Зошто Гоце не смеел да биде поголем од Тито?

АКЦИЈА
loading...

ТАЕН СОСТАНОК НА ВОДНО: Зошто Гоце не смеел да биде поголем од Тито и како Папандреу ветувал признавање на Македонците во Грција

На состанокот во вилата „Водно“,посветен на расчистување со либералите и либерализмот во Македонија, и на кој, меѓудругите, присуствувале Ангел Чемерски, Боро Денков, Димче Беловски, Киро Глигоров, Хисен Рамадани, Лазар Колишевски, Никола Минчев, Ксенте Богоев, Бошко Станковски, Злате Билјановски и други, било констатирано дека станува збор за „националистичко-либералистичка спрега“, која преку кадровската политика настојувала да ги зацврсти своите позиции, па затоа, обвинивајќи ги за елитизам, била побарана „одговорност за нивните ставови и идеи“.

Зошто Тито дошол во Скопје во ноември 1972 година? Дали неговата посета е поврзана со крајот на политичката кариера на Крсте Црвенковски? Според документите до кои дошол д-р Невен Радически, кој подолго време го истражува либерализмот во Македонија во периодот од 1966 до 1974 година, посетата на Тито е директно поврзана со елиминацијата на македонските либерали. Имено, за време на посетата на Македонија, Лазар Колишевски и неговите луѓе директно од Тито добиле одврзани раце да се справат со либералите во Македонија, всушност со промакедонската струја во Комунистичката партија на Македонија. Во таа насока, веднаш била одржана тајна, затворена седница на македонскиот политички врв во вилата „Водно“ во Скопје на која македонските либерали биле прогласени за „групација која добива агресивни карактеристики“, дека се работи за „националистичко-либералистичка спрега“, дека „либерализмот е најголема опасност за Македонија“ и слично. Притоа било побарано сите луѓе блиски до Црвенковски, особено Милосавлевски, Мирчев и Недков, веднаш да бидат повикани на одговорност за своите ставови и идеи. Која била, всушност, причината Колишевски и кликата околу него да се пресмета со либерализмот во Македонија?

МАНУ И МПЦ

Според д-р Невен Радически од Институтот за национална историја во Скопје, кој во изминативе неколку години низ директни разговори со учесници на настаните, но и преку архивски документи ги истражуваше настаните поврзани со либерализмот во Македонија, со заминувањето на либералите од политичката сцена завршува периодот на широка политичка активност за афирмирање на македонските национални, политички и економски интереси, односно започнува етапа на застој и назадување во развојот на македонската државност и зголемена зависност од Федерацијата, која продолжува се до осамостојувањето на Македонија пред дваесет години.

