За инат на Талат, ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа Австрија

АКЦИЈА
loading...

Александра М. Митевска, за СДК

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа седницата на собраниската Комисија за европски прашања, на која австриската амбасадорка Ренате Коблер ги презентираше приоритетите на претседателството на Австрија со Европската унија.

Таа изрази жалење поради неприсуството на пратениците на опозицијата на седницата на Комисијата за европски прашања, велејќи дека сето ова се прави за целата држава.

При презентацијата на приоритетите на Австрија за раководењето со ЕУ, амбасадорката Коблер честиташе за постигнувањата и реформите, особено за договорот за добрососедство со Бугарија и за договорот за името со Грција, за кои рече дека се од историски размери.

И претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби рече дека жали што опозицијата не учествува на седницата.

„Тие, како што самите велат за нас, ние сме блескале во интегративниот процес, и не сакале да нѐ засенат. Јас би рекол, дека треба да учествуваат и тие и да го споделиме тој блесок заедно“, рече Груби.

Од парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека не присуствувале на седницата поради неодговорно однесување на претседателот на Собранието Талат Џафери, и Артан Груби, претседател на Комисијата за европски прашања, кои го прекршиле Деловникот и во исто време закажале седница на собраниска комисија и седница за пратенички прашања.

„Во досегашната пракса во Собранието секогаш кога се одржувала седница за поставување на пратенички прашања не се одржувале комисии или други активности со цел пратениците да не бидат спречени да присуствуваат на седницата. Гледаме погазување на таа пракса. Во исто време кога се поставуваат пратеничките прашања, се одржува и Комисијата за европски прашања. Со самото тоа пратениците кои што се членови и заменици членови во комисијата не се во можност да поставуваат пратенички прашања до Владата, нешто што им се гарантира со Деловникот “, стои во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од пратениците, нивниот лидер Христијан Мицкоски дојде на приемот што синоќа на платото пред МОБ го организираше амбасадорката Коблер по повод преземањето на претседателството со ЕУ од Бугарија. Таа во говорот поздравувајќи ги гостите посебно го поздрави и лидерот на опозицијата. Присуството на Мицкоски не остана незабележано и од премиерот Зоран Заев кој исто така зборуваше на свеченоста, па и тој посебно го спомена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со кого, како што кажа треба заедно да се внесе Македонија кон ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ, како членка на европските народни партии е сестринска партија на актуелниот австриски премиер Себастијан Курц.

За време на кампањата за парламентарните избори кои се одржаа на 11 декември 2016 година, Себастијан Курц, кој тогаш беше министер за надворешни работи на Австрија, како партиски лидер дојде за поддршка на митингот на ВМРО-ДПМНЕ.

Програмата на Австрија за шестмесечното управување со ЕУ е под мотото „Европа која штити“.

 

loading...