Ќе се намалува цензусот за референдумот?

АКЦИЈА
loading...

Ќе се намали ли високиот цензус, потребен за референдумот да биде успешен? Министерот за надворешни работи, синоќа во Топ тема на Телма, најави и таква опција, доколку ВМРО-ДПМНЕ решат да бојкотираат.

Димитров рече и дека, не се знае колку точно гласачи имаме во државата. Потсети дека, на избирачкиот список има околу 1 милион и 800 илјади гласачи, но дека постојано се зборува за околу 500 илјади иселени лица. Но, сега вели, нема ниту време за прочистување на списокот, па мора да се носат политички одлуки.

За ВМРО-ДПМНЕ, ваквите ставови од потписниците на капитулантскиот договор се во насока на продолжување на изигрувањето на сите процедури, но повторно, и изигрување на вистинската волја на народот.

„Ниедна процедура не беше испочитувана, ниту за време на разговорите со Грција под покровителство на ООН, ниту кога СДСМ го спроведуваше капитулантскиот договор низ Собранието. Зоран Заев, Никола Димитров, како и СДСМ се свесни дека предавството не минува кај граѓаните. Лагите на Заев и на Димитров не минуваат како оправдување кај народот за чинот на капитулација. Оттука, за очекување беше дека Зоран Заев и неговата свита ќе се обиде, како и сета процедура, да ја изигра на крајот и волјата на народот, во обид да го прикаже предавството како успех прифатен од јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во 2008-та година, цензусот за избор на претседател на државата беше намален од 50 на 40 проценти. Но, одлуката беше резултат на договор меѓу четирите најголеми партии тогаш, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Против беа само ЛДП. Од граѓанската асоцијација МОСТ укажуваат дека, такви промени не би требало да се случуваат во моментов.

Дали референдумот требаше да се направи пред ратификацијата на договорот во Парламентот? Во Законот за референдум стои дека, референдумот што се распишува за ратификации на меѓународни договори е претходен референдум, додека за одлуки донесени од Собранието, се распишува дополнителен референдум. Член 27, пак, предвидува дека, консултативниот референдум се распишува за претходни консултации со граѓаните и резултатот од него не е обврзувачки за институциите. Типот на референдум што ќе се распише во случајов, според Димитриоски, зависи од референдумското прашање.

Одлуката на граѓаните на одлучувачкиот референдум е задолжителна за институциите, а на консултативниот не е. Цензусот е ист и за двата типа на референдум. На гласање треба да излезат мнозинството од вкупниот број на граѓани запишани во избирачкиот список. За референдумот да биде успешен, пак, „за„ треба да бидат мнозинството од тие кои гласале. Во моментов избирачкиот список брои околу 1 милион и 800 илјади лица. Значи, на гласање треба да излезат над 900 илјади, а 450 илјади да гласаат „за“. Таа бројка не е недостижна, ако се знае дека на локалните избори, СДСМ, ДУИ, БЕСА, Алијанса и ДПА , кои го поддржуваат договорот, заедно имаа над 620 илјади гласа. Но, цензусот од 900 илјади излезени на гласање, е тешко да се постигне доколку ВМРО-ДПМНЕ бојкотираат.

Далиборка Дамјанска Цветановска за ТЕЛМА

loading...