„Во текот на шеесеттите години на минатиот век, особено по таканаречениот Брионски пленум, биле создадени одредени поповолни услови за изразување и развивање на македонските национални и културни интереси. Во овој период биле формирани неколку културни и научни установи од исклучително значење за развојот на македонската национална и културна посебност. Во 1964 година, на пример, бил формиран Музејот на современа уметност, а три години подоцна започнал да работи и меѓународниот Семинар за македонски јазик, литература и култура. Сепак, како најзначајни потези за афирмирање на македонскиот национален идентитет, секако се основањето на МАНУ и осамостојувањето на Македонската православна црква. Главен иницијатор за формирање на МАНУ бил Крсте Црвенковски. Основањето на оваа институција Црвенковски го предложил на седница на ЦК на СКМ на која што била прифатена идејата и утврдена постапката за конституирање на академијата. Како резултат на тоа, во текот на февруари 1967 година, Собранието на СРМ донело закон за основање на Академијата. Реализацијата и основањето на една од најзначајните македонски институции му била доверена на Блаже Конески, а за таа цел била формирања Матична комисија, во чиј состав влегол по еден претставник од академиите на југословенските републики. Во текот на август Комисијата ги избрала првите 14 редовни членови, а на 10 октомври 1967 година формалано-правно била основана и почнала да функционира МАНУ, а за нејзин прв претседател бил избран Блаже Конески. Во однос на црковното прашање, македонското раководство, поточно Крсте Црвенковски, Александар Грличков и Никола Минчев, ја поддржувале иницијативата на македонското свештенство за издигнување на статусот на МПЦ од автономен во автокефален веднаш, но тоа наидува на остро спротивставување не само од СПЦ туку и од српските националистички кругови и интелигенцијата, како и од значителен број српски функционери. Сепак, во врска со статусот на МПЦ мошне резервиран бил и дел од македонското раководство, пред се Видое Смилевски – Бато и Љупчо Арсов. Сепак, во текот на декември 1966 година, синодот на МПЦ испратил официјално барање до архиерејскиот одбор на СПЦ за прогласување на автокефалност. Барањето било поддржано од Сојузната комисија за верски прашања, но нејзините препораки не биле спроведени. Прашањето за автокефалност на МПЦ било отворено и на состанок кај претседателот на Сојузниот извршен совет, Петар Стамболиќ, одржан на 25 април 1967 година. Според записникот од состанокот, македонската позиција ја застапувале Крсте Црвенковски и Никола Минчев, а на состанокот присуствувале и Кардељ, Влаховиќ, Радосавлевиќ, Тодоровиќ, Стаменковиќ и претседателот на Сојузната комисија за верски прашања, Морача. Стамболиќ, Стаменковиќ и Кардељ настојувале целиот случај да се врати на решението од 1959 година за канонско единство со СПЦ, но, на инсистирање на Црвенковски и Минчев, сепак била прифатена одлуката за прогласување автокефална македонска црква. Три месеци подоцна, на 17 и 18 јули 1967 година во Охрид, на двестагодишнината од укинувањето на Охридската архиепископија, била прогласена автокефалноста на МПЦ“, вели д-р Радически.

ГЕНЕРАЛ НЕНЕЗИЌ ПРЕКУ КОС ГИ КОНТРОЛИРАЛ МАКЕДОНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ

Во шесеттите години на минатиот век, кога на чело на политичката структура во Македонија е Крсте Црвенковски, македонското раководство било посебно активно и во врска со прашањето за составот на командниот кадар на ЈНА, инсистирајќи на што поголема застапеност на Македонци во него. Меѓутоа, со оглед на тоа што армијата била под директна контрола на Тито, кој, како што сведочи Црвенковски, не дозволувал никакво мешање на партиските и државните органи во неговите областувања, многу тешко било да се издејствуваат какви било промени во нејзината командна хиерархија, во која македонски офицери со повисок чин имало сосема малку. Освен тоа, од друга страна, КОС на ЈНА, која по Брионскиот пленум презела дел од задолженијата на СДБ, работела на воспоставување целосна контрола врз македонското раководство, следење на македонскиоте политичари и офицери.

