НАТО, како таа кога влегуваше Црна Гора во Алијансата. Па дури и оти е свесен дека имало обиди за ликвидација (наводно, на Мило Ѓукановиќ – н.з.), но тој бил подготвен и за тоа, велејќи „ако треба нешто да се случи – нека се случи“!

Експрес.мк

loading...