Холандија стави вето на преговорите меѓу ЕУ и Албанија

АКЦИЈА
loading...

Холандија стави вето на почнувањето преговори меѓу ЕУ и Албанија

Холандскиот парламент го блокираше почнувањето на разговорите за пристап на Албанија со Европската Унија пред самитот на Унијата следната недела.

На тој самит Тирана требаше да добие одобрение за почнување преговори за членство.

Повеќе од половина од пратениците, 76 од 150 вклучувајќи ги и пратениците што ја поддржуваат владата на премиерот Марк Руте, го блокираа почетокот на преговорите на Албанија со ЕУ поради „сериозна загриженост во врска со борбата против корупцијата“, пренесе порталот Еурактив.

Почнувањето разговори за членство на Албанија и на Македонија во ЕУ го поддржа социјалдемократите и зелените, кои имаат вкупно 33 делегати. Тие проценуваат дека овие балкански земји ќе работат на владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, ако имаат јасна перспектива за членство.

Пратеникот на демохристијаните Мартин ван Хелверт рече дека Холандија го гледа растечкото влијание на Русија и Кина во Западен Балкан, но дека не постои причина да се прави компромис за критериумите за членство.

Еуроактив наведува дека и во случајот на Македонија, која постигна историски договор со Грција за името, не е сигурно дека на самитот ќе добие одобрение за почеток на пристапните преговори бидејќи Австрија би можела да ја блокира таа одлука.

Советот на ЕУ за општи работи в понеделник и вторник ќе го разгледува почнувањето на пристапните преговори со Албанија и Македонија, како и отворање нови поглавја во преговорите со Србија. В четврток и петок е состанокот на шефовите на држави и влади на Унијата.

loading...