Ретроспектива на спорот за името

АКЦИЈА
loading...

На почетокот беше независноста. По неа дојде и спорот.

Тој меѓу двете земји пламна одеднаш по прогласувањето на независноста на Македонија при распадот, на сега веќе поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на северната и’ сосетка во Организацијата на Обединетите Нации, како и признавањето од страна на Европската заедница, и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.

И по независноста, се појави спорот за името со соседната Грција. Така дојде и до забраната за зборот „Македонија“.

Стојалиштето на нашиот јужен сосед на почетокот на ’90-те години беше дека во името на соседната и’ држава не смее да го има називот „Македонија“. Носители на оваа политика беа владата на грчкиот премиер Констанинос Мицотакис, а потоа, особено знаменосач беше шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Тој си поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис, откако Македонија беше примена во Обединетите Нации под референцата ПЈРМ.

Па така, Југославија која веќе не постоеше, остана да „живее“ низ привременото обраќање кон Македонија, кое ретко кој меѓународно го употребуваше, зашто и во последната деценија странците не го ни сфаќаа.

На 6 јануари 1992 година, следуваше промена на државното знаме на кое Македонија го отсликуваше своето, преку симболот на Сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
На 13 септември 1995-та година, пак, во Њујорк, САД следуваше потпишувањето на Привремената Спогодба која имаше намена да доведе до нормализирање на меѓусебните односи.

По спогодбата со Грција, Македонија успеа меѓународно да се избори за 118 држави да ја признаат под уставното име, по што следуваа и зачленувања во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот до денес фрлаше сенка врз Македонија. За него, посуштествени напори беа направени од двете страни за да се реши, особено во 2001-та по Конфликтот и во 2005-та година, но и тие беа безуспешни.

Кон крајот на 2006-та година, тогашна тазе влада на ВМРО-ДПМНЕ која ја предводеше Никола Груевски одлучи на аеродромот Петровец во Скопје да му даде ново име – „Александар Велики“. Грција тоа го сфати како сериозна провокација и остро реагираше, со што спорот повторно беше во фокусот, но, сѐ до пресвртницата на самитот на НАТО во Букурешт, кој се одржа во 2008-та година.

И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц и притисокот од САД за да се изнајде решение за спорот до самитот во Букурешт, тоа не се случи. Официјална Атина изврши блокада врз приемот на Македонија во Алијансата. На 3 април 2008-та година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се дојде до компромис за името.
Поради ваквата ескалација од Самитот, македонската влада покрена тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото. На 5 декември 2011-та година, Судот пресуди во корист на Република Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената Спогодба 1995-та. Но, истовремено Судот додаде дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.

Во годините кои следеа, Грција препозна многу провокации од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, како онаа со преименувањето на аеродромот. Тогашната Влада одеднаш почна со преименување и на безброј објекти и улиц, но, особено се вжешти ситуацијата со изградбата на проектот „Скопје 2014“, каде централна фигура е споменикот на Воинот на Коњ, зад коешто име се крие Александар Велики. Проектот ја чини Македонија повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата, дотолку што странски медиуми на Скопје му дадоа епитет за светски главен град на кичот.

Можеби преговорите околу спорот навидум продолжија и во следните години, но, беа засенувани од зачестените националистичките страсти и навреди меѓу двете држави.
Во меѓувреме, во северна Грција скоро сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме беше дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска одредница. Па така, најчестите кулоарски муабети беа насочени кон одредниците „Северна“ и „Горна“ Македонија.

Нов оптимизам се појави со смената на власта во Македонија во 2017 година, со доаѓањето на СДСМ на власт, особено по позитивната реторика кон решавањето на скоро тридеценискиот спор. Владата на Зоран Заев по секоја цена има зацртано да ја зачлени Македонија во НАТО на следниот Самит на Алијансата во Брисел, Белгија, закажан за 11 и 12 јули годинава.

На сите нас кои живееме во спорните декади, веројатно како единствена константа во проблемот со името ни е медијаторот на ООН Метју Нимиц, кој веќе 24 години е официјален специјален претставник на Генералниот Секретар на ООН, назначен уште од времето на Кофи Анан. Веројатно тој беше еден од малкуте кој како оптимист постојано веруваше во решение за спорот за името со Грција.

loading...