Интервју со Славчо Попоски за Женски Магазин: Не сум утнал временска прогноза

АКЦИЈА
loading...

Да не звучам нескромно, ама ја кажувам реалноста, а и цела Македонија знае дека барем досега не сум промашил околу анализите. Мојата работа е 24/7 на компјутер и следење на облачните маси и системи над Европскиот континент. За понатаму со Господ напред, вели Попоски

Зошто е невообичаено ладно за овој период во годината? Какво време да очекуваме во наредниот период? Ќе имаме ли мирни топли денови? Одговорите ги има младиот стружанец Славчо Попоски кој со своите метео-анализи е хит на социјалните мрежи.

* Метеорологијата е Ваша пасија повеќе од една деценија, но пошироката јавност дозна за Вас по големите поплави во скопскиот регион од пред две години. Кога почнавте посериозно да ја анализирате временската прогноза?

– Повеќе од десет години го анализирам времето и правам прогнози, но откако се случи немилиот настан во Скопје во 2016 година за мене дозна целата наша држава и стекнав огромна доверба кај народот. Инаку, метеорологијата ја сакам уште од мали нозе. Со нејзе сум се родил, иако можеби звучи смешно.

* Метеорологијата е научно изучување на атмосферата. Вие од мали нозе се интересирате за оваа наука, но немате соодветно образование. Дали се соочувате со непријатни ситуации, дали некои луѓе се обидуваат да го девалвираат Вашето знаење?

– Немам никакви притисоци. Дури и институциите доколку има вонредни услови ја следат мојата анализа и прогноза. Моментално работам на тоа за во иднина да бидам дипломиран метеоролог бидејќи мојата работа веќе не може да се нарече хоби.

* Предвидувањата се меч со две острици. Дали често Ви се случува да утнете во прогнозирањето? Дали таквите моменти Ви влијаат на самодовербата?

– Да не звучам нескромно, ама ја кажувам реалноста, а и цела Македонија знае дека барем досега немам ниту една утка околу анализите. Мојата работа е 24/7 на компјутер и следење на облачните маси и системи над Европскиот континент. За понатаму со Господ напред.

* Дали променливото време директно влијае врз Вашето расположение?

– Како кај многу граѓани и млади луѓе, наглите промени секако влијаат и кај мене. Има моменти кога чувствувам замор, нерасположеност, па дури некогаш и некоја нервоза и главоболки.

* Летото уште на почеток ни донесе изненадувања. Која е Вашата прогноза за наредниот период? Ќе имаме ли во наредните два месеца мирни топли денови?

– Според моменталните анализи летото би било исто така променливо, а можни се и почести врнежи, како и температури под просекот за овој период од годината. Сепак и покрај ова, секако дека може да очекуваме мирни, многу топли и сончеви денови идеални за плажирање.

* Кое е Вашето мислење за глобалното затоплување, за климатски промени воопшто?

– Нема никакво глобално затоплување, ниту пак влијанија на некој си ХАРП систем или вештачки авиони. Сѐ е природно. Моментално се наоѓаме во фаза на ладење на земјата како и намалување на јачината на сончевата топлина, па токму поради ова зачестени се циклоните, врнежите и поплавите како и острите зими ширум Европа и Америка.

* Што сте по вокација? Дали имате постојан работен ангажман или метеорологијата во моментов е Вашиот единствен извор на приходи?

– Исклучиво работам на метеорологијата и сум премногу посветен кон неа. Соработувам со голем број медиуми и секако истите ми носат и приходи. Со Господ напред, тоа планирам и понатаму да го правам во животот.

Ѓорге Стојанов за ЖенскиМагазин

loading...