Наум Пановски: Kукавичко јајце во македонскиот скут

АКЦИЈА
loading...

Пишува: Наум Пановски, за civilmedia.мк

“Ќе го доживеат и тие остварувањето на своите идеали.” – Мирослав Крлежа (Коментар на слепиот студентски ентузијазам за време на демонстрациите 1968.)

Во овој месец на општ хаос, какофонија, конфузија, воспалени емоции, во ова време на неконтролирано националистичко насилство, на полициско прекумерно покажување мускули и тренирање строгост, на сеопшта омраза, навреди и примитивни обвинувања и напади од сите оружја и од сите страни и од секој против секого, тешко е да се мисли со своја глава, да се биде умен и разумен и да се искаже било какво поинакво мислење во однос на контроверзниот Преспански Договор.

Секој таков обид во Македонија е дочекуван на нож и од таканаречените патриоти, бранители на македонскиот идентитет и од нарцисоидните европо-апологети, кафански и салонски демократи и борци за одење на Македонија напред. И едните и другите, и ДПМНЕ и СДСМ и нивните симпатизери и активисти брутално, насилно и дрско не дозволуваат никакво друго мислење и видување на процесите и на ризиците кои договорот ги отвора и носи и со таа авторитарна исклучивост подеднакво го контаминираат и онака кревкиот и целосно опустошен македонски пејзаж.

Поради тоа, над секој таков исказ виси неизбежната опасност авторот на овие редови да биде обвинет дека е комуњар (каков грд израз полн со омраза и пизма!!!) и предавник на националната кауза, или пак од другата страна да биде обвинет дека е екстремен националист, кој не ја сака среќната и весела иднина на Македонија во ЕУ и НАТО.

Значи, без разлика од која и да било страна да дојдат нападите и обвинувањата, авторот на овие редови ќе биде квалификуван како еретик, предавник и непријател на Македонија.

Но тоа нема да биде ни прв ни последен пат. Немоќта да се чуе поинаква вистина од таа што се продава како густа магла, да се сослушаат индивидуалците, кои имаат аргументирани ставови и изострен поглед на стварноста, не е од вчера.

Меѓутоа, и покрај сите тие опасности правото на лично видување на нештата и потрагата по вистината која е сокриена во фактите, а не во емоциите и пустите желби кои го заматуваат јасниот поглед, од секогаш ми биле подраги од било какви еуфорични апологии на било која колективна хистерија. А како што знаеме секоја колективна хистерија, како што не учи Вилхем Рајх е еден битен дел од масовната психологија на Фашизмот.

И да биде јасно уште на почеток. Овој критички исказ е од човек кој одамна, многу одамна има расчистено со контрапродуктивниот поим национален иденитет, и кој уште од 1995 година заговара праведен компромис со јужниот сосед, а во врска со неговиот ирационален, параноичен и хистеричен обид да се попречи постоењето на АСНОМ-ска Македонија. За оние, пак, што не ги знаат или, пак, нарочно ги премолчуваат и релативизираат критичките искази и ставови дадени во едни други времиња би било добро да почнат малку и да читаат.

Овој критички исказ е конзистентен со глeдиштата и убедувањата на потписникот на овие редови кој е антифашист, хуманист, бранител на човековите прва, и како најважно, почитувач и борец за владеењето на правото и законите во државата. Како таков, тој не зазема ничија страна, туку се обидува да понуди едно друго видување, едно друго читање на контроверзниот Преспански Договор.

Токму затоа, од тие појдовни точки, може да се каже дека со самото тоа што Преспанскиот Договор е исклучително контроверзен, тој е лош. Тој е едностран, асиметричен, и без неопходен баланс во меѓусебните побарувања и обврски на страните потписнички. Поради тоа е и неправеден и навредлив.

Меѓутоа, она што е битно, од легален аспект, Преспанскиот Договор е крајно дискутабилен и контрадикторен. Договорот во огромна мерка со својот авторитарен јазик и мешањето на Хеленската Република во внатрешните работи на Република Македонија, наметнувајќи свои расистички ригидни услови, е и фашизоиден. И како најважно, Преспанскиот Договор со ништо не гарантира дека Хеленската Република после сите промени и прифаќања на нејзините каприциозни барања нема да го блокира понатамошниот развој и напредок на Република Македонија, и тоа не само кон ЕУ и НАТО. Исто така, никаде во него и со ништо не се гaрантира дека ЕУ и НАТО ќе ја примат Република Македонија во своите редови.

Зошто го велиме ова? Затоа што јазикот што е во него, начинот на кои се артикулирани реченици и одредбите, ги одредуваат фактите кои го прават договорот. Што би рекле американските правници, “It is the legal language that matters”.

