Глигор Стоименов: Завршивме голема работа, е нека пукнат сега

АКЦИЈА
loading...

Многупати ме инспирираат и мотивираат некои луѓе кои на оригинален и едноставен начин ќе Ви кажат нешто и притоа кога ќе размислите ќе видите дека има многу вистина во тоа што го мислат. Понекогаш е најтешко со неколку едноставни збора да кажете се. Па така овие денови еден постар човек кого го сретнав ми вели ,, Знаеш, се заврши голема работа со ова, со ЕУ, што добивме преговори, е сега нека пукнат овие другиве. Кои други му велам, па сите сме за ЕУ, веројатно сите се радуваат, е ама не било така.

Луѓе мои навистина не било така. Во право беше човекот. Еден дел од македонските граѓани, за жал, со нетрпение чекаа и навиваа за тоа Македонија да не добие датум за преговори и да биде блокирана од некои земји членки на ЕУ. Со часови некои медиуми и портали пренесуваа лажни вести од Брисел дека еве не сме направиле ништо, се пропаднало, па требало оставки, бла, бла и така натаму. Ама на крајот останаа поразени со прстот во уста.

Ете добивме датум.

Но ова е поразително и разочарувачки за сите нас како општество. Се разбира дека тоа не беше мнозинство од македонскиот народ но сепак е некоја значителна бројка на луѓе.

Јас можам се да разберам.

Можам да ги разберам раководствата на опозициските политички партии, дека едноставно немаат интерес да добиеме датум за преговори, оној конфузен лидер на опозицијата вели дека тие биле за ЕУ ама не сакаат преговори, не сакаат договор, ама важно биле они за ЕУ и НАТО, биле како па да не, ги видовме колку биле во изминативе години, друг да ги решава работите а они да бидат патриоти, така ли. Можам исто така да ги разберам оние ситна боранија партии на кои им фрлаат некоја коска за да бидат патриоти и да веат знамиња од други држави, ги разбирам и оние тајкуни бизнисмени кои немаат интерес да бидеме во ЕУ затоа што таму важат други правила на работење, оние новинари со сериозна дијагноза, кои не бранеа од Сорос, како и многу други групи и поединци, сепак можам да ги разберам. Но не можам да разберам кога ќе видам како размислуваат многумина кои не се дел од овие структури, кога ќе ги прашате зошто сте против тие ви велат дека никогаш нема да не примат таму во ЕУ, ете затоа биле против. Е сега што да кажете на ова.

Почитувани, голема апатија и фрустрации го зафатиле нашето општество во изминативе години. Токму во овој одговор, дека никогаш нема да не примат таму во ЕУ се гледа суштината на целиот наш проблем што го имаме како нација. Нас до толку не утепале со пропаганди овие години на ништо веќе и не се надеваме. Но од некаде мораме да почнеме. Сега веќе се зависи од нас, не зависи веќе ништо од лошите соседи кои не не сакаат, тоа го средивме, сега се е во наши раце.

Треба да се погледнеме меѓусебе и да си одговориме дали сме спремни да го реформираме нашето општество. Преговорите со ЕУ не се ништо друго туку реформирање на нашиот политички и правен систем, како и усогласување и ускладување со правото на ЕУ, но освен тоа треба да бидеме спремни и да го реформираме нашиот ментален склоп како народ, да токму така, Македонците треба да го ресетираат својот начин на размислување и делување.

Не може да правите реформи кои ги бара Брисел од вас а притоа дома да имате поделено општество на два табора, едни за, други против. За оваа работа мора сите заедно и власт и опозиција, барем мнозинството од граѓаните, да се впрегнат и да ги буткаат реформите во наредните години. Опозицијата не може и не треба да дава отпор кон реформите. Не може да барате реформи а да го кочите носењето на реформски закони во парламентот и притоа да условувате за многу закони, не може да барате реформи во правосудството а да давате отпор за бомбите, за 27 април, за провизиите, е тоа не може. На крајот не може само декларативно да изјавувате дека сте за Евроинтеграции а да не сте расчистиле самите со себе, дали навистина сте.

