Героски: Грујо, плачко низаеден!

АКЦИЈА
loading...

Разбирам дека си во специфична психичка и секаква друга состојба и дека си лице со посебни потреби во поглед на внимание и почит што ти недостасуваат, пред сè од твојата непосредна (партиска) околина. Но, тоа не значи дека ќе ти се простат новите лаги и манипулации што ги шириш, без оглед што тие сега немаат ама баш никакво политичко значење – бидејќи ти и онака веќе си една политичка нула.

Затоа, без оглед што ќе кажеш ти за тврдењето на Заев дека во 2011-2012 година си го прифатил предлогот „Република Горна Македонија“, јас знам дека тоа е многу блиску до вистината. А за да го знам тоа, не мора да му верувам на Заев. Сите ние во „бомбите“ слушавме како се пазарите за некаков предлог за ново име. Не знам на кое ниво се водени тие разговори (дали на дипломатско, или можеби само на мешетарско), но од таа аудиоснимка јасно се разбира дека ти си веќе кандисан.

И уште нешто треба да знаеш. Од многу добро информиран извор од твојата околина – а тие што ме знаат, знаат дека секогаш кога ја употребувам оваа фраза зборувам за сериозен извор, што сепак мора да го заштитам – сум слушнал дека во тој период ти си имал многу зрела шанса да го решиш спорот за името. И дека таа шанса си ја пропуштил. Како што ја пропушти шансата во 2008 година, кога во Букурешт, под притисок, неволно се согласи со предлогот на Нимиц „Република Македонија (Скопје)“, твојата златна шанса да добиеш достоинствено решение.

Грујо, плачко низаеден!

Ако не другите, еве јас ти верувам дека Грците ги одбиле сите твои согласности и дека ти навистина никогаш не си стасал до нивото на егзекуција на какво било компромисно решение, та во таа смисла ти си апсолутно „невин“. Но, народот треба да знае зошто твојот политички химен остана негибнат сите овие години.

И затоа, јас и на тебе и на твоите од ВМРО-ДПМНЕ ќе ви кажам зошто.

Грците, а и другите странци (со ретки исклучоци), никогаш не ти поверуваа за ништо, откако сфатија дека ти не се политичар во вистинска смисла на зборот, дека не си човек способен да носи политички одлуки и да произведува политики, туку дека си обичен, исфрустриран, маалски популист, кој се воздигна до ниво на водач со помош на гебелсовска пропаганда. Со таков човек не можат да се прават сериозни договори.

Јас те прочитав уште кон крајот на 2007 година, кога во еден наш разговор ти ми ја објасни својата „тактика“ за спорот за името – ние, ми рече ти тогаш, сме како глушец што е втеран во ќошот и нема друг излез освен да ѝ скокне на мачката в очи. Ти беше веќе толку далдисан што не сфати дека со твојот глувчешки скок ќе завршиш само во устата на мачката.
И еве, сега си таму. Проголтан, облиен со желудочни киселини, кои те варат полека и болно. Ти сега веќе ништо не можеш да сториш, освен „телепатски“ со себе да повлечеш дел од твоите следбеници, таму во долниот дел од дигестивниот тракт на нашата историја, во оној нејзин сегмент од кои таа ги отфрла само смрдливите вишоци во септичка јама.

Грујо, витосај се, аман!

На референдумот за името, ти ќе доживееш уште еден пораз. Да не те потсетувам дека веројатно ќе се соочиш со нови осудителни пресуди во случаите во кои си обвинет. Тоа е твојата судбина – што си дробел, тоа ќе си сркаш. Туку, фер е да се потрудиш од нови порази да ја поштедиш твојата партија. Ова што сега се случува таму, води кон целосна меѓународна изолација на ВМРО-ДПМНЕ и до маргинализација на опозицијата. А на Македонија, за да биде демократска земја, ѝ е потребна силна опозиција, во ликот на една модерна десничарска партија.

Ти си кинисан веќе… За тебе во политиката веќе нема живот. Остави ги другите да живеат и да се борат.

loading...