А што вели тој јазик?

Како што се гледа од самиот наслов, договорот е склучен меѓу Првата Страна, Хеленската Република (Првата Страна) и Втората Страна. Која е втората страна во овој договор? Има ли таа страна име?

За жал, по некоја глупава и слепа инерција, сите во тој договор како втора страна ја гледаат Македонија, меѓутоа Република Македонија во тој договор не постои. Многумина во Македонија би сакале да ја видат таму, но фактички и легално, Македонија, Република Македонија или поранешна југословенска Република Македонија, ја нема во договорот. Нашите огромни желби и соништа за подобра Македонија, Македонија во ЕУ и НАТО, за жал го заслепуваат разумот и бруталната реалноста која е вградена во договорот и ја манипулираат иднината на Република Македонија која е проектирана во него. Многумина, за жал, во него сакаат да видат нешто што го нема. Или пак, како што велат соседите Срби, “Што је баби мило, то јој се и снило”.

Инаку, поради тоа, секој сериозен адвокат во едно општество, во држава која држи до законот и процедурите слободно може да го доведе во прашење легалитетот, валидноста и легитимитет на тој документ.

Но, што велат правниот јазик и фактите во договорот понатаму?

Ако за миг се погледа што вели и колку многу документи за взаемна соработка и меѓусебно почитување, од Чартерот на ООН за Човекови права до Хелсиншкиот договор за мир и соработка од 1975, се цитирани и наведени во преамбулата на Договорот, веднаш паѓа во очи дека тука нешто не е в ред.

Меѓутоа, нешто подолу во документот, во првиот дел на самиот договор, станува многу јасно, дека сите тие силни и ценети документи, всушност, се само празна фразеологија. Теоретски и политички, тие заложби се и те како добри и пожелни, но тоа на кој начин и како е напишан и сложен договорот, тие заложби во него ги нема. На многу места договорот е и во спротивност со тие заложби. Во него нема ни трага од верба во добрососедство, градење добри меѓудржавни односи, меѓусебно почитување, почитувања на човековите и малцинските права. Тоа е всушност една лицемерна преамбула во која одредените начела и тонот на јазикот со кои се напишани тие на англиски јазик, всушност се во спротивност со прокламираните одредби во договорот.

Во договорот, за жал, постојат само екстремни барања и закани од страна на Хеленската Република, која Втората Страна треба да ги исполни и кои правно се обврзувачки. Во секој меѓународен суд кршењето на тие обврски подразбира и консеквенции за сторениот прекршок. А правната, обврзувачка рамка и правниот јазик во договорот го формира Хеленската Република, на начин кој е насилен, уценувачки, изнуден, и со голема поддршка на дисфункционалната и корумпирана ЕУ бирократија.

За овие недоследности, дискрепанции, контрадикторности и нелогичности меѓу Преамбулата и членовите на договорот би можело цела студија да се напише.

Но преамбулата е само еден мал проблем во овој договор.

Вистинските правни проблеми произлегуваат од првиот дел на договорот , Член 1, Алинеа 3, каде што јасно и прецизно стои:

Согласно тие преговори, заемно е прифатено и договорено следново:
а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е одредено со оваа Спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.

Се прашувам што мислеле и дали воопшто нешто мислеле македонските преговарачи и потписници кога го прифатиле овој член и тоа erga omnes. И дали воопшто знаеле што, всушност, потпишуваат со erga omnes.

За жал, тоа што го сугерира овој стожерен член од кој произлегуваат сите други легални одредби, ограничувања и побарувања кон и од Македонија, всушност, e една стара нехумана, деструктивна, фашистичка идеја која е во оптек не само од крајот на Граѓанската војна во Грција туку и од пред тоа.

Треба ли да се потсетуваме на извонредната студија “Македонците во Егејска Македонија”, на почитуваниот Лазар Мојсов од 1953, година, во која тој ги цитира фашисоидните ставови и негаторскиот однос кон Македонија на грчката официјална политика.

“Македонска нација воопшто не постои… Македонското малцинство во Грција не постои…” Le Message d’Athene, 2. September 1953.

”Македонската нација е едно од прашањата по кои секоја спогодба е невозможна. Скопските управувачи веруваат во постоењето на македонска нација. Тоа е нивно право. Но, за нас и за многу други такво прашање не постои.” To Vima, 1. Септември 1953.

Колку е сето тоа поинаку од денешните искази и ставови на сегашната грчка политичка елита, која вели дека не ја признава македонската нација и дека за нив таа не постои.