„Извештаите од нивната работа на „теренот“ биле испраќани кај Тито, односно кај сојузниот секретар за народна одбрана, Иван Гошњак, кој истовремено бил и заменик врховен командант на Армијата. Исто како и Тито, и Гошњак се спротивставувал на мешањето во кадровската политика во војската и по тоа прашање неколкупати дошол во судир со Крсте Црвенковски. Кулминација на овие недоразбирања, или тивок фронт меѓу врвот на ЈНА и македонското раководство, бил судирот со командантот на Скопската армиска област, генерал Ненезиќ, организатор на истрагата која КОС ја спроведувала во Македонија. До судирот допло откако Црвенковски бил известен дека неколкумина македонски полковници се задржани на распит во ЈНА, по што веднаш побарал прием кај Тито. Состанокот со Тито траел сосема кратко. Црвенковски го условил со својата оставка доколку не се престане со тајно, разузнавачко контролирање на македонскиот политички врв но и со етничката дискриминација во ЈНА. Несакајќи да дојде до натамошни усложнувања на состојбата, Тито направил неколку отстапки, односно на 28 декември 1966 година бил одржан затворен состанок на југословнескиот политички и армиски врв, на кој, по изречените критики од присутните во врска со работата, Гошњак бил принуден да поднесе оставка на функцијата секретар за Народна одбрана, а генерал Ненезиќ бил преместен од Скопје на друго задолжение. На истиот состанок Црвенковски побарал за командант на Скопската армиска област да биде назначен Македонец. Иако Ненезиќ бил заменет со генерал Мирко Поповиќ, набрзо за командант на ЈНА во Македонја сепак бил поставен Македонец, ново унапредениот генерал-полковник Васко Карангелевски. Подоцна и други Македонци добиле повисоки чинови, со што делумно биле поправени македонските позиции во командниот состав на армијата. Во текот на втората половина на 60-те години, како резултат на настојувањата на републичкото раководство, се зголемил и бројот на македонски дипломати. Слично како и во ЈНА, и тие дотогаш биле речиси сосема маргинализирани. По реакциите на македонското раководство на чело со Црвенковски, Македонци биле поставувани за дипломатски претставници на исклучително важни позиции во СССР, САД, Индија, Јапонија, како и во некои соседни и регионални замји, меѓу кои и во Грција, Бугарија и други. Во таа насока, самиот Црвенковски го промовирал Лазар Мојсов за амбасадор во Лондон, односно во Организацијата на обединетите нации, каде што тој подоцна ќе биде избран и за претсдател на Генералното собрание на ОН“, вели д-р Невен Радически од Институтот за историја во Скопје.

ПАПАНДРЕУ ВЕТИЛ ПРИЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО ГРЦИЈА?

Според документи од периодот што го покрива времето на либерализмот во Југославија, односно Македонија, Тито настојувал да не се заоструваат односите со НР Бугарија, па во текот на 60-те години воопшто и не го покренува прашањето, односно воопшто не е заинтересиран да го актуализира статусот на македонското малцинство кај источниот сосед како едно од најгорливите проблеми меѓу двете држави. Според Црвенковски, единствениот од македонското раководство, кој, поради политичките околности, сепак, иако можеби недоволно, постојано се обидувал да го постави проблемот со статусот на Македонците во Бугарија, југословенската дипломатија имала негативен однос кон ова прашање. Југославија всушност како воопшто да не ја интересирале Македонците во Пиринска Македонија, но и во останатиот дел на Бугарија. Сметал дека долг период во југословенските дипломатски кругови преовладувало лоби кое било просрпски и, притоа, антимакедонски настроено. Така, на пример, вели д-р Радически, при посетата на НР Бугарија во септември 1965 година, а во која бил и претседателот на македонското собрание Видое Смилевски – Бато, Тито сосема лежено прифатил соопштение дека „од двете страни било оценето оти не постојат битни прашања околу кои има недоразбирање“. Две години подоцна се одржала и југословенско-бугарска средба во Белград на која присуствувал Никола Минчев, тогашен претседател на Извршниот совет на Македонија, но, за жал, повторно било избегнато „македонското прашање“, односно прашањето на Македонците во Бугарија, прашање од клучен интерес за македонскиот народ. Во 1970 година југословенска делегација во која бил Црвенковски, ја посетила НР Бугарија во обид да се нормализираат односите, меѓутоа и тогаш не било постигнато задоволително решение. Се разбира, од друга страна, можностите за некакви преговори со Грција околу положбата на македонскиот народ во егејскиот дел на Макецонија биле уште повеќе затегнати, иако претходно, во 1966 година, на пример, прашањето за македонското малцинство во Грција било поставено на југословенско-грчкиот состанок во Атина, на кој приствувал и Киро Глигоров. Во разговорите, грчкиот премиер Стефанопулос ги обвинил властите во Скопје за национализам и за територијални претензии кон Грција, па барал југословенското раководство да преземе мерки околу ваквите гледишта во една од југословенските републики. Дали Глигоров реагирал на тоа или не, засега нема конкретни сознанија. Само четири години подоцна дошло до средба на Крсте Црвенковски со некои претставници на грчката опозиција, која, прогонувана од воениот режим во Грција, побарала поддршка од југословенските власти. Во својство на домаќин, Црвенковски се сретнал во Белград со познатиот грчки композитор и политичар Микис Теодоракис, како и со Андреас Папандреу, еден од водечките грчки опозициски политичари, подоцна и премиер на Грција. Според Црвенковски, Папандреу ветил дека, доколку ја презема власта во Грција, веднаш ќе почне со решавање на статусот на македонското национално малцинство во неговата држава. Се разбира, како впрочем и со секое ветување на Грк, ни тоа ветување подоцна, кога Папандреу станал премиер, не било одржано.

