Новоселска: Си правиме класично самоукинување!

АКЦИЈА
loading...

Во договорот со Атина има елементи кои го дискриминираат македонскиот народ и го ставаат во подредена и понижувачка состојба во однос на Грција и го руши достоинството на државата воопшто, смета Розеана Новоселска, член на Одборот за менаџирање на политиките во СУМ-Сите за Унитарна Македонија.

Таа вели дека договорот го сметаат за предавство, спротивен на интересите на државата и штетен за македонскиот народ.

„Договорот задира и во суверенитетот на државата Република Македонија и дозволува целосно мешање во внатрешните работи, како интервенција во лични документи на граѓаните, државните институции, интервенција во образование, кое е незамисливо. Тоа е столбот на иднината и просперитетот на секоја држава.

СУМ е на став дека таканаречениот договор всушност е непријателски ултиматум, кој е погубен за Македонија и македонскиот народ трајно се ништат и напорите на Македонците во Беломорска Македонија за постигнување на барем елементарни човекови права на културно себепрепознавање. Овој договор е погубен за македонскиот народ и е јасно како ден дека со потпишување и евентуално прифаќање на ваков договор единствен губитник е Република Македонија. Дури не важи повеќе оправдувањето што Грција нè блокира за влез во ЕУ, ако членство во ЕУ е поважно од државата Македонија. Од самата ЕУ дојде потврда дека одлуките нема повеќе да бидат носени со консензус, туку со надгласување што значи дека Грција нема да може во иднина да ја блокира Македонија.

За разлика од нас, Грција си ги решава трајно своите проблеми, добива конечно затварање на Букурешкиот договор, потврда на својата лажна историја и запечатување на македонското прашање со тоа што ќе се самоукинеме идентитетски“ – вели Новоселска.
Додава дека последната година од позиција на власт, а особено последните неколку месеци зема замав целосното разградување на општеството што влијание во сите области. Новоселска вели дека немирите и протеститесе одраз на акумулираното незадоволство, посебно незадоволството кулминира со обелоденувањето на овој договор, кој што македонскиот народ го доживува како голема навреда и понижување.

„Референдум за изјаснување за својот идентитет е исклучително срамен и понижувачки чин. Македонскиот народ референдум на којшто сам треба да одговара на прашање дали сме или не сме Македонци го смета за недоличност. Како да не сме сигурни што сме по етничка припадност, па треба да го потврдуваме тоа на референдум. СУМ смета дека избраниците кои седат во Народното Собрание ќе ги совладаат своите тесно-партиски интереси и властољубие и нема да го испратат народот кој ги избрал на вакво бесмислено и понижувачко изјаснување за својот македонскиотидентитет“- рече Новоселска.

Од синожа на веб страната на Владата е објавен договорот со Атина. Граѓаните ќе можат да видат што содржи документот насловен како Конечен договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство. Тој деновиве ќе треба да биде потпишан. Во земјава ВМРО-ДПМНЕ е против договорот и нема да прифати промена на Уставот, а и во Грција има незадоволство и грчките опозиционери не сакаат да гласаат за договор во кој се спомнува македонски јазик и националност. Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов исто така е против договорот со Атина за кој смета дека е капитулација.

Сања Атанасовска

loading...