И затоа не верувам дека тука се работи за “политичари од новата генерација на Балканот, кои не патат од популизам и опседнатост со историјата, повеќе се прагматичари, разумни, свртени кон европеизиран Балкан”, како што почитуваниот Стево Пендаровски сака да нѐ убеди. За жал проблемот е во тоа дека воопшто не се работи за историја туку, за горчлива фашисоидна сегашност која никако не може да се одлепи од своја историска деструктивна и антимакедонска матрица и која македонските лековерни политичари не сакаат да ја видат.

Од тука, од тие причини Македонија и македонската нација ги нема во договорот. Затоа и доминира идејата договорот да биде склучен со Втората Страна. Втората страна е безимена, односно досега не постоела, а од сега натаму може да постои и ќе биде именувана секаде само како „Република Северна Македонија.“

Затоа е и особено загрижувачки фактот, дека со одредбата тоа ново име да се употребува по принципот erga omneс, е не само вулгарно и флагрантно мешање во внатрешните работи на една суверена држава туку и негирање на нејзиниот правен континуитет.

Тоа авторитарно и непримерно побарување содржано во овој, сега можеме да кажеме срамен договор, е понатаму зајакнато уште повеќе и точно прецизирано и во сите останати параграфи во договорот од b) до h), а кои се дел на Алинеа 3. Со употребата на erga omnes во сите одредници и инстанции, од барање неизоставни обемни уставни промени кои понатаму одредуваат ново именување на сѐ и сешто, од имињата на институциите, до личните документи, всушност, се заокружува еден насилен орвеловски инженеринг и редизајн на Втората Страна која ќе биде препознаена само како нов ентитет, Република Северна Македонија. Со барањето, односно наметнувањето на такви уставни промени се премолчува, односно во суштина се забранува секое именување на било каков колективен национален идентитет како македонски. А, ако тој не е спомнат во договорот односно ако тој не е таксативно одреден со правен јазик кој е соодветен и јасен, на пример со верзии на терминот етнос, тогаш тој и таков национален колективитет во легален смисол значи дека не постои. И да нема забуна и замена на тезите, колективните права не се исто што и индивидуалните права.

Затоа и челниците на Првата Страна, Хеленска Република, посебно Ципрас и Коѕијас по потпишувањето на договорот, во своите чести јавни пројави тврдат дека никој никому не може да му го забрани индивидуалното идентитетско чувство и правото да говори на јазик кој тој го смета за свој. Тоа за нив не е официјално признавање на колективен национален идентитет, а најмалку на македонскиот колективен национален идентитет.

Токму затоа во заблуда се македонските политичари кои мислат, тврдат и манипулираат дека со параграфот „б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи„ е заштитен македонскиот национален идентитет. „Nationality of the Second Party shall be Macedoniаn/Citizen of the republic of…“ не означува ништо друго освен државјанство, припадност, државјани на државата таа и таа.

Ethnos, Ethnicity е терминот кој означува и одредува национална етничка припадност. А тој термин во договорот никаде го нема. И тоа не е случајно.

Односно тоа отсуство на етничкиот карактер на Македонија е наметнато во согласност на долгогодишниот монархофашистички став и делување на Хеленската Репубилка, како што беше посочено, дека Република Македонија, АСНОМ-ска Македонија не постои. Република Македонија во сите свои форми е Титова творевина, односно комунистичка творевина. А бидејќи е комунистичка творевина, таа во огромен дел според нив е производ и на нивните, грчки комунисти. А тие, грчките комунисти заедно со југословенските и македонските комунисти беа окосница на Демократската армија на Грција во текот на граѓанската војна во Грција. Сѐ што мириса на комунистичка творевина, мора да се избрише и да го снема и со тоа конечно да се избришат трагите од грчките фашистички злочини од тоа време, од концентрационите логори на грчките острови каде што беа затворани и грчките и македонските комунисти, до прогонот на нивните семејства и нивните деца од Грција.

Токму затоа, Првата Страна инсистира и наметнува во договорот и во нејзиното соседство да има сосема нов ентитет „Северна Македонија“. А тоа е веќе простор на незавршените идеолошки војни и недоразбирања, каде што поразените фашисти во Втората светска војна, стануваат победници и нови мирнодопски опресори, во овие нови прагматични и неморални времиња на корумпирано владеење.

Затоа мора да биде јасно дека со овој договор не се менува името. Според овој договор, наметнат од Првата Старна, Хеленска Република, на Втората Страна / Безимен Ентитет, и лицемерно и манипулативно промовиран од обете страни како европско однесување, се создава сосема нов ентитет на кој му се одредуваат нови правни норми, побарувања, ограничувања и обврски кои имаат многу сериозни правни консеквенции и рамификации.