„Слабата поддршка на Југославија во врска со македонското малцинство во соседните земји, веројатно само уште повеќе ја потенцирала потребата од поголема рамноправност во меѓунационалните односи во СФРЈ, а посебно активен во таа борба бил Крсте Црвенковски. Тој остро се спротивставувал на идеите на некои српски националисти, како Добрица Ќосиќ, на пример, за создавање на таканаречена југословенска нација, врз основа на заедничкиот словенски корен на народите во Федерацијата. Ваквите стремежи Црвенковски ги доживувал како обид за проширување на српската хегемонија, односно како притисок врз македонскиот народ да отстапи од својата национална посебност. Се разбира ваквите ставови на Црвенковски остро биле критикувани од конзервативните политички кругови, особено од српските националисти. Нападните врз него кулминирале по неговото излагање во Клубот на самоуправувачите, односно на Трибината „Политички дијалози“ во Загреб, одржана на 26 ноември 1970 година, а поврзана со маѓунационалната рамноправност. Притисокот врз него станал уште посилен по случајот со „Фени“, кога тој, а особено Киро Глигоров, остро се спротивставиле на идејата за негова изградба, затоа што била сосема неизвесна неговата исплатливост како капацитет. Во меѓувреме, по иницијатива на Црвенковски, биле правени обиди за унапредување на некои индустриски гранки, односно постоеле планови за развој на автомобилската, електронската и хемиската индустрија, но сите вакви иницијативи пропаднале како резултат на македонските политички пресметки во првата половина на 70-те години. Притоа, Колишевски, покрај обвинувањата за национализам, луѓето околу Црвенковски ги обвинува и за тоа дека во сојузните органи „повеќе се заинтересирани за интересите на Републиката наместо за нивните обврски во Федерацијата“. Во таа насока посетата на Тито, кој, конечно, по неколку одложувања, во ноември 1972 година, стигнал и во Македоанија, била искористена за да се зацврстат позициите на конзервативната струја на СКМ. На затворена средба со потесното македонско политичко раководство, одржана на 10 ноември во Скопје, Тито бил запознат со политичките и со економските состојби во Републиката, а Чемерски го запознал и со актовностите на СКМ во спроведувањето на заклучоците од 21 седница, и директивите од неговото „Писмо“, кои, според Чемерски, наишле на безрезервна поддршка во цела Македонија. Знајќи дека главнината од промакедонската струја на Црвенковски доаѓа од Универзитетот, Тито во своето обраќање меѓудругото нагласил дека во македонскиот универзитет нема вистинска организација, што е невозможна работа: „Таму се образуваат луѓе кои утре ќе ве заменат вас. Какви ќе дојдат оттаму? Дали тие се воспитуваат во марксистички дух? Што им предаваат тие професори?“. Се разбира, нападот е насочен кон главната струја на македонскиот либерализам, во кој, покрај Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски и Ќамуран Тахир, биле и Љупчо Арнаудовски, Милан Недков, Димитар Мирчев, Томислав Чокревски и други. По заминувањето на Тито, Колишевски и неговата струја добиваат одврзани раце да се справат со либералите, всушност со промакедонската струја во Комунистичката партија на Македонија. Во вилата „Водно“ во Скопје била одржана затворена седница на политичкиот врв на Македонија, а таа седница всушност е една од најзначајните епизоди во судирот што се одвивал на македонската политичка сцена за време на пресметката со македонскиот либерализам. На инсистирање на Колишевски, но и под менторство, се разбира, во вилата „Водно“ се собрало партиското и државно раководство на Макединија, со исклучок на Славко Милосавлевски, кој бил повикан но не се одзвал на поканата. Значи, според записникот, на седницата присуствувале А. Чемерски, Б. Денков, Н. Бошале, Б.Демирова, М. Митров, С. Салиу, Б. Силјановски, С. Стојчевски, Д. Беловски, К. Глигоров, С. Георгиева, Р. Петровски, Х. Рамадани, Л. Колишевски, К. Црвенковски, Н. Минчев, К. Богоев,. Б. Станковски, П. Давков, З. Билјановски и Мара Минанова. Според излагањето на Димче Беловски, на пример, либералите во Македонија се „групација која добива агресивни карактеристики, почнува да притиска, да крши на еден или на друг начин…“, додека Лазар Колишевски изразил „негодување што во телевизиските преноси повеќе време се одвојува за посетите на Црвенковски на странските земји, а Тито е помалку застапен на телевизијата дури и кога е во дипломатски мисии“. Мошне интересно излагање имал и Благој Попов, кој рекол дека се работи за „националистичко-либералистичка спрега“, која преку кадровската политика настојувала да ги зацврсти своите позиции, обвинувајќи го Славко Милосавлевски за елитизам. Сепак, се чини, најбесмилено излагање имал имал Страхил Гигов, кој, барајќи одговорност за Милосавлевски, Мирчев и Недков за нивните ставови и идеи, изјавува дека „либерализмот е најголема опасност за Македонија“, илустрирајќи го тоа со фактот дека „мене ми се смачуваше кога Гоце Делчев…почнаа да го прават идеолог на нашата револуција… Ако ова движења продолжи, за три-четири години Гоце Делчев ќе биде поголем и од Маркс и од Ленин и од Тито“.

