Како изгледале последните часови на Есма

АКЦИЈА

Беше космополит, имаше младешки дух и неверојатна желба за живот. Вака ја почнува приказната Зорана Костовска, една од најблиските соработнички на кралицата на ромската песна и претседател на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“. Костовска ексклузивно за читателите на „Женски Магазин“ зборува за последните часови на легендарната пејачка која не напушти на 11 декември 2016 година.

– Бев покрај неа во болничката соба до два навечер. Лекарите имаа разбирање. Пиевме кафе и гледавме спотови. Имаше желба да живее, открива Костовска.

Не ни помислувала дека тоа ќе биде нивното последно видување. Никогаш нема да го заборави разговорот во деновите кога Есма била хоспитализирана кој, како што вели, сѐ уште ја прогонува.

– Држејќи ме за рака ми ја кажа нејзината последна желба. „Закопајте ме во дворот на куќата. Кога ќе доаѓаат да го видат, ќе ми запалат свеќа. Кој ќе оди на гробишта да го прави тоа.“ И ветив дека така ќе биде и ја излажав. Не мислев дека по неколку дена засекогаш ќе нѐ напушти. Тоа никогаш нема да си го простам – раскажува Костовска.

Нагласува дека Есма никогаш не се декларирала како муслиманка. Ги прифаќала сите вери и религии.

– Никогаш не беше оптоварена со религиозни обичаи. Беше космополит. Велеше дека и најотровната змија може да оди кај што ќе посака, а дека ние сме ограничени со пасоши и со граници. Беше отворена кон Европа – завршува Зорана.

Инаку нотарката на Есма, не напушти на истиот ден и во истата болница со кралицата на ромската музика.

– Нотарката Ивана Катавеновска не напушти во ист ден со Есма, во истата болница. Кај неа беше заверен тестаментот. Поради тогашните институционални лавиринти помина подолго време до пломбирањето на објектот и штетата веќе беше направена – тврди Зорана.

Таа е уверена дека во иднина достоинствено ќе се негува ликот и делото на Реџепова. Веќе е покрената иницијатива една скопска улица да го носи нејзиното име.

Ѓорге Стојанов

Превземено од Женски магазин

loading...