(ВИДЕО) Заев: Не дај боже, референдумот да биде неуспешен …

АКЦИЈА
loading...

(ВИДЕО) Заев: Не дај боже, референдумот да биде неуспешен …

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека за организирање на референдумот ќе се консултира со коалициските партнери, но и со опозицијата.

„За вакво исклучително важно прашање, како референдумското треба да се усогласени и власта и опозицијата и коалициските партнери со кои ќе се разговара, дали референдумот треба да биде консултативен или обврзувачки“, рече Заев. Тој верува дека референдумот ќе биде успешен.

„Не дај Боже да не успее“, вели Заев.

И министерката за одбрана Радмила Шеќеринска кажа дека одлуката која ќе биде донесена во консултации со опозицијата треба да биде добра за Македонија, а не за поединечни партии и личности.

„Референдумот ќе биде важен дел и ќе ги поканиме, не политичарите, туку граѓаните на оваа држава, сите да се вклучат и да дадат поддршка на европска и евроатланска Македонија,“ рече Шекеринска.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Алсат – М рече дека партијата ќе ја почитува волјата изразена на задолжителен референдум, ако тој биде демократски. Мицкоски не кажа дали партијата ќе го повика своето членство да учествува на референдумот, повикувајќи се на Уставот кој гарантира дека „секој има право да одлучи дали ќе гласа или не на референдумот“.

Мицкоски не се согласува дека со Договорот е сочуван националниот идентитет. Тоа се стекнати права, вели тој.

„Не само што не го задржавме идентитетот туку и ги загубивме. Ние тие права ги загубивме и веќе нема да бидеме Македонци туку, граѓани на Северна Македонија,“ рече Мицкоски.

Мицкоски се противи и на делот во Договорот според кој Грција на крајот од процесот треба да го ратификува Договорот.

Една од клучните одлуки која се очекува да има влијание и врз референдумот е дали Европскиот совет ќе препорача отворање на пристапните преговори со унијата, за што се уште се противи Франција. По позитивната одлука на Холандија и Германија, македонските власти се надеваат дека ќе омекне и ставот на Макрон.

„Се надевам дека ниедна од земјите на ЕУ нема да остане рамнодушна на пријателството и европските манири кои ги покажа Македонија, а кои се толку потребни на цел Балкан и Европа. Холандскиот парламент донесе позитивна одлука за нашата земја. Се надевам дека ќе омекне и срцето на францускиот претседател Макрон. Ги разбирам внатрешните дебати кои се отвораат во Франција, но Франција е наш голем пријател“, рече Зев.

„ За само 12 месеци Македонија од држава која предизвикуваше страв и задршки и внимателност кај ЕУ во држава која се наметнува како единствен знак на позитивни промени надеж и оптимизам на Балканот. Нашата работа продолжува и во поглед на сите земји членски особено во поглед на Франција. Убедени сме дека нашите резултати говорат многу силно и заради затоа имаме голема поддршка од сите земји членки на ЕУ,“ изјави Шекеринска.

За разлика од ЕУ, поканата за НАТО е извесна. На Самитот на 11 и 12 јули, Македонија ја има обезбедено подршката од сите членки на Алијансата. Целата процедура за влез на Македонија во НАТО се очекува да трае околу година и пол.

НОВАТВ

loading...