Панорамското тркало го крстиле „Прстенот на Александар“?

АКЦИЈА
loading...

Скопје се спаси од Панорамското тркало. Официјално тркалото се стркала во историјата откако минатата недела градското собрание одлучи да ја измени одлуката донесена во време на Коце Трајановски и да спречи изградба на придружни содржини. Објектот помеѓу МЕПСО и Музејот на ВМРО ќе се сведе само не пешачки мост, како што најави новиот градоначалник, Петре Шилегов, во својата изборна кампања.

Но по седум години се уште не е јасно од каде потекнува идејата за оваа скапа инвестиција која требаше да чини 18 милиони евра. Творецот не може да се лоцира ниту во документацијата која се водела низ годините, но шансите се дека идејата извира од тогашната централна власт, на чело со Никола Груевски.

Како што наведуваат од Град Скопје, градската администрација не располага со конкретен акт, од кој може да се утврди од каде потекнува идејата, односно иницијативата за реализација на таквиот проект.

„Несомнено е дека тој е дел и се вклопува во „проектот Скопје 2014“ заради тоа што од документацијата со која администрацијата на Град Скопје располага, произлегува дека во неговата реализација се инволвирани органите на централната власт од каде се обезбедени средствата за финансирање на изградбата за која во својство на инвеститор се јавува Јавното сообраќајно претпријатие “СКОПЈЕ“, велат од Градот.

Освртот на документацијата со која располага администрацијата на Град Скопје, додаваат, укажува дека ваквата идеја за првпат се појавува на крајот од 2011 година.

За реализација на ваквата идеја, неопходна била координирана активност со Општина Центар. За таа цел во февруари 2012 година се донесени измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“.

Во март истата година е избрано идејното решение, а во мај започнала постапката за основен проект.

„Администрацијата на Град Скопје нема информација по чиј предлог или иницијатива Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ донело Одлука за измена и дополнување на Годишната програма за работа со Инвестициона програма на ЈСП Скопје за 2013 година (број 02-954/7 од 24.10.2013 година) во која како нов наслов (активност) се додава Панорамско тркало со придружни објекти и мостови во кое се предвидуваат финансиски средства во износ од 740.000.000,00 денари“, посочуваат од Градот.

Динамиката на инвестицијата, која подоцна била изгласана од градскиот Совет, предвидувала средства во износ 60.000.000 денари да се инвестираат во 2014 година, следните две години по 200.000.000 денари, во 2017 година за оваа намена да се одлеат 180.000.000 денари, а во 2018 година 100.000.000 денари.

„Евидентната ненадлежност на ова јавно претпријатие не била пречка тоа формално да ја игра таквата улога по налог на основачот, а притоа да се изведат работи во рамките таквиот проект со средства од „донација“ за чие прифаќање нема согласност од Советот на Град Скопје“, велат од Градот.

Во тоа време директор на ЈСП е Мишо Николов. Иако отворен кон медиумите, тој секогаш одбиваше да открие повеќе детали околу овој контрверзен проект. Него го наследи Игор Јанушев, кој пак одбиваше да одговори на било какви прашања поврзани со Панорамското тркало.

Летото 2014 година за прв пат во документите се појавува и името кое требало да му биде дадено на тркалото. Властите во тоа време го крстиле „Прстенот на Александар“.

„По Барање на инвеститорот ЈСП Скопје (број 14/13-5763 од 26.08.2014 година), за издавање на одобрение за градење, Градот Скопје издава Одобрение за градење на ЈСП Скопје бр.14/13-5763 од 05.09.2014 (правосилно на 20.09.2014 година) за изградба на Линиски инфраструктурен објект Мост со Панорамско тркало (“Прстенот на Александар“) – Александар III Македонски со придружни содржини во централно градско подрачје на Скопје-Мал Ринг / од втора категорија“, велат од Градот.

По се ова ЈСП и градежната фирма „Бетон“-Скопје во јули 2014 година склучуваат договор за изградба на мост и придружни објекти. Следната година изведувачот е воведен во работата.

„Изградбата е отпочната, а делумно реализираниот исклучително скап проект веќе во оваа фаза предизвикува потреба од преиспитување на неговата оправданост од повеќе аспекти, а најмногу од аспект на можното негативно влијание на изведените градежни активности врз мерките за заштита од поплави. Со градбата е извршено стеснување на коритото на реката Вардар и е намалена пропусната моќ на регулираното корито, што при поголеми врнежи, односно временски непогоди постои опасност од несогледливи штетни последици од полави“, појаснуваат од Град Скопје.

Од тие причини Градот раскрстува со идејата за изградба на траклото, а затоа што рушењето на веќе изведената градба би предизвикало поголеми финансиски импликации, решава да го промени проектот во изградба само на пешачки мост.

Маја Васева за Фокус

loading...