Шекеринска: Македонија следната недела ќе ја добие поканата за членство во НАТО

АКЦИЈА
loading...

Македонија следната недела ќе ја добие поканата за членство во НАТО, а за неколку месеци ќе почне процесот на ратификување на протоколите, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која информираше дека денеска на владина седница е усвоен Стратегискиот одбранбен преглед.

Министерката Шекеринска напомена дека земјата на церемонија во Брисел на Самитот кој е закажан за 11 и 12 јули ќе и биде врачена поканата за членство и оти конечно Македонија ќе стане дел од најмоќната воена Алијанса во светот.

Шекеринска напомена дека Македонија од 2004 година немала стратегиски одбранбен преглед и оти конечно како што и пред една година оваа Влада најави овој важен документ во сферата на одбраната е донесен.

Со овој документ, рече Шекеринска, Македонија ќе добие модерна и флексибилна Армија која ќе ја гарантира безбедноста која континуирано ќе биде модернизирана и ќе јакнат нејзините оперативни способности. Предвидена е промена на структурата на АРМ, како и реорганизација на Министерството за одбрана со фокус на тоа да се обезбеди подобро менаџирање.

loading...