Бегалски кампови во Македонија, или не?

АКЦИЈА
loading...

Бегалците, односно економските бегалци, бегаат од теророт во своите матични земји. Тие транзитираат низ Македонија со единствена цел – што побргу да ја напуштат нашата држава, итајќи кон Италија , Германија, Австрија…

Многу е лесно од европските центри да се наметнува каде ќе има бегалски кампови, (мислејки на новите локации за бегалски кампови во северна Африка кои ги наметнуваат европските лидери ) но тврдам дека тие не ја познаваат добро психата на бегалците. Нивната цел е западна Европа.

Новите технологи и социјалните мрежи им ги отворија видиците на луѓето без разлика од која нација или вера се. Секој сака подобро утро. Колку и Европа да наметнува да се градат бегалски кампови во економски неразвиените земји тоа е дискутабилно. Бегалците итаат кон Европа за подобар живот.

Македонските граѓани не треба да стравуваат за бегалци од афричките или азиските земји. Сите држави имаат свои права и обврски.Правото на секоја држава е да управува со своите граници и да ги заштитува граѓаните. Од друга страна, Македонија како држава има обврска, не само морална, туку и правна, да им помогне на бегалците кои бегаат за да се спасат од војната.

Решенијата кои Македонија како држава ги носи мора да бидат разумни со цел да не ги загрозат основните права на ниеден човек. Прифатот на бегалци не смее и не се прави на сметка на нарушување на безбедноста на локалното население. Бегалците се луѓе –цивили – на кои им е потребна и заштита и безбедно место за живот. Нив им е потребно истото тоа што му треба и на локалното население.

За жал, тие тоа свое право не можат да го остварат во својата родна земја.Во однос на локалниот економски развој, примери од Шведска, Германија и Италија покажуваат дека и локалното население има полза од присуството на бегалците, исто и обратно.

Бројките кажуваат дека оние кои бараат заштита во Македонија се малку. Државата успешно се справува со нив имајќи го искуството со илјадници пати поголем број барања за азил и заштита од Босна и Херцеговина и Косово. Во 2017 година, само 4 лица имаат добиено статус на заштита од државата. Од овие 4 лица, 3 се деца. Наша морална обврска како држава е да осигураме и тие да ја добијат сета заштита, да ги исполнуваат своите права и да им се даде шанса да живеат еднакво со сите луѓе во Македонија, се додека им е неопходна меѓународна заштита.

Србија доста умешно ја водеше политиката во 2016 година, но Македонија тогаш немаше стратегија да добие поголеми средства и за жал многу од помошта ја заобиколи Македонија.

И денес, додека партите во Македонија се напаѓаат за политиката на бегалците, тие илегално секојднево ја поминуваат Македонија. Но, да не заборавиме дека иако бројката е минимална во однос на 2015- 2016, бегалците се 100 отсто нападнати и ограбени во Македонија, без разлика дали поминуваат низ Демир Капија, Неготино, Штип, Радовиш или Свети Николе.

Како земја која се стремиме што поскоро да се доближиме до портите на ЕУ, мораме да пружиме и хуман третман во рамките на можностите за секој поединец, без разлика дали се работи за наш сограѓанин или бегалец.

Пишува: Ленче Здравкин, хуманитарка

loading...