Tрадиционална македонска тава од зеленчук – Рецепт

АКЦИЈА
loading...

Името и е и повеќе од интересно! Лесно се памти, добро насмева, а уште подобро најадува! Турлитава е традиционално македонско јадење кое се прави во најголемиот број домаќинства. Вкусно е и убаво за јадење, изобилува со разни зеленчуци и витамини. Веруваме дека знаете за што зборуваме, па ве потсетуваме да ја направите.

За ваквите јадења е карактеристично сите ние дома да си имаме свој рецепт, а во оваа прилика ви предлагаме еден испробан, кој повторно потекнува од нашето поднебје, а го најдовме на блогот на нашата пријателка Лана. Треба да знаете дека ова јадење е највкусно кога е приготвено во земјена тава.

Обично турлитава се нарекува јадењето кое се подготвува од повеќе намирници кои во моментот се нашле во домот. Во некои краеви од нашата земја, тоа подразбира задолжително ставење на компир, боранија, грашок, а во оваа прилика тие се изоставени, па напоменуваме дека по желба може да ги вклучите и нив. Еве го предлог рецептот во овај случај.

Состојки:

2 модри патлиџани
4-5 средно големи главици кромид
4 моркови
6 поголеми зелени пиперки
4 поголеми црвени домати
1 чаша бамја
половина врзоп магдонос
3-4 лажици масло
1 лажица ситна црвена пипер
100 гр бело сирење
4 јајца
1/2 главица лук
сол, црн пипер, мешан зачин.

Подготовка:

Зелените пиперки измијте ги и испечете ги, па излупете ги и исечете ги на парчиња.
Доматот излупете го и ситно исечкајте го или крупно изрендајте го.
Кромидот исечете го на долго, на парчиња кои наликуваат на полумесечинки. Па, ставете го да се пропржи во малку масло. Во садот додајте ги и морковите, претходно исечени на кругови, па пржете ги заедно со кромидот. Кога малку ќе омекнат, додајте ги и модрите патлиџани претходно исечени на коцки, како и ситно сечканиот лук. Продолжете да пржите додека омекнат и патлиџаните.
Потоа додајте ја ситната црвена пипер, солта, црниот пипер, мешаниот зачин, додајте ги доматите и турете 200 мл вода. Дури тогаш додајте ја бамјата (се додава на крајот за да не се превари) и гответе 10-тина минути, додека водата испари и јадењето малку се згусне.
Додајте го исечканиот магдонос, измешајте и турете во глинен сад. Ако имате 4 помали садови, распоредете ја смесата во секој од нив и додајте по 1 јајце во секој.
Печете само кратко, колку да се запечат јајцата. Сервирајте со парче сирење и на здравје!

loading...