Дали сте „за“ Република Северна Македонија да влезе во ЕУ и во НАТО

АКЦИЈА
loading...

Дали сте „за“ Република Северна Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ?

Според Ивановски, каков било обид за интервенции во пропишаниот цензус, ќе отвори сомнежи кај народот, кои се непотребни, пред сѐ, затоа што станува збор за прашање од големо значење за иднината на земјава.

Стојанка Митреска за Плус Инфо

Како ќе биде формулирано реферeндумското прашање е клучно за успешен референдум. Прашањето треба да биде јасно, без тактизирање, да не остава никаков простор за сомнежи, без обиди да се надмудри народот или да се смислуваат формулации на кои би биле фатени во замка граѓаните пред гласачките кутии. Законот за рефeрендум е јасен кога вели дека референдумското прашање треба да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓаните да можат да одговорат со „За“ или „Против“.

Со оглед на тоа што Собранието го распишува референдумот, и прашањето треба да биде задача на законодавниот дом. Може да го предлагаат пратениците, но, како што ни објаснуваат правни експерти, Собранието може да одлучи да консултира и други искусни и реномирани стручњаци. Наспроти ставот на некои пратеници, кои очекуваат Владата да го предложи референдумското прашање, во Министерството за првда, ни објаснија дека во членот 9 од Законот за референдум, референдумското прашање треба да го формулира тој што ја носи одлуката за негово распишување, а која треба да содржи образложение за референдумот, информации за територијата на која се распишува, денот и видот на референдумот.

Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд, повикувајќи се на членот 120, став 2 од Уставот, како и на членот 73, според кој одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, вели дека треба да се размислува за референдумското прашање кое ќе обедини три значајни елементи – позитивно изјаснување на граѓаните за стапувањето на земјата во сојуз со други држави, како и за промената која е направена со постигнатиот договор со Грција, а сето тоа тоа да биде поттик и за гласање на опозицијата.

Членот 73 од Уставот вели дека одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи.

„Дали сте за Северна Македонија да влезе во сојуз со Северноатлантската алијанса – НАТО и со Европската унија?“

Со вакво рефрендумското прашање, смета Ивановски, ќе се поттикнат и тие што се противат на Договорот со Грција, односно опозицијата да излезе на гласање која исто така има јасен став во однос на евроатлантските интеграции. Во спротивно би било погубно за најголемата опозициска партија, ако гласа против влегувањето во НАТО и ЕУ.

Ивановски, сепак, смета дека не треба да се избрзува со референдумот, особено сега кога е ратификуван Договорот со Грција, а во кој Македонија нема обврска да спроведе референдум и дека поприоритетно е да се следат сигналите кои доаѓаат од НАТО и од ЕУ, по јулскиот самит на Алијансата и по добиениот датум за преговори од Советот на ЕУ.

Токму и во овој контекст е нејасниот став на опозицијата дали ќе го бојкотира референдумот, зашто Договорот со Грција не ја обврзува Македонија да организира референдум, а пак Уставот нѐ обврзува на референдум во врска со пристапувањето во евроатлантските интеграции. Кога опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој е жестоко критикуван од фракционерите дека се пазари, дека нема јасен став и седи на две столчиња, сега би најавил бојкот на референдумот, тогаш, капитулацијата која тој најчесто ја користи за да го оцени преспанскиот договор, најверојатно ќе треба да си ја препише на себе си и на сопартијците.

Ратификуваниот договор со Грција, претседателот Иванов, смета уставниот судија Ивановски, не може да го блокира затоа што неговиот потпис е само формален акт. Треба да се прави разлика со закочениот Закон за употреба на јазиците кој исто така нема потпис од претседателот, зошто во случајов станува збор за меѓудржавен договор.

– Сега има поинаква клима и дуваат поинакви ветришта. Овој момент не смее да се пропушти, шансите треба да се искористат, затоа сметам дека е подобро да не се брза со референдумот, а референдумското прашање треба добро да се осмисли за да добие поддршка и од опозицијата на референдумот кој пак мора да биде организиран така како што пропишува Уставот и законот – истакнува Ивановски, кој смета дека не треба да се прават промени во законски определениот цензус за успешен референдум, а кој деновиве го заговараат некои политички аналитичари.

Според Ивановски, каков било обид за интервенции во пропишаниот цензус, ќе отвори сомнежи кај народот, кои се непотребни, пред сѐ, затоа што станува збор за прашање од големо значење за иднината на земјава. И не само тоа, евентуалното намалување на цензусот може да отвори прашања и за легитимитетот на донесените одлуки.

Подобро е да се направи детална проверка на Избирачкиот список и ако има недоследности да се корегираат, отколку да се интервенира во промени на условите за референдумското изјаснување на граѓаните. Токму поради сите наведени задачи на организаторите на референдумот, настрана и планираната кампања, уставниот судија Трендафил Ивановски порачува уште еднаш да се размисли за датумот на референдумот, да не се брза за да се организира изјаснување на граѓаните какво што пропишува Уставот и какво што заслужуваат македонските граѓани.

ПЛУСИНФО.МК

loading...