Nomen is omen and that makes a difference, велат…

Меѓутоа, она што е можеби најзагрижувачки и ако сакате застрашувачки, а кое го носи овој, на места доста конфузен, правно контроверзен, и недоречен договор, е фактот што во него никаде не стои дека Првата Страна, освен што ги наметнува своите, ирационални, навредливи и неправедни барања, никаде не се обврзува таксативно дека ќе го почитува исполнувањето на наметнатите барањата во договорот и дека нема повторно да се однесува измамнички, превртливо и неодговорно.

Искуствата и штетите направени со нејзиното непочитување на Привремената спогодба од 1995 се сѐ уште свежи примери за нејзината лажна кооперативност и подготвеност да ги почитува договорите што ги потпишува. А така како што се тие заложби формулирани во преамбулата на овој неправеден договор, се скоро идентични со оние во Привремена Спогодба од 1995, во Член 10, кој вели:

“Ц. Меѓународни, мултилатерални и регионални институции

1. По стапувањето во сила на оваа Привремена согласност, Првата страна се согласува да не приговара на пријавата за членство и на членството на Втората страна во оние меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации во кои Првата страна е членка.“

Ако старата сентенца, “Не им верувај на Данајците, (Хелeните) кога дарови носат”, е проверено точна, тогаш тоа може да биде точно и овој пат, па дури и тогаш кога тие дарови вредни 15 милијарди евра им се дарени ним, а не на Македонија.

Овој и ваков наметнат договор, од кој блика грчкиот религиозен монархофашизам, а богами и македонскиот клерофашизам и национализам олицетворен и во двете водечки партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а ни ДУИ во својот религиозен занес и национализам не заостанува зад нив, сериозно однатре ја разградуваат Македонија веќе подолго време. Парадигматично е тоа што овој правно неиздржан и во суштина фашисоиден договор е сериозно подржан и од прагматичните конформисти, челници на ЕУ и НАТО, кои со својата државно правна дисфункционалност не се способни да се справат со повапмирувањето на фашизмот во Европа. Токму затоа верувам дека ова е сериозна навреда, прво за сите антифашисти, а потоа и за сите слободољубиви и правдољубиви луѓе, кои измачени, злоупотребени и излажани, копнеат по правда во Македонија.

А според ова, погоре кажаното, се поставува прашањето дали, всушност, Македонија има повеќе проблем со Грција, или пак вистинскиот проблем е со корумпираната, лицемерна и превртлива бирократија во Европската Унија.

Сево ова уште повеќе добива на значење со неодамнешните предупредувања дека Франција нема да ја подржи поканата Македонија да добие датум за започнување на нејзините пристапни преговори кон ЕУ или пак со предупредувањата на генералниот секретар на НАТО Столтенберг во врска со поканата за влез во НАТО. И без разлика дали тоа ќе биде Северна или ќе остане само Република Македонија, тоа ни покажува дека македонскиот пат кон Европа и НАТО не само што нема да биде лесен, туку може да биде сериозно доведен во прашање.

Што потоа?

Очигледно е дека неискусните и неуки македонски дипломати, без познавање на дипломатскиот и правен јазик, чиј што главен дипломат за надворешни работи, патем речено ,не си го знае добро ни сопствениот македонски јазик, сами и без соодветен силен, професионален дипломатски тим, влетувајќи во грчките и ЕУ дипломатски стапици, и функционирајќи по принципот на “урааа”, не си ја завршиле својата домашна задача.

А кога се нема визија и кога се трча низ коридорите на ЕУ во Брисел како мува без глава, кога личниот интерес и суетите се во прв план, кога интересот и инвестирањето во правдата и градењето правна држава не се приоритет, тогаш се случува сериозно соочување со бруталната стварност и со затворените ЕУ и НАТО врати поради незавршените домашни задачи и неисчистеното ѓубре во сопствениот двор. И тоа не е прашање на неисполнети и изневерени очекувања туку е просто немање визија, немање дипломатски и државнички капацитет да се види големата слика и да се мисли однапред за да се види и предвиди што може да се случи на хоризонтот сокриен зад десет планини.

Како што вели превртливиот остаток од Груевистичката криминална камарила Бујар Османи, во разговорот со почитуваната Биљана Спасовска Георгиева на ТВ21: “Никој не размислуваше во тој период – (периодот на преговорите со Грција и ЕУ претставниците, з.м.), – дека кога ќе го најдеме клучот за главната врата и ќе ја отвориме вратата, дека ќе наидеме на друга врата која ќе треба да се отвори….”

Никој не размислуваше…

Да? Никој не размислуваше?

За жал сѐ уште никој не мисли и размислува таму, во таа земја која наскоро нема да постои. Мислењето со своја глава, умот и разумот одамна се протерани и се непожелни.

loading...