Единаесет европратеници испратија писмо до Туск, во писмото сме „Северни Македонци“

АКЦИЈА
loading...

Единаесетмина членови на Европски парламент се потписници на отворено писмо до претседателот на Европски совет, Доналд Туск, во кое лобираат за Западен Балкан пред самитот задутре во Брисел и притоа пишуваат за „Северни Македонци“ и за „Северна Македонија“!

Скандалозното браќање до шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ преку Туск, кое на својата вебстраница го објави германскиот европарламентарец Кнут Флекенштајн, врие од неточни и некоректни формулации, како што е опишувањето на еден од потписниците Иво Вајгл од Словенија како „известувач за Република Северна Македонија“. А само пред неколку дена од Брисел порачаа дека ќе ѝ се обраќаат на земјава со референцата од Обединети нации до целосното усвојување на името од договорот со Грција, за кое основен предуслов да стане официјално е успешен референдум во Македонија наесен.

Покрај Флекенштајн и Вајгл, потпишан е и Словакот Едуард Кукан од тројката чести гости во Македонија, како и Словенците Тања Фајон, Алојз Педеле и Игор Солтес, потоа Романците Моника Маковеј и Кристијан Дан Преда, Хрватот Тонино Пицула, Британецот Дејвид Мартин и Британецот Чарлс Танок.

„Потпишан на брегот на Преспанско Езеро пред само неколку дена, договорот меѓу владите на Грција и на поранешната југословенска Република Македонија за решавање на нивните разлики во врска со спорот со името отвора возбудлива можност за Европа: да придонесе во спроведувањето на овој договор и да доведе уште една земја од Западен Балкан на патот на Унијата и, со тоа, да го посее семето на мирот и на просперитетот за цела Југоисточна Европа.

Овој избор за живот во мир и просперитет, регулиран со владеењето на правото и со ефективни демократски институции, ги обединува граѓаните од сите шест нации во Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Генерација млади Албанци, Босанци и Херцеговци, Косовари, Северни Македонци, Црногорци и Срби израснаа со депресивната перспектива дека билатералните спорови, горчливите сеќавања на војни во кои немаат удел и злонамерно злоупотребените верзии на историјата бескрајно ќе ја дефинираат нивната врска со своите европски соседи и ќе ги спречат нивните нации да ги градат своите општества и демократски институции. Со добра волја, потребната определба и јасно политичко гледиште, оваа тмурна слика наскоро би можела да биде минато“, пишуваат европратениците во писмото со кое барааат почеток на преговори со Скопје и со Тирана.

Писмото е испратено и до други врвни функционери на ЕУ, како и до амбасадите на шесте западнобалкани држави, меѓу кои и „Северна Македонија“, како што стои на крајот!

Линкот до писмото ќе го најдете во текстот на Експрес.мк.

loading...