Зошто референдумот мора да биде „Дали сте ЗА…“, а не „Дали сте ПРОТИВ“?

АКЦИЈА
loading...

Човекот што ја врши функција премиер на Република Македонија (тој не е премиер, туку само ја врши таа функција, со оглед на начинот на кој e избран т.н. претседател на Собранието кој ја закажа седницата за избор на Владата на Заев) кажа пред некој ден дека прашањето на референдумот за договорот со Грција може да биде негативно поставено. На пример, не дали сте „ЗА“ договорот, туку дали сте „ПРОТИВ“ тој договор.

Целта на власта е на овој начин да го избегне поразот и извесниот колапс кој и претстои (затоа и опцијата за фалсификат е најсериозна), бидејќи не може да го задоволи цензусот потребен за успешен референдум, па со вакво прашање се надева дека ќе ја протне тезата дека договорот со Грција поминал, односно е прифатен ако мнозинството од околу 900.000 гласачи не гласале „ПРОТИВ“. Идејата е да се избегне СДСМ и ДУИ да бркаат излезност од 900.000 гласови (ако прашањето биде дали сте „ЗА“, односно ако треба да се гласа со „ДА“) и да се натераат противниците на менување на името и на капитулацијата со Грција да бидат тие што ќе бркаат излезност и половина плус еден глас, односно околу 450.000 гласови против договорот.

Идејата на Заев и неговите советници (иако не зрачи со било каква генијалност) би била во ред, доколку нема неколку катастрофални маани преку кои може да се помине само со сила и репресија. Имено, дури и да биде негативно поставено прашањето и доколку претпоставиме дека само 300.000 граѓани излегле и гласале против, тоа повторно не може значи дека договорот со Грција поминал. Тоа што е потребно е мнозинство од 900-те илјади да бидат „ЗА“, а не обратно. Во спротивно, може да се заклучи и дека било кој закон во Собранието е усвоен доколку за него не биле против мнозинството од пратениците. Сега, кај нас, и во цивилизираниот свет, законите се усвојуваат така што е потребно мнозинство од народните претставници да гласаат „ЗА“ некој закон, при што не е битно колкумина биле против. На пример, за усвојување на закон за кој се бара само просто мнозинство, потребно е присуство на 61 пратеник од кои најмалку 40 треба да бидат „ЗА“. Според логиката на Заев за референдумот, законот во ваква ситуација би поминал ако за него не биле „ЗА“, туку „ПРОТИВ“, на пример 30-тина пратеници (малку можат да ве збунат овие вратоломии со гласовите и со за и против, затоа читајте внимателно). Значи, да повториме, со 30-тина пратеници против, и, на пример, со 30 пратеници „ЗА“ секој закон за кој се потребни најмалку 40 гласови би се сметал за усвоен бидејќи не добил негативно мнозинство за да биде отфрлен. Се разбира, ова не е можно, зашто нема ниту правна, ниту обична човечка логика, но тоа е сегашната логика за која Заев ни беседеше.

Бистрите правни главички кои ја смислеле или размислуваат за оваа недоветност, веројатно имаат на ум како оправдување дека, додека за законите е предвидено во Уставот и Деловникот на Собранието гласање „ЗА“, во случај на референдум, таква изречна одредба нема. Но, нивната бистрина тука завршува, бидејќи токму во Уставот и во фалшливиот Закон за референдум и граѓанска иницијатива, се вели, цитирам:

„Одлуките на референдум на државно ниво се усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половина од вкупниот борј избирачи“ (член 73 од Уставот и член 390 од Законот). Обратете внимание на терминот „усвоена, односно „усвоени“ (во Уставот се зборува за „одлука“ и „усвоена“, а во Законот за „одлуки“ и „усвоени“) и на севкупната формулација која гласи: „одлуката е усвоена ако за неа гласале мнозинството…“. Значи, на референдум нешто треба да се „усвои“, а не „да не се усвои“ и за тоа требаат 450 илјади гласови со излезност од 900 илјади гласови (плус еден во двата случаи). Само таа одлука на граѓаните може да биде задолжителна (трагичната комедија со т.н. консултативен референдум и консултативно мислење на граѓаните како ујдурма на составот на Уставниот суд од 2009 година ќе ја оставиме за друг пат), а не и одлука за која нема да се знае колку граѓани биле „ЗА“, за да може да се смета за усвоена.

Да усвоиш, пак, според Толковниот речник на македонскиот јазик значи нешто „да присвоиш“, „да посвоиш“, нешто да стане „твое“. Значи смислата на зборот е позитивна, а не негативна. Заевци треба да имаат гласање во кое, за да се задоволи нивната волја, граѓаните треба да решат договорот со Грција да стане нивен, да го присвојат. Во македонскиот јазик, зборот „усвои“ нема негативна форма, односно не можеш нешто да усвоиш така што ќе знаеш колкумина се „ПРОТИВ“, ама нема да знаеш колкумина се „ЗА“, односно нема да добиеш мнозинтво од „ЗА“. Токму поради тоа значење на зборот, и поради одредбите за тоа како се усвојуваат и самиот Устав и законите, немало потреба од дополнително објаснување на терминот во член 73 од Уставот и во член 30 од Законот за референдум. Или уште еднаш, едноставно е: со „ЗА“ усвојуваш (а тоа го бара Уставот), со „ПРОТИВ“ отфрлаш (што не с ебара ниту со Уставот, ниту со Законот).

Во спротивно, теориски можно е против да бидат 899.999 гласачи колку што и излегле на гласање, а Заев и неговата весела дружба да прогласат дека договорот со Грција е усвоен, иако има само еден гласач „ЗА“ кој можеби и нема да излезе на гласање. Значи, референдумот може да помине, односно одлуката на него може да е усвоена иако убедливо малцинство се „ЗА“ договорот. Како е тоа можно? Ха, ете можно е, кога за тоа мудруваат Заевци.

Патем, кога тоа би поминало, веќе утре можете да добиете референдум (со 150.000 потписи) за тоа „Дали сте против Македонија да испрати мисија на Марс?“ И ако не излезат 900.000 гласачи плус еден и ако од нив 450.000 плус еден не бидат против, ќе се смета дека одлуката за испраќање на мисија на Марс е усвоена. И тоа, според Уставот, таа одлука е задолжителна. А, на другата страна, да имате само 10-тина лица кои навистина се за тоа Македонија да го види Марс. Ви личи ова на нормално? Не, разбира се, но така е тоа кога државата ни стана оранжерија со краставици.

Дарко Јаневски за Денешен

loading...