Премиер на прекрстена држава

АКЦИЈА
loading...

Колумна на Солза Грчева, за Вечер

Си седнаа така опуштено, едниот сегашен премиер, другиот претендент на престолот и ни одиграа претстава како од јапонскиот кабуки театар. Фалеше само гонгот при секоја “поента”. Ама фалеше, дека немаше поенти. Како што немаше ни поента човек да си го врзе времето да слуша муабет на двајца луѓе кои во својот еготрип, се однесуваа како малку подналутени сестри.

Ни мрмореа полека и домаќински за цевки со гас, за тоа кој бил асистент кај кого, каде фирмите на Заеви пуштиле пипала, за метри кубни, за километри, килограми, евра, за ветувања кон народот, за важноста на народот и се така редум. Сестриве, малку ќе си подвикнеа, малку под око ќе се гледаа, дури и ишарети си даваа за тоа кој кому кажал да молчи кога не требало да ги оддава нивните семејни тајни, и се така преди, реди. Дури и она “не само што лажеш, туку сушиш” беше онака дел од нашиот богат, пријателски фолклор.

Како што е и дел од нашите обичаи, иако подналутени, да се понудиш да помогнеш на сестрата која е во небрано. Како советник заедно со дузина креатури чии последици од советите ги чувствуваме катадневно. Да, знаеме дека е земјата во хаос, да знаеме дека е корумпирана, да знаеме дека од криминал и уцени дојдовме до оваа бездна. Но за тоа, тие се најмалку квалификувани да зборуваат. Бидејќи Македонија не е прва во Европа по корупција поради мене, туку поради партиите чии репрезенти се токму тие двајца. Фалеше уште шефот на ДУИ. Систематски е ограбувана досега и така продолжува.

Ова ни го залепија и во последната “чиста“ препорака и во нон-пејперот. Затоа ми е смачено да ги слушам наддавањата во евра и криминал во стилот јас помалку, ти повеќе. За волја на вистината, очекував да има понекој силен шамар за Поткуп, кога ослободениот премиер гордо извикна по пресудата:“ова не е веќе судот под влијание на Груевски“, а ние сите си ги прекасавме усните да не прснеме од смеење. Инаку, само неколку саати пред дуелот судот, сега под влијание на Заев, го осуди Груевски за Мерцедесот, кој е сега на Заев. Не навлегувајќи во објективноста на пресудите, само можам да кажам дека во коинциденции не верувам. Се додека е мојата татковина темен вилает.

И целиот овој таканаречен дуел би бил и симпатичен, за многу и поучен, кога не би била во прашање Македонија, туку да речеме, некоја земја која нема иманентна загроза од исчезнување на една нација. А за тоа прашање, кое беше некаде подолу во агендата, ситуацијата се вжешти, та траеше дури цели пет минути. Во ист ред со цевката од Петрич до Струмица, во ист ред со Мерцедесот. Премиерот потскокна во неверица и го запраша соговорникот да одговори сега и веднаш, што имал овој против Република Илинденска Македонија?! Соговорникот откако одмолча некоја минута, како од топ одговори дека Устав нема менување.

Значи арно си е името на креативните умови кои сакаат на сите да ја проектираат својата полуписменост и да ни подметнат теза во која ако кажеш нешто против Вселенската Патријаршија во Цариград, ти си всушност против вселената. Премиерот во обид, не најде за сходно да каже дека со ова “решение“ всушност добиваме локално име за меѓународна употреба, без превод според желбите на Грците. Дека ќе легнеме Македонци, а ќе се разбудиме Илинденци. За “македонски“ јазик без превод и да не зборуваме. За секуларниот карактер на државата, не се сети. Ова ми е дежа ву ситуација кога целата поранешна опозиција зборуваше против естетиката на Скопје 2014, а сегашниот премиер даде некоја локална изјава, парафразирано: абе убаво е, ама треба и во другите градови, да речеме Струмица.

Во секој случај на граѓаните им е јасно дека премногу се “шупоти“ зад сцената за сега најважното и единствено прашање: уцената од Грција и нашата позиција на жртвено јагне. Впрочем оваа Влада и не крие, ниту може да сокрие, дека на ништо друго и не работи освен на преименување на државата. А тоа го прави на скандалозен и неодговорен начин. Лаже и суши, се согласувам. Распродажбата следува во јуни и јули, месеците кога насекаде има распродажби по дуќаните. Според трговската логика на носителите на “животот“.

А најголемата опозиција ќе протестира за погрешните владини политики, за чии што “реформи“ и како нивна поддршка, седи во Собранието и заедно ги пишуваат законите. Срамежливо го додадоа во мотото и она за националните интереси. Но, кои се истите, не дознавме. Идеа: а да бараат итен прекин на преговорите со уценувач? А да ги поддржат јавно сите граѓански протести против промената на името?! Бидејќи, да им откријам една тајна: оваа Влада не дојде на власт за реформи и за некаков си живот за кој никој однадвор не дава пет пари, туку да не внесе во НАТО (не во ЕУ) со промена на името. Според тоа, таа нема да падне дека не ни донела плати од 500 ЕВРА, туку ќе ја паднат ако не ја исполни дадената беса.

Главниот опозиционер, по сево ова, неоспорно полн со експертско знаење, е спремен да се намести за премиер на прекрстената држава, каде навистина ќе може да работи со бројки и букви до мила волја. Може и да му понуди на Заев да биде советник за рано градинарски култури. Но, тоа ќе биде држава без Македонци, без македонски јазик, понижена ерга омнес. За среќа, народот, оној на кој се повикуваат, нема тоа да го дозволи.

Јавуваат дека најсреќни биле од “меѓународната“ која овој дуел го гледала како голем исчекор во нашата демократија. Не догледав до крај за да видам дали можеби долу на екранот пишувало: спонзорирано од USAID. Не би ме чудело

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)

loading...