Селдо од Македонија, голем шампион на мразот во Италија

АКЦИЈА
loading...

Дузина деца се насобрале околу дебелиот мраз кој се зафатил на патека во селото Требиште во општината Маврово-Ростуше на границата меѓу Македонија и Албанија. Во селото е весело. Децата се лизгаат на мразот користејќи ги само своите обувки како лизгалки. Се смеат на сет глас кога некој невешто ќе се лизне и ќе падне на мразот. Меѓу нив има почетници, но има и самонаречени експерти за лизгање по замрзнати патеки. Дел од нив сонуваат како би било кога би биле професионални лизгачи, да имаат лизгалки на нозете и да скокаат по мразот.

Далеку од ова село кое се наоѓа на Балканскиот Полуостров, од другата страна на Јадранското Море, на Апенинскиот Полуостров живее малиот Селдин. Тој има осум години. Она што го поврзува со малото село Требиште во Македонија се неговите родители Алисан и Сумеја Салиу. Тие се по потекло од ова село, а Селдин кога имал само шест месеци заедно со нив се преселиле во италијанското гратче Фелтре, на северот од Италија каде пред три години се родил и неговиот брат Лиман.

За разлика од своите врсници во селото Требиште, кои се лизгаат по мразот само за забава, младиот Селдин Салиу лизга како вистински професионалец. Неговото лизгање е повеќе од забава, тоа е уметност. Селдин, или како што го викаат другарите Селдо, досега освоил неколку награди во натпреварувањата во уметничко лизгање во Италија. Тој можеби е единственото дете со потекло од Македонија кое професионално се натпреварува во уметничко лизгање.

Неговите родители се горди што тој е виртуоз на лизгалиштата во Италија. Се сеќаваат на неговите скромни почетоци.

-Започна кога имаше пет и пол годинки со учество на еден мал курс организиран од страна на градинката и актуелната спортска екипа во уметничко лизгање. Веднаш го засака овој спорт и од тогаш не престана да лизга-вели неговиот татко Алисан. Објаснува дека уметничкото лизгање е спорт кој е најмногу застапен во северна Италија, но на шега вели дека повеќе го сакаат девојчињата отколку момчињата. Селдин е еден од ретките.

loading...