Заев негира дека прекинале преговорите за името

АКЦИЈА
loading...

Премиерот Заев денеска избегна да одговори на прашањата на новинарите поврзани со преговорите за името. Дојде, одржа говор за предвидениот настан и замина.

Но, неколку часа претходно од неговиот кабинет, односно од Владата беше испратено соопштение како реакција на вчерашниот текст во српскиот магазин „Курир“ кој објави дека преговирте помеѓу Македонија и Грција пропаднале, бидејќи не бил постигнат компромис.

„Изграденото пријателство меѓу двете држави е голем влог за заедничката иднина, а соработката во иднина само ќе се зголемува. Владата на РМ останува силно посветена на остварување на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО, а јасно е дека за нивна реализација неопходно е да се надмине проблемот што Грција го има со нашето уставно име“, велат од Владата.

Информациите кои ги објави „Курир“, а за кои тврди дека се ексклузивни, велат дека грчката страна побарала во новото име воопшто да го нема терминот Македонија, нешто што е неприфатливо за македонската страна.

Но, грчките медиуми пишуваат дека наводно Никола Димитров почнал да работи на своја глава, нешто што, според нив, предизвикало раздор во Владата на Македонија.

„Телефонот не ѕвонеше . . . ова е песната која во последните часови се слуша во грчката влада, очекувајќи Зоран Заев да прави движење и да одреди средба за договор во Преспа. Информациите велат дека внатре владата на Скопје, има поделба со Н. Димитров кој продолжува да игра лична игра“, пишува „Та Неа“.

Весникот „Катимерини“ пишува дека преговорите меѓу Грција и Македонија се во застој, а причина е „интерпретирањето“ на правните документи, а не во принципите на договорот. Според весникот се очекува премиерот Заев и министерот Димитров во следните 24 часа да се договорат.

„По видните разлики меѓу премиерот Заев и министерот за надворешни работи, Димитров, како пречка во процесот, се очекува двајцата во следите 24 часа да дадат некаква порака за договор“, пренесува „Катимерини“.

Во интервју објавено денеска во „Неа Селида“, портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, изрази оптимизам за позитивни резултати од преговорите. Пред два дена и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, пред новинарите изјави дека  “следните неколку часа можат да бидат одлучувачки за епилог на преговорите“. Според него има сериозен прогрес во преговорите и дека никогаш досега двете земји не биле толку блиску решението.

Во меѓувреме од МНР велат дека Македонија интензивно работи во постигнувањето на решение пред состанокот на Европскиот Совет. Сепак, во соопштението се додава дека поважно од роковите е квалитетот на текстот на договорот и потребата за постигнување на долгорочно решение прифатливо за двете страни.

loading...