ЗАЕВ: ОСТАНУВАМ ОПТИМИСТ, ОЧЕКУВАМ ШТО ПОСКОРО ДА СЕ РЕШИ СПОРОТ ЗА ИМЕТО

АКЦИЈА
loading...

Премиерот Зоран Заев вели дека останува оптимист и очекува ден поскоро да заврши спорот со Грција за името. Одговарајќи на новинарско прашање на отворањето на фабрика за рециклирање гуми во Желино, Заев кажа дека роковите се до Самитот на Европскиот совет на 25 и 26 јуни, но тој би сакал телефонскиот разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас да се случи уште денеска.

„Можеби ние ќе ѕвониме спрема Атина, и се надевам дека тоа ќе биде многу брзо. Јас не би давал нови коментари освен заедничкото соопштение што беше пуштено преку Министерството за надворешни работи. Тоа кажува дека навистина сме многу блиску, но е многу важно ова да биде одржливо и трајно и да биде сто отсто безбедно за генерациите што доаѓаат и ќе го крепат ова пријателство со договорот што ќе го постигнеме. Како што гледате јас останувам оптимист иако не е лесно, чуvствително е, но е многу важно, рече Заев вчера.

Тој додаде дека договорот треба да биде склучен „ден поскоро за да знаат и парламентите на Германија, Франција на Британија и Холандија и на сите други важни земји, кои само ќе ја охрабрат позитивната одлука која е толку очекувана за Македонија, оти од 2005 година сме земја-кандидат со седум чисти безусловни препораки и конечно да добиеме датум за преговори“.

Ако се дојде до договор за името, Заев кажа дека на Самитот на НАТО што ќе се одржи на 11 и 12 јули, ќе се испорача долго очекуваната покана за полно членство во Алијансата и ќе почне ратификацијата во парламентите на земјите-членки.

loading...