Наместо комисијата на Антонио Милошоски, Договорот за името ќе го разгледува комисијата на Артан Груби!

АКЦИЈА

Со европско знаменце ќе се ограничи расправата во Собранието за договорот за името
Договорот за името ќе се разгледува во Комисијата, предводена од Артан Груби, наместо во таа со која претседава Антонио Милошоски, а која е матична за ратификации на билатерални и меѓународни договори. Пресудно за ова е европското знаменце, додадено на предлог-законот за ратификација, пред да биде испратен во Собранието од страна на владата, која претпладнево го усвои.

„Владата го разгледа и усвои Предлог – законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, на предлог на Министерството за надворешни работи.Предлог-законот за ратификација ќе биде доставен до Собранието со европско знаме“, се вели во владиното соопштение.

Милошоски, кој претседава со Комисијата за надворешна политика, реагираше дека, во Европа не постои парламент каде што се прескокнува ова работно тело за да се ратификува билатереален или меѓународен договор. Со ова, вели, владата ја злоупотребува својата позиција за да ја протурка ратификацијата во парламентот со што помалку расправа.

„Кога еднаш ќе се прекрши правило, не е изненадување што истото се прави и по вторпат. Ова беше направено со Законот за јазици, а безобразно се прави и сега, иако Комисијата за надворешни работи е матично тело. Џабе имаме деловник за работа, кога тој постојано се крши“, вели Милошоски.

Груби денеска двапати ги избегна новинарите, одбивајќи да одговори зошто предлогот ќе се разгледува во неговата комисија.

Предлог-законот се уште не е стигнат во Собранието, а од Кабинетот на Талат Џафери велат дека, за тоа на која комисија ќе го препрати законот ќе одлучи кога ќе го види.

Се очекува веќе утре, на собраниска седница да биде изгласана потребата од негово донесување. Расправата потоа се сели во собраниската комисија и може да трае најмногу три дена, со одредени ограничувања на дискусијата. По ова договорот со евентуално поднесените амандмани би се нашол на пленарна собраниска седница.Гласањето ќе биде со просто мнозинство од 61 пратеник. Поддршка на владата ќе и дадат сите партии на Албанците, вклучително и тие кои се во опозиција.

ВМРО ДПМНЕ веќе се изјаснија дека нема да го поддржат договорот. Ратификацијата во парламентот е услов што треба да го исполнат македонските власти, за потоа грчката страна да ги извести ЕУ и НАТО дека е надмината најголемата пречка за продолжување на интеграцискиот процес на Македонија. Во овој случај, битно е тоа да се случи пред почетокот на самитот на Европскиот совет на крајот на месецов, со оглед на очекувањата нашата земја да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Далиборка Дамјанска Цветановска, Телма

 

loading...