Во Скопје се краде на големо: Колку станови се ограбени во последниве 3 месеци

АКЦИЈА
loading...

Вкупно 502 станови во Скопје настрадале од крадци во период од јануари до март годинава. Според статистиката на МВР, 224 станови биле ограбени за само три месеци на подрачјето на општина Аеродром и Центар. Бројките на МВР велат дека на подрачјето на Македонија од јануари до март годинава евидентирани се вкупно 700 тешки кражби во стамбени објекти.

Најкритични делови во Скопје во кои крадците најчество влегуваат и ограбуваат се општините Аеродром и Центар. Податоците на полицијата велат дека за три месеци во општина Аеродром крадци влегле и извршиле тешки кражби во вкупно 114 станови, а во Центар ограбени биле 110 станови.

По овие две општини, во периодот од јануари до март 2018 следат кражбите во Карпош каде евидентирани се 90 тешки кражби, па Чаир со евидентирани 48 кражби и општина Гази Баба со евидентирани 44 тешки кражби.

Меѓу местата во кои најмалку се ограбувале станови, според статистиката на МВР влегуваат Драчево со вкупно 10 кражби, Кисела Вода со 20, Бит Пазар со 31 и Ѓорче Петров со 35 тешки кражби во станови.

Начинот на кој се извршуваат тешките кражби е различен, од употреба на физичка сила, влегување преку балкони, како и отварање на блиндор врати во становите со клуч кој крадците ги користат, а кој ја отвара бравата и не остава никакви насилни траги.

Кога сопствениците ќе стасаат дома и ќе ја погледнат бравата, ништо не им најавува дека се ограбени се додека не влезат во станот и не видат дека работите се разместени и им недостасуваат вредни работи. Се краде златен накит, пари, лаптоп компјутери, вредни предмети, па дури и клучеви од автомобили.

Вештината на крадците оди до таму што успеваат да влезат во станот без да ја оштета бравата, како и да заминат со богат плен и никогаш да не бидат откриени.

Полицијата по пријавените кражби прави увид и се собираат докази од местото и трага по сторителите.

Последната поднесена кривична пријава за тешка кражба во полицискиот билтен беше за скопјанец од Волково кој ограбувал станови и пред да биде откриен успеал да влезе во осум станови и незаконски да заработи 943.000 денари.

Неговата технологија на ограбување била до таму разработена што со еден клуч успеал да ги отвори блиндор вратите на сите станови и да влезе во нив без да остави насилни траги.

Советите на полицијата и надлежните во врска со тоа како да се заштите од крадците, освен со блиндор вратите кои се чини дека и не се стопроцентна заштита од крадци, се и тоа да не споделувате на социјалните мрежи дека заминувате на одмор,оти во тој случај кога јавно ќе споделите дека отсуствувате од дома, станувате потенцијална мета на крадци.

loading...