Богоевски: „Договор“ наместо „победа или пораз“

АКЦИЈА

Последните неколку дена во јавноста имаше голема реакција околу ставовите изнесени од страна на колегата Ферид Мухиќ во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5.

Колегата смета дека Спогодбата со Грција е најапсурдниот, најнерационалниот договор во историјата на меѓународните односи и дека директно ќе води кон прекројување на границите на Балканот; дека наметнувањето на името како критериум е нелегален критериум, а дека самото име нема никакво правно или суштинско значење врз евроинтеграциските процеси; дека самиот договор претставува мешање во внатрешните работи, со кој се брише етничката нација „Македонци“ и македонскиот идентитет; како и дека при одлучувањето во ваквите работи не треба да се водиме по технологијата на „морковот и стапот“, а дека чесно би било ЕУ да го понудеа „морковот“ веднаш, односно да станевме членка со самото потпишување на договорот.

Прво, сакам да потенцирам дека несогласувањата околу ова прашање не значеле и не значат раздор во коалицијата. Напротив, различните мислења и ставови се здрави за секое демократско општествено ткиво и токму тоа се дискусиите кои ни се потребни. Токму вака се соочуваат несогласувањата, а не со насилство, национализам, или бегање од дискусија.

Околу природата на спорот – Првичното несогласување на Грција кон нашето уставно име се темели на нивната аргументација врз основа на Меѓународната конвенција за спречување на создавање на кризни зони – т.е. тие сметаат дека постоењето на нашата држава со името Република Македонија претставува опасност по нивниот територијален интегритет. Ние се обидовме да реагираме на овие забелешки со нашите први два уставни амандмани – дека немаме територијални претензии кон соседните држави и дека нема да се мешаме во внатрешните работи на другите држави.

Но, тогаш не ја довршивме работата. Напротив, преговорите од тогаш наваму започнаа да го менуваат својот тек.

Овој тренд кулминираше со мегаломанската антиквизација на Груевски што само ги зациментира стравовите кај нашиот јужен сосед во поглед на тенденциите на нашата држава (територијални или поинакви). Како резултат на тоа, едно исклучително правно прашање, како што е примената на Конвенцијата доби една огромна политичка димензија наречена “добрососедски односи“. Така, иако самото име нема никакво правно значење, поимот „добрососедски односи“ и тоа како има. Заради тоа не можеме да говориме за нелегален критериум или за апсурден договор. Проблемот е реален, а со тоа и потребата од неговото решавање.

Што се однесува до прекројувањето на границите – кратко и јасно – таква работа не е предвидена со договорот, туку напротив, договорот содржи низа одредби кои ја гарантираат токму нивната неповредливост.

Секој меѓународен договор претставува ограничување во поглед на внатрешните работи. Секој меѓународен договор претставува свесно и своеволно оддавање на дел од суверенитетот на државата, тоа е самата природа на меѓународните односи. Така, во меѓународното право се вели дека повеќе не можеме да говориме за „апсолутен суверенитет на државите“ како што некогаш се говорело за старите држави. Затоа, не можеме да говориме ниту за „победа“ и „пораз“. Самата природа на договарањето значи да дадеш нешто, за да добиеш нешто друго, што ти го сметаш за повредно од даденото.

Со договорот не се брише ниту македонската нација, ниту македонскиот идентитет. Напротив, припадноста „Македонец“ и македонскиот јазик се гантирани и заштитени категории.

Аргументот на професорот е дека идентитетот е поврзан со територијата, а ако територијата е наречена Република Северна Македонија, тогаш не може нацијата кој живее на таа територија да биде македонска.

По Втората светска војна и врз основа на научените искуства од неа, државите во Европа започнуваат да го менуваат својот пристап кон третирањето на националноста. Националната припадност повеќе не е одраз на фактичката поврзаност на единката кон конкретна физичка територија, туку на индивидуалната поврзаност со нацијата како концепт и со нејзините обележја (јазик, култура, историја и сл.).

Тоа е правото на самоопределување и на тој начин е третирано и во нашиот Устав.

Така, денес може да говориме за етнички Македонец кој никогаш не бил на територијата на Република Македонија или за етнички Албанец кој никогаш не бил на територијата на Албанија.

Овој начин на решавање на ова прашање ја намалува можноста од мешањето на државите во внатрешните работи на другите држави под превезот на „заштита на малцинствата“ и ја дава целосната заштита на индивидуалното право на самоопределување, предвидено со Европската конвенција за човекови слободи и права. Всушност, во оваа насока се и уставните измени во чл. 49 од нашиот Устав, предвидени со Спогодбата. Со тоа, нашата сегашна формулација која е карактеристична само за неколку источноевропски држави ќе се замени со формулација која заштитата на нашите малцинства надвор од државата ја дефинира на еден европски начин, преку механизмите на меѓународното право.

Што се однесува до „морковот и стапот“ и зошто „морковот“ не ни бил понуден веднаш – поканата за НАТО веќе е на дневниот ред на наредниот самит, а членството во ЕУ никогаш не беше дел од морковот. Започнувањето на преговорите е.

Ние не можевме ниту да започнеме преговори за нашето членство без да го решиме проблемот со „добрососедските односи“, т.е. со името. Затоа, технологијата на „морковот и стапот“ се реалност во меѓународните односи од која нема бегање, без разлика дали нашиот личен морал и его би биле позадоволни ако воопшто не влегуваме во игра чии правила не сме ги напишале самите ние или ако има можност исходот да не е најповолен за нас.

loading...