Може или не може Иванов да интервенира ако владата склучи договор со Грција?

АКЦИЈА
loading...

Позицијата контра ерга омнес на претседателот Иванов не би требало да има влијание доколку конечното решение се најде на маса, смета поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски. Според Уставот, склучувањето меѓународни и билатерални договори е обврска на Иванов, но, тоа право го има и Владата.

Претседателот на државата, како одговорен орган за спроведување на Уставот и законите, треба да ги цени интересите на државата. Во конкретниот случај, формално може да го одбие договорот, но тој не може да го одбие меѓународниот договор доколку го склучи Владата. Тој не може, ниту смее да одбие егзистирање на еден таков меѓународен договор“, вели Ивановски.

Склучените меѓународни договори подлежат на ратификација, а неа ја врши Собранието. Ако законот, односно ратификацијата на договорот се донесе со двотретинско мнозинство, не постојат формални елементи за претседателот Иванов да се спротивстави. Но, тука повторно може да се случи Иванов да не го потпише указот за прогласување на договорот со Грција, како што претходно тоа беше случај со Законот за јазиците во Собранието.

Доколку претседателот сака тоа да го спречи или да ја продолжи таа игра со непотпишување на указот за прогласување на законот тоа би било неодговорно и би претставувало уривање на правниот поредок. Ако си допуштиме како држава, тие меѓународни договори да паѓаат на таков формален чин, да не се потпише указот за прогласување, или се наоѓаат други формални закачки, мислам дека нема никој да не прифати нас во меѓународната заедница или други држави како одговорен правен субјект или како држава“, додава Ивановски.

Ивановски се надева дека и покрај најавите, шефот на државата нема да го закочи процесот, но и владата ќе поведе сметка за задржување на идентитетот на државата.

Извор: Алсат

loading...