Да, многу работи не одат едно со друго.

Но една работа е сигурна. После долги години ќорсокак, Македонија доби датум за преговори со ЕУ.

На 12 јули очекуваме добивање покана за НАТО, тоа ни го соопшти лично Генералниот секретар на НАТО. Па малку ли е.

Ова се значајни и големи настани за нашата земја и нашиот народ и драматично позитивен и историски пресврт за нашата земја. Ова никој не може да го оспори. Ги натеравме Бугарија и Грција да лобираат и да се борат за нас, алооо, па тоа нели е голем успех, нели до вчера ни беа непријатели кои сакаат да ни ја земат државата, така ли беше. Се прашувам колку треба да бидеш очаен, малициозен и фрустриран да изјавиш дека ова било дебакл и требало да следат оставки. Сакаат да го збунат повторно нашиот народ па некои сомнителни типови ни кажуваат дека всушност не сме добиле датум, туку условен датум било тоа. Па од НАТО ќе сме добиеле само покана ама нема членство додека не го исполниме договорот. Па добро утро бе шутраци, па за што преговаравме со Грција, фала богу дека мора да го исполниме договорот. Па не требало да бидат преговорите во 2019 туку веднаш, уште оваа недела требало да почнат преговорите, и сега повторно ние треба да објаснуваме. Ама што да се каже не сета оваа безидејност и глупави критики. Ајде вака да бидеме на чисто и да објасниме.

Кога добивате датум за почеток на преговори како последна фаза од процесот на приклучување кон ЕУ, тоа обично се прецизира во некој нареден период, вообичаено е да биде во почетокот на наредната година. Ниту една од балканските држави не добила датум и веднаш наредниот месец да отпочне со претпристапните преговори. Видете ги случаите со Србија, Црна Гора, Бугарија итн. Обично до сега било така, ако добиете одлука на јунскиот самит ќе ги почнете преговорите најрано во јануари наредната година. Следни датуми се април и јуни. Ние добивме датум за наредниот јуни, што е сосема во ред затоа што во наредниот период ни е потребно време да ги почнеме подготовките за преговори, не заборавајте дека до скоро бевме заробена држава, но исто така во наредниот период и Европската комисија треба да направи еден длабок преглед (скрининг) на нашите институции и законодавство и да видат до каде сме. Секако за оваа одлука што не бил датумот во јануари или април имаат свое влијание и односите внатре во унијата, тука е Франција и некои други земји кои бараат реформи и преструктуирање на некои институции и одлуки во унијата, исто така наредната година се изборите во ЕУ и тоа несомнено се работи кои не зависат од нас.

Оние што викаат дека требало веднаш да почнеме да преговараме се истите оние кои беа главната причина зошто 13 години не почнавме воопшто да преговараме. Затоа баталете ги.

Е сега била условна поканата.

Се понатаму е условно дали ви е јасно на вас нешто или не. Нормално е да е условно. Тоа условно е една чиста формална клаузула затоа што и оние земји кои добија датум кој што не беше условен всушност не ги почнуваа преговорите додека не беа спремни, и кај нив беше условно, условот е да бидете спремни за преговори. За сите така било, прво реформи па после тераш понатаму. Отворање на секое ново поглавје е условно, секогаш може да ве блокираат, целиот наш пат што треба да го изодиме до ЕУ е условен, затвораш едно отвораш друго, но така е и во животот, се е условно. Ама сега кога е условно, условот е дека се од нас зависи, нема веќе блокади, доколку ги завршуваме успешно реформите така и ќе ги затвораме поглавјата, не постои никаква гаранција дека тоа ќе оди брзо ако ние така не сакаме и ако даваме како општество отпор кон промените.

На крајот ни останува на сите нас да се фатиме за работа со една позитивна енергија, со еден разбуден оптимизам дека можеме конечно да ги менуваме работите на подобро и да разбереме дека целата сила и моќ на светот се во нас, во никој друг.

loading...