Дали тоа Македонија и Балканот се жртви на Макрон Бонапарта?

АКЦИЈА
loading...

Кога во пролета 2017 беше избран за председател на Франција Емануел Макрон еуфорично изјави: “ Ке владеам како Јупитер, римскиот бог на боговите“. Два месеци подоцна, во јули 2017 во конгресната палата на “Кралот на Сонцето-Луј XIV“ во Версај го свика заедничкиот состанок на сенаторите и пратенците на Франција, каде им oдржa “педагошка лекција“ за неопходните реформи во државата. На почетокот на 2018, слично на Владимир Путин, го организира “Самитот на привлечноста и додворувањето“ со шефовите на најпознатите светските индустриски, технолошки компании и банки (Кока Кола, Facebook, Google, Manpower, Novartis, Alibaba, JPMorgan, HSBC,Bank of Amerika..). Бизни-средбата беше одржана во барокниот раскошен дворец на “Кралот на Сонцето-Луј XIV“ во Версај. Неговата порака кон светската бизнис елита гласеше : “Одбери ја Франција- Choose France“.

Во 2017 неговата популарност беше во пораст. Француските пера почнаа да го споредуваат со Наполеон Бонапарта, исто како што Рејмон Арон го споредуваше Генерал Де Гол во 1943 со големиот француски војсководител. Или како што тоа во 2009, познатите аналитичари Ален Дуамел и Патрик Буисон го споредуваа Никола Саркози со славниот корзиканец Наполеон. Нема сомнение дека Франција сеуште неможе да ја заборави својата дипломатска величина од пред 100-200 години. Таа е во постојана потрага по новиот Наполеон. Овој пат според Жан Доминик Мерше, нема никакви сомнежи. Макрон е созија на Наполеон. Впрочем и самиот Макрон во едно интервју за Paris Match истакна дека “ моментот во кој ние живееме се одликува со нешто наполеоновско..“

Макрон егал Наполеон

Тој е мериократ, и слично на својот славен претходник “настојува да ја пополни празнината што ја остави гиљотинираниот Луј 15“, истакнува Мерше. Наполеон стапува на престолот мошне млад исто како и најмладиот француски председател Макрон. Тој е бонапартист како според почитувањето на редот и авторитетот, така и според славата и сопственото политичко движење кое наликува на наполеоновата организација.

Во политиката Макрон се одликува со духот на современ бонапартистички освојувач за разлика од деголизмот кој го симболизираше духот на отпорот. Во континентлната конструкција, слично на Бонапарта, кој настојуваше да го адаптира францускиот модел кон Европа, европскиот проект на Макрон е екстремно француски, со што наидува на недоразбирање со Канцеларката Меркел. Макрон сонува да биде лидер на Европа. Неговиот проект е имплементација на францускиот leadership во Европа. Било каде да зборува, на Сорбона, во Обединетите нации, Атина или Луксембург. неговата амбиција е да се чуе гласот на Фрнација и секако неговата решавачка улога во донесување решенија.

Таквите еуфорични комплимети и самобендисувања, критичните интелектуалци ги натераа на одреден сарказам. Дали не постои ризики од разочарување, кога некој се споредува со историски личности? Дали костумот на Макрон не е преголем за таквите еуфорични компарации?

Една година по неговиот избор, 58% од Французите немаат доверба во Макрон, наспроти 40% кои сеуште го подржуваат. Падот на популарноста се објаснува со повеке непопуларни потези на Макрон како што се: смалувањето на буџетот на армијата, смената на Командантот на армијата на Франција, “неговата какафонија“ во Парламентот, реформите во државната железница, тешките реформи во образованието. Критичарите сметаат дека неговата популарност е само еден “маркетиншки производ“.“Тој самиот се продава како вкусно чоколадо, благодарение на рекламата која го агресира потрошувачот“.

За продлабочување или за проширување на ЕУ?

Темата за приоритетот на “реформите и продлабочувањето или проширување на европските интеграции“ подолго време е присутна во дебатите на француската политичка елита. Состојбата на почетокот на 21 век беше сосема поинаква. Да се потсетиме: во 2003 на Самитот на ЕУ во Солун, беше најавен големиот “bing bang” на Западен Балкан во ЕУ. Отогаш поминаа 15 “посни години за регионот“ и само една држава (Хрватска) се здоби со членство. Во очите на еврократите, деценијата помеѓу 2005 и 2015 се смета за “ деценија која ја изедоа скакулците“.

