Грците се добри домаќини или Македонците се навикнати на провокации?

АКЦИЈА
loading...

Македонците најчесто ја избираат Грција за одмор, но секоја година во полициските билтени може да се прочита дека во познатите летувалишта има случаи каде регистарските таблички на возилата се оштетени и е прешкртана ознаката МК.

Но, тоа не ги спречува Македонците да бидат редовни гости во Грција. Дел од нив се во дилема што да одговорат кога ќе ги прашаат од каде доаѓаат, затоа што Грција не го признава името на нашата земја.

„Јас лани бев во Грција, а за оваа година не сум сигурна. Велат дека ние не сме од Македонија, дека тоа не е Македонија. Обично избегнувам да влегувам во дискусија. Кога ќе купуваме нешто обично прашуваат од каде сме. Некогаш сум кажувала дека Македонија се спомнува во Библијата, ги прашувам дали читале, а тие замолчуваат. Зависи на какви луѓе ќа налетате. Или ми кажувале дека сме Скопје, јас велам дека сум од Куманово, блиску до главниот град на Македонија Скопје, и се тргам за да не доаѓам во конфликт, затоа што не сакам да имаме проблеми“- вели Светлана Ц. од Куманово.

Битолчанка која секое лето оди во Грција раскажува дека лично немала проблем, но од искуства на познаници знае дека Грците ги оштетуваат македонските возила.

„Мене не ми се случило, а речиси секое лето сум таму, па и во текот на годината. Само зависи каде се оди. Колку се оди по на југ може да е поразлично, а во северниот дел на Грција живеат Македонци. Се случувало автомобили да бидат изгребани или удирани и тоа на туристички места“- додава битолчанката.

33 годишна жена од Кратово вели дека нема негативно искуство и дека во туристичките места луѓето се љубезни.

„Никогаш не пререкле, дури еднаш сестра ми кажа дека сме од Македонија, и беа фини, си направија муабет со нас. Мислам дека оние кои држат угостителски објекти сакаат да остават убав впечаток на сите туристи, и не им е важно што сме од Македонија. Во продавниците е исто, во вилите каде што сме биле сместени е исто. Мислам дека овој проблем со името е во другите места присутен, а не во туристичките центри. Зар има протести во Ханиоти, Полихроно, Калиета? Нема“- додава таа.

Оваа година јужниот сосед очекува рекорд, да ги посетат 30 милиони туристи. Само за последниот продолжен викенд во Грција заминаа над 10.000 македонски граѓани.

За споредба, повеќе од половина милион туристи од Македонија ја посетиле Грција во првите шест месеци од 2016 година. Профитот од македонските туристи во првите шест месеци тогаш бил 59 милиони евра.

Oд друга страна 3 413 гости од Грција имало во земјава во март годинава, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Сања Атанасовска за ФАКТОР.МК

loading...