Мико: Грците веќе имаат список од најмалку 3.500 компании што ќе треба да го менуваат името

АКЦИЈА

Пишува Џејсон Мико, за Свест.мк

Еве едно интересно интервју со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, за „Добро утро Грција“ од 19 јуни 2018 година, два дена по потпишувањето на договорот Заев – Ципрас, во кој открива неколку навистина неверојатни информации. Како прво, и можеби најмалку изненадувачки, Коѕијас открива дека на Владата на Заев многу и се брзало да ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО. Коѕијас: „сакаа да влезат во НАТО и во Европската Унија и им се брзаше“. Но, тоа не е интересниот дел во интервјуто. Коѕијас практично вели дека, доколку Грција не се согласеше со овој договор сега, Македонија ќе побараше членство во НАТО според времената референца од Обединетите Нации, по што Грција повторно ќе го искористеше своето вето, Македонија повторно ќе се обратеше на Меѓународниот суд на правдата, МСП повторно ќе решеше во полза на Македонија – и според правилата на ОН, Македонија ќе аплицираше за членство во ОН под своето уставно име, разврска на која и порано повикуваше доктор Игор Јанев. Може да ја прочитате неговата аргументација тука.

Потоа доаѓаме до трнливото прашање на „иредентизмот“, за кој Грција долго време ги обвинува Македонија и Македонците. Во неколку места во интервјуто Коѕијас вели дека „иредентизмот, како и повеќе други прашање, се запира на службен и задолжителен начин“, и „оружјето на Заев во убедувањето на неговите луѓе да го прифатат менувањето на името на државата е да прифатат дека само тие луѓе и никој друг практикувале иредентизам. Да се прифати дека Уставот мора да се смени“. Прочитајте го ве молам овој дел уште еднаш: „ дека само тие луѓе и никој друг практикувале иредентизам“.

Следно, доаѓаме до важниот дел на договорот кој се однесува на компаниите и физичките лица. Коѕијас вели дека договорот е „своевиден закон, и неговото прекршување ќе повлекува сериозни последици за вашата економија и за вашето општество“. Значи ќе имаме економска уцена, нешто во што Грците се навистина добри. Понатаму, Коѕијас доаѓа до суштината на ова прашање. Македонските приватни компании „ќе формираат заедничка комисија, а Европската Унија – при што ние сме во ЕУ, а тие не се – и Обединетите Нации првин ќе ги проверат имињата на 3.500 компании. Овие 3.500 компании потоа ќе ги решаваат проблемите со нивните имиња. Како ќе ги решат? Врз основа на членовите 7 и 8. Што се вели во тие членови? Дека тие немаат право да се повикуваат на грчката историја и на Антиката. Важно е да им се објасни на луѓето дека, за првпат, во договор меѓу Грција и Скопје се вели дека ќе се стави крај на иредентизмот, и дефинитивно и неотповикливо ќе се оддели од античката грчка култура“.

Разбирате ли што ова значи? Дека веќе постои список од најмалку 3.500 компании – приватни компании – кој го составиле тие, Грците, веројатно затоа што во нив во некоја форма е содржано името „Македонија“. И Грците ќе бараат од овие компании да „ги решат своите проблеми со името“. Што значи тоа? Јас како што го разбирам овој став, Грците ќе бараат од приватни компании да ги сменат своите имиња – или ќе велат дека Македонија го прекршила договорот што „ќе повлекува сериозни последици за вашата економија и вашето општество“.

Компаниите во Македонија треба да побараат одговор од Владата – што значи ова? Дали ќе бидат принудени да ги менуваат имињата на своите компании? Дали ќе мора да ги менуваат сите материјали, документи, ознаки, интернет страници и домејни – буквално се? Колку време ќе биде потребно за ова и дали Владата ќе плати за овие промени? Уште нешто: како вие, како Влада на Македонија, смеевте да преговарате дека ние, приватни компании, ќе треба да се нарекуваме во иднина? Ова ќе создаде конфузија, хаос и голема доза гнев. Уште едно прашање што се наметнува тука: дали македонската Влада, заедно со нашите грчки пријатели, ќе бара и од македонските групи во дијаспората и низ светот да ги сменат своите имиња? Секако, нели, за да се „развиваат добрососедските односи“.

Ова е најдобра најава до сега за тоа што не очекува во иднината – интересна колумна од доктор Атанасиос Граменос, политички научник од Универзитот Македонија во Солун. Објавена е во грчки Катимерини на 19 јуни 2018 година,  и во неа Граменос вели „секако, критичарите се сомневаат во спроведувањето на договорот, особено деловите што се однесуваат на историското и културното наследство. Одговорот тука е дека спроведувањето на договорот ќе биде обврска не само на официјалните претставници туку и на граѓанското општество и на обичните граѓани. Досега беше пракса грчките групи, компании, студенти и обични патници молчешкум да го прифатат користењето на уставното име на БЈРМ во меѓународните форуми. Од денес натаму ќе има ново име кое со себе повлекува одредени предуслови и сите заинтересирани страни мораат да ги спроведуваат (подвлечено од мене).

Погледнете го овој став, кој е широко распространет во Грција, и интервјуто на министерот Коѕијас погоре, и погледнете како договорот ќе се одрази на приватните компании. Грчката Влада и грчкото општество ќе инсистираат македонската Влада и целото македонско општество да се однесуваат како полицајци самите кон себеси и да обезбедат сите – од владините претставници до последниот граѓанин – да ги почитуваат овие екстремни ограничувања кои се предвидени со договорот. Ова е Орвеловски.

loading...