РАСЧИСТУВАЊЕ СО ПРОМАКЕДОНСКАТА СТРУЈА

Сепак, според д-р Невен Радически, за разлика од некои други политички егзекуции, симнувањето на Крсте Црвенковски од политичката сцена не било толку драматично, иако и тој, како и останатите, подоцна ќе ги почувствува сите последици на „антилибералистичкиот“ удар. Откако му завршил мандатот во Претседателството на  СФРЈ во 1974 година, поради противењето на Колишевски и на некои други југословенски конзервативни политичари, пропаднале и обидите за негов избор за член на Советот на федерацијата. Исто така пропаднале и комбинациите Црвенковски да добие амбасадорска функција. По истекот на мандатот, неговиот ангажман во политиката едноставно престанал и тој бил принуден да се пензионира. Неговите повеќекратни обиди, преку Доланц, да воспостави контакт со Тито, за да ја објасни својата позиција, останале безуспешни. Во натамошниот период, се до падот на комунизмот, Црвенковски не бил повикуван на ниту еден битен собир посветен на одбележувањето на одредени настани од НОБ, во која бил активен учесник и нардиоен херој, па неговото присуство би било речиси задолжително. Биле забрането објавување на сите негови излагања, јавни телевизиски настапи, додека фотографиите од настаните на кои бил присутен, вешто биле преработувани за да се отстрани неговиот лик. По остранувањето на либералите, повторно станале доминантни старите партиски кадри, оние кои го оневозможивале процесот на демократизација на општестството, смета м-р Радически. Се разбира, Ангел Чемерски останал на чело на СКМ уште десеттина години, во кои речиси и немало некои значајни иницијативи за натамошен развој на Македонија. Колишевски на голема врата се вратил во врвот на југословенската и македонската политика, и имал пресудно влијание и контрола врз сите сфери на општеството. Во Претседателството на СФРЈ останал три мандати, односно еден повеќе од она што било предвидено со Уставот на Федерацијата од 1974 година.

Превземено од: Денешен.мк

loading...