Колумна на Солза Грчева: Референдум – НЕ!

АКЦИЈА
loading...

Објавено на Вечер Прес

После низа на незаконски дејства, после противуставното и еднострано потпишување на спогодбата со Грција, се најавуваат уште нови подлости и измами врз македонскиот народ. Се спрема заобиколување на потписот на претседателот Иванов, се спрема најголемата измама наречена референдум.

Добро знаат дека без позитивно изјаснување на граѓаните на Република Македонија, оваа спогодба не значи ништо. Исто така добро знаат дека за тоа нема никаков национален консензус. Почнаа веќе однапред да кукаат и плачат да се намалел цензусот, па тој да бил консултативен и што не, секако низ устите на само произведените аналитичари, читај измеќари.

Од многу одамна тврдев и сега тврдам дека имаме “напумпан“ избирачки список. Дека кај нас изгледа нема деца, па сите гласаат. Сите мислевме дека истиот е само за изборни измами и манипулации. Се чудев во време на Пржинскиот процес, зошто тогашната опозиција воопшто оди на избори со ваков список. Одговорите за наивните стигнаа и побргу од очекуваното.

Прво, тогашната опозиција не дојде самата на власт, туку “ја дојдоа“ со еден добро осмислен изборен инженеринг независен од списокот, а второ знаеле или поточно ветиле дека ќе дојде набргу моментот кога името ќе го продаваат како зелки на пазар. Затоа списокот речиси и не го пипнаа. Тоа само значи дека во него има голем простор за манипулации.

И покрај тоа, толку е мал процентот на “восхитени“ Македонци (отприлика колку порастот на БДП) од било која политичка опција кои ќе им гласаат на референдумот “за“, што не престануваат да манипулираат и да пронаоѓаат креативни решенија кои ќе ги одведат до портата на рајот. Онаа иста порта која пред само неколку дена им ја треснаа во лице и јасно им кажаа дека не се способни да водат држава, а името за џабе се обиделе да го променат.

Се разбира малку ги пофалија како послушни кученца…

Многу ми е интересен моментот што поранешната опозиција во вакви слични ситуации за време на Груевски, постојано велеше дека не било до името, туку до реформите кои ги немало. Да, така е и уште полошо. Овие сега реформи не само што не знаат, туку и реално и не можат да направат со онаа збирка од ликови како од стриповите.

Еве и кога божем го решија името (и идентитетот на Македонците) повторно им светнаа шамар. Јасно им е кажано дека ЕУ не ја гледаат уште многу, многу години. За џабе е пропагандата, за џабе сликите со вештачки насмевки во авионот, за џабе измислуваат флоскули кои не лепат. Уште полошо, Франција јасно стави на знаење дека дури и да се направат одредени реформи кај нас што е научна фантастика, тие ќе чекале самата Унија внатре да се реформира. Не умри магаре до зелена трева.

Референдум не смее да има. Како е можно сегашната најголема опозиција да вели дека спогодбата е капитулантска, погубна, историски штетна, што е точно, а уште да инсистира дека и тие им ветиле референдум на граѓаните. Референдум за што? За капитулантското, погубното и историски штетното решение?!

Референдум за откажување од нашата историја, за откажување од нашите малцинства во соседните држави, референдум за понижување на нашите по светот, референдум против нашата култура, против нашите предци, референдум за печатење на пари од променетите лични документи, референдум за гушење на слободата на говор, референдум за кршење на сите конвенции за човекови права и слободи, референдум за “светлата иднина“ која, еве видовме, не зависи од нашето само укинување, референдум за укинување на суверенитетот ? Зарем смее да му се даде шанса на таквото решение?

Зарем не е ова драматичниот момент кога мора да се застане цврсто на само една линија: НЕ за референдум, НЕ за уништување на македонскиот идентитет. Зарем не е ова моментот кога мораат да се отворат картите и да се повика народот да не прифаќа референдум?! Зарем ќе си дозволат, ако помине фалсификуваниот референдум, да гласаат за уставни измени, почитувајќи ја “волјата“ на народот?! И нека не се лажат дека истиот тој прекрстен и излажан народ ќе ги донесе на власт во прекрстената држава.

Тоа едноставно нема да се случи. Сега се води битката, а ако се изгуби што не сакам ниту да помислам, “генералите“ можат слободно да си останат дома. “Меѓународната“ го пронајде овде својот вазал и нема никаква причина во догледно време да создава и инвестира во други љубовни врски. Се ќе зависи од народот кој на своја кожа веќе и сега ја чувствува неправдата и понижувањето.

Австрија од денес го презема водењето со Унијата. Прв приоритет ќе и бил заштита на границите. Ете ја нашата улога во големата игра. Ете зошто, помеѓу другото, се прави овој против цивилизациски експеримент врз нас. Тие ќе ги чуваат своите граници, а ние ќе ги отвораме обновувајќи 22 згради за “бездомници“.

Ако продолжиме со ваквото проституирање, дури и шефот на борделот ќе не презре. И веќе тоа го прави отворено.

За ликовите од борделот на власта и не само во неа, немам намера да пишувам. Се појавуваат (не)очекувано како печурки по дожд. Истите кои до вчера тврдеа дека никако не прифаќале промени во Уставот, сега и тоа не ги боли. Платени се да не ги боли, платени се да не нарекуваат “племе“. Ако чекаме таквите да не еманципираат од племе во народ, далеку ќе стигнеме. Во нивни раце, попрво ќе деградираме во амеби.

Затоа, да ги потсетам Македонците. Трговијата со нас не е дозволена. Нека тргуваат со домати, пиперки и марихуана. Доста им е.

Референдум не смее да има!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)

loading...