Импичментот за Иванов виси во воздух, само треба да се поднесе

АКЦИЈА
loading...

Виси во воздух импичментот за Иванов, само треба да се поднесе

„Импичментот виси во воздух, само треба да се поднесе“, тврдат нашите извори.

Тие додаваат дека засега не е одлучено кога ќе биде поднесено барањето и анализираат кога ќе биде најпогодниот момент, дали пред или после референдумот. Но, како што велат, се работи на окрупнување на парламентарното мнозинство, бидејќи двотретинско мнозинство е неопходно и за импичмент и за уставни промени.

А, како што велат, за импичмент на Иванов има повеќе причини односно прекршувања на Уставот, вклучувајќи ги одлуката за аболиција, Законот за јазиците, а сега и Договорот со Грција за решавање на името. Според истите извори, последната изјава на Иванов за Договорот за името била капак и повеќе личела на „инфантилна“ изјава, отколку изјава на државник.

Премиерот Зоран Заев пред неколку дена изјави дека е можно собраниското мнозинство да побара импичмент за Иванов ако не го потпише договорот со Грција откако граѓаните на референдум би се изјасниле позитивно.

„Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот, ако мораме. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење“, рече Заев.

Во врска со окрупнувањето на мнозинството до потребното двотретинско мнозинство, Заев изјави:

„Јас немам намера да работам на тоа, во моментов имам попаметни работи, но сѐ што е парламентарна демократија ние ќе го искористиме да дојдеме до таа можност граѓаните да одлучат за иднината. И на таа одлука ќе мора сите да ѝ се поклониме и да ја испочитуваме до крај“, рече Заев.

Во член 87 од Уставот пишува дека претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Веројатно е дека собраниското мнозинство ќе оди на оваа варијанта, на докажување дека Иванов не ги врши своите права и должности во случаите со непотпишувањата на указите за Законот за употреба на јазиците и очекуваната ратификација на договорот за промена на името со Грција. И за двата проекти на владината коалиција Иванов веќе се изјасни дека е против и дека нема да потпишува такви документи кои, според него, се противуставни.

„Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот“, пишува во член 87 од Уставот.

Пред две години, тогашната опозициска парламентарна група на СДСМ покрена утврдување на одговорност за претседателот Иванов во врска со неговиот акт за помилување на 56 лица замешани во „бомбите“ објавени од тогашниот опозициски лидер Зоран Заев.

За предложената одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на претседателот, требаше да гласаат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија. Но, најпрвин предлогот за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов беше разгледан и оценет како неоснован од страна на членовите на собраниската Комисија за оценување на основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија.

Опозицијата тогаш сметаше дека Иванов со актите за помилување го прекршил Законот за помилување и Уставот на Република Македонија, додека за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, барањето за импичмент беше целосно неиздржано и не се темели на правни аргументи, туку е неуспешен обид да се удри по највисоката институција, претседател на Република Македонија.

На 21 јуни 2016 година, по петдневна расправа, со 35 гласа „за“ и 47 „против“ пратениците не го усвоија предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на Иванов за аболицијата на 56 политичари и нивни соработници.

loading...