Во 2014г кога беше избрана новата влада на ЕУ, беше најавено дека “се заледува“ проширувањето на ЕУ кон Балканот. Дури кон крајот на 2017г Председателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер и Еврокомесарот Хан го најавија повторното актуелизирање на “политиката на отворени врати“. Меѓутоа таквата “гостољубивост“е зајакната со преку 50 препораки кои треба да ги задоволат државите-аспиранти.

На состанокот на Европскиот парламент во Старзбург оваа пролет, Макрон ја представи својата нова доктрина за ЕУ. Верен на својот политички снобизам и големина, смета дека “стратешка цел на Брисел“ е да се фокусира врз “ големите светски прашања“ и да ги брани своите “интереси и вредности“. Еропските народи “изгубија доверба во европските институции“. Макрон смета дека не постои координација меѓу “европските политики“, додека “економските стратегии воопшто не се комплементарни“. Воедно евро-зоната не е способна за брзи реакции кон изненадните шокови. “ Оваа епидемија мора да ја победиме за да го регенерираме европскиот идеал“ смета французинот. Макрон предлага три големи европски влогови: дебата и “враќање на довербата“, консолидација на ЕУ преку “пет димензии на суверенитетот“ (одбрана,економски раст, заштита од кинеско-индиската трговска офанзива, и тн…) и јакнење на европскиот идентитет.

Балканскиот евроскептицизам на Макрон

Во однос на проширувањето на ЕУ кон Балканот, Макрон е умерен скептик. Тој истакнува дека “посакува Балканот да стане дел од Европа за да не инклинира кон Турција или Русија“. Меѓутоа приемот на балканските држави го условува со “унапредување на длабоките реформи во ЕУ, реформите во државите-аспиранти и надминување на билатералните спорови“. Политички ослабената Меркел само формално го подржа прделогот на Макрон. Нејзината главна опсесија е мигрантската криза. Впрочем темата со миграните и проширувањето на ЕУ, ризикуваат да станат водечки влогови на предстојните избори за Европскиот парламент. Згора, десничарскиот опонент на Макрон, Вокие веке наговестува дека “ гласањето за Макрон на следните европски избори е гласање за проширување на ЕУ на Балканот“. Во услови на порастот на популизмот и евроскептицизмот во Франција, Макрон е свесен за моќта на Марин Лепен и Лоран Вокие на следните избори за евро-пратеници.

Неговата министерка за европски прашања, Натали Луазо, смета дека “кога е во прашање проширувањето на ЕУ не е потребно да се фиксираат критични датуми за прием до 2025, туку да се следи фактичката подготвеност на државите-аспиранти“. На тој начин Макрон ги става под знак на прашање и европските амбиции на Србија и Црна Гора. Тој смета дека бил избрзан приемот на Бугарија и Романија. “Таму дури ни се случува да се појави и по некој русофил на значајни политички позиции“. Критичарите во Брисел сметаат дека “таквата политика е лоша порака и постои опасноста од туркање на Балканот да бира помеѓу Москва и Брисел“.

Разбирливо, со таков ризик е и опонирањето на Макрон кон донесувањето одлука за датум за отпочнување на преговорите на РМ со ЕУ. Главен влог е предстојниот референдум за името. Едноставно неговиот бонапартистички дух не е подготвен да го конзумира успехот на Ципрас и Заев. Спорот меѓу Скопје и Атина не е во редот на атрактивните “големите светски прашања“ со кои би се зафатил новиот Наполеон. Сепак со помош на нашите балкански сојузници Бугарија и Грција и со асистенција на домакинот Луксембург и Германија, избоксуван е еден поволен пас кон ЕУ. Епилогот за Македонија можел да биде многу полош, доколку лидерот Макрон покажеше уште поголем цинизам наспроти сите останати европски сојузници. France is back. Макрон ја пополни празнината. Тој навистина представуваше пријатно изненадување за средната класа на Франција но и непријатно изненадување за проевропските елити на Балканот. Французите го сметаат за единствениот вистински пандан на Доналд Трамп. А и тој самиот се смета за водечкиот лидер во Европа. Засега е јасно дека Макрон го воскресна духот на Наполеон дури и во приватниот живот. Слично на Бонапарта и тој живеее со повозрасна жена. Му останува уште обврската да го восресне и духот на европскиот Балкан, кој Наполеон исто така го обожавал според француските критериуми од почетокот на 19 век.

ПЛУС ИНФО

loading...