Со договорот со Грција си го суспендираме правото на самоопределување

АКЦИЈА
loading...
Фото: Игор Бансколиев

Преземено од НОВА МАКЕДОНИЈА

Македонското собрание веќе ја започна процедурата за ратификација на договорот меѓу Македонија и Грција, потпишан во Преспа, на 17 јуни 2018, од страна на министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Пратениците во македонскиот парламент веќе на 19 јуни (бидејќи помина во Владата на РМ, на 18 јуни), со 69 гласа го изгласаа предлог-законот со кој Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција ќе се гласа по скратена постапка. Четириесет од присутните пратеници се изјаснија против овој предлог-закон. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ја напуштија седницата. Веднаш по гласањето на пленарната седница, за 15 часот во вторник (19 јуни), беше закажана седница на комисијата за европски прашања. За договорот може да се дебатира на комисијата до среда (20 јуни). По дебатата во комисијата, предлог-законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде ратификуван. За ратификацијата е потребно просто мнозинство, односно 50 отсто плус 1 од присутните пратеници. Ратификацијата на преспанската спогодба меѓу Македонија и Грција треба да се случи пред заседавањето на Европскиот совет, кон крајот на јуни, кога ќе се одлучува дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија.

Очигледно е дека агендата за спроведување на сите процедури за усвојување на Преспанскиот договор е прединамична, оди прекутрупа, и се чини дека се „пресудни“ часови, а не денови. Со потпишувањето на договорот во Преспа, македонската влада се обврза дека сите законски процедури за негово спроведување ќе ги заврши забрзано, за да ги стигне ветените рокови за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и покана за НАТО. Во таквото брзање можно е да се прекршат, дури и целосно да се пренебрегнат некои законски процедури, но се чини дека нивното спроведување за македонската влада и за креаторите и поддржувачите на Преспанскиот договор има само формално значење. Всушност, и самото потпишување на договорот во Преспа го надмина мандатот на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, зашто според членот 119 од Уставот на Република Македонија, само претседателот на државата има ингеренции за потпишување меѓународни и билатерални договори со идентитетско значење.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Како планирате да се запазат роковите од договорот, со јасно предвидливи институционални и процедурални пречки, кои не случајно постојат. Истите тие се дел од системот на кочници и рамнотежа, како клучен сегмент на претставничката демократија и постојат за да не се прават вакви глупости и егзибиции во креирањето политики и управувањето со државните ресурси – пишува Страшко Стојановски, професор на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во неговата анализа и посочува на одредени постапки што ги направила македонската влада во договорот со Грција.

Според правните експерти во Македонија, со првиот дел, односно првите осум члена од Преспанскиот договор сериозно се нарушени принципите на меѓународното право, а таквиот однос на сите инволвирани во неговото креирање, логично, повлекува и релативизирање на националниот правен систем. Во таков контекст на формално спроведување на законските процедури, многу лесно се носат одлуки за заобиколување и забрзување на постапките.

– Со потпишувањето на договорот со Грција, одеднаш станавме „најевропејци“! Владата, „во чест“ на г-ѓа Могерини и г. Хан, го закити законот за ратификација на договорот со европско знаме, „манифестирајќи“ европска посветеност. Во трката со времето, откако „превиде“ дека Комисијата за надворешна политика е законски надлежна за утврдување на потребата од започнување преговори за склучување билатерални и мултилатерални меѓународни договори, сега „заборави“ дека истата таа е законски надлежна за разгледување на предлог-законите за ратификација на меѓународните договори. Згора, не водеше сметка дека нејзин претседател е пратеник од опозицијата…. Попусто е мавтањето со европското знаме ако не се почитуваат опозицијата и парламентарната процедура. Без правата нема демократија, без втората – нема владеење на правото – вели професорката по Уставно право на Правниот факултет при УКИМ, Гордана Сиљановска-Давкова.

Според професорката Сиљановска-Давкова, Преспанскиот договор ѝ носи повеќе суштинска штета на македонската страна отколку придобивките што би ги стекнала со евентуална и не толку брза евроатлантска интеграција на Македонија.

– Со оваа спогодба со Грција, се ставаме во позиција самите да си ускратиме некои основни права. За почеток самите си го суспендираме правото на самоопределување што е загарантирано со повелбата на Обединетите нации. И македонската нација како демос (не како етнос) е дел од Обединетите нации и ги има правата од повелбата на ОН, од која со спогодбата се откажуваме. Потоа, самите си го ограничуваме суверенитетот и дозволуваме Грција да ни го преуредува Уставот и да ни наложува преземање членови од нејзиниот устав. Носител на суверенитетот на македонската држава е македонскиот народ, а со оваа спогодба дел од суверенитетот се пренесува и на грчкиот народ. Едноставно самите си дозволуваме мешање во внатрешниот поредок на државата. Со политика не може да се коригира историјата – вели Гордана Сиљановска-Давкова.

АПЕЛ ДО МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ

Длабоко разочарани од начинот на кој се водеа преговорите за името на нашата држава, Република Македонија, без државна стратегија, без политички и без национален консензус и со заобиколување на надлежноста на претседателот на Републиката.

Несогласувајќи се со содржината на договорот за промена на името, со кој се дерогира не само правото на самоопределување на македонскиот народ туку и флагрантно се крши принципот на владеење на правото, и вознемирени поради начинот на кој власта се справува со секое критичко мислење и отпор, користејќи политички притисоци, медиумска пропаганда, следење на неистомислениците и нивно јавно дефамирање како „психотични“ и „платеници“, како и со полициска бруталност од невидени размери во политичката историја укажуваме на следното:

1) Поздравувајќи секаков вид билатерална соработка и стратегиско партнерство, а особено мерки на градење доверба меѓу двете општества на еднакви основи, сепак договорот е во спротивност со одредбите на Уставот и законите, што покажува дека власта не водела сметка за владеењето на правото, а меѓународниот фактор се водел од прагматичен пристап за ставање крај на спорот, од геополитички причини.

2) Промената на Уставот, почнувајќи од преамбулата, повторната промена на некои веќе изменети членови по претходно барање од Грција, како и интервенцијата во сите одредби во кои се споменува Република Македонија, де јуре и де факто значи дерогирање на темелниот демократски принцип на народен суверенитет и суверена еднаквост на државите во меѓународните односи.

3) Примената на принципот ерга омнес во внатрешниот правен и политички поредок не само што значи дека се крши принципот на политичка независност закотвена во актите на ОН, туку на Грција и на пратениците на грчкиот парламент им овозможува да одлучуваат за нашето име.

4) Гледано низ историска призма, евентуалното применување на овој договор отвора врата за примена на ригорозни казнени и полициски мерки врз македонските граѓани, односно може да доведе до инсталирање полициска држава, која ќе биде вклучена во бизарен процес на „градење нова нација“ – сето она што во минатото го правеле туѓи и окупаторски власти, сега ќе треба да го извршува македонската власт врз сопствените граѓани.

5) Ветувањата за брзо интегрирање во НАТО и во ЕУ се лажни, бидејќи зависат од финалното решение, кое не е ниту на повидок, колку поради внатрешните констелации, толку поради состојбите на грчката политичка сцена. Членството во ЕУ не зависи од овој договор. Напротив, потребни се силни внатрешни реформи во сите сфери, за што оваа влада досега се покажа неспособна.

Поради тоа ги повикуваме сите граѓани, здруженија и политички партии да се обединат околу овој апел, а за спречување натамошно кршење на Уставот и на законите, евентуална манипулација со двосмислено референдумско прашање, вклучувајќи и бојкот доколку дојде до референдум! Бараме пратениците, но и вонпарламентарните партии, да ги употребат сите институционални и вонинституционални демократски методи заради отворање рационална дебата за нерационалното „решение“ што ни се наметнува со притисоци, уцени и со лажни ветувања!

Влада што не работи на зачувување на името на државата, но и на градење атмосфера на дијалог и кохезија на граѓаните без разлика на потеклото и идеологијата, на владеење на правото, борба против корупција, економски прогрес, подобар животен стандард не е легитимна.

Иницијативниот одбор на прогласот